СУША ВО ЕВРОПА?! – ВОДАТА ВЛЕЗЕ ВО ГЕОПОЛИТИЧКИТЕ ВОДИ
- Се појавија повеќе теории зошто ги снема реките во Европа. И во сите теории јасно е дека водата станува сѐ поскап ресурс, па и алатка во геополитичките игри. Како што тврдеше нашата редакција во своите анализи, сега се потврдува – водата е стратегиски ресурс што добива на значење во концептите на суверенистичките сили
- На нашиот континент има (можеби) доволно вода, но вџашувачки е фактот дека водоводниот систем е стар околу 80 години и ретко која влада инвестирала како што треба. Затоа и има големи загуби во водоводните мрежи. Но, токму затоа, охрабрувачки е што сега им е даден приоритет на сериозни подготовки за радикални зафати за анулирање на овој акумулиран проблем, каде што Македонија држи неславен рекорд
Коритото на една од најголемите европски реки и важна транспортна артерија во Западна Европа – Рајна – ова лето се повлече на историски минимуми. Црвениот аларм беше вклучен откако убавиот син Дунав исто така се повлече на рекордни минимуми во одредени зони, по што мораше да се внимава на безбедноста на нуклеарните реактори што се ладат од неговите води. Зошто ова лето Европа виде вакви драматични слики на празни речни корита од кои излезе историјата како заборавен артефакт?
Се појавија неколку тези, но главни се две – првата дека тоа се должи на климатските промени, а втората е дополнета со огромната жед за вода на новиот иновациски феномен наречен дата-центри. Која теорија и да ја земеме, крајниот резултат покажува само дека водата не е само неопходен и веќе скап ресурс туку и геополитичка алатка. Тоа се истакнува и во неколку релевантни европски и светски анализи, а на ова прашање значајно место му посвети и „Нова Македонија“ во повеќе свои текстови. Дотолку повеќе што во неодамнешна анализа, кога зборувавме за суверенизмот како доминантна идеологија што го освојува светот, ја спомнавме токму водата.
ДРАМАТИЧНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА ЕВРОПА
Нашата редакција со особено внимание ги следи анализите на невладината организација „Вотер Европа“ со седиште во Белгија, која изнесува драматично предупредување за состојбата со водата за пиење во Европа, континент што има доволно вода, но има огромни пропусти во застарениот водоводен систем, што придонесува за загуби на вода, кои во некои земји се драматични. Ако се прашувате каде е во тој поглед Македонија, одговорот што го даваат сите релевантни статистики е – земја со драматични загуби.
Во својот Годишен извештај 2025-2026 „Вотер Европа“ предвидува дека глобалната побарувачка за вода ќе се зголеми за 55 проценти до 2050 година. Во Европа,проблемот е дополнително влошен поради старите цевки што протекуваат: дури 23 проценти од третираната вода од чешма никогаш не стигнуваат до потрошувачите, главно поради протекување. Загубите се движат од шест проценти во Холандија до 45 проценти во Бугарија. Проблемот, според таа невладина организација, би можел да се реши со користење вештачка интелигенција, со што би се спасиле годишно околу 3 милијарди евра, а со тоа и најмалку 13.000 работни места.
Сушата и топлината, какви што моментално се доживуваат во Европа, не само што бараат повеќе вода од водоснабдувањето туку и дополнително ги загрозуваат старите и слаби водоводни цевки поради слегнување и намалување на почвата. Зошто Европа има застарен водоводен систем? Зошто не се инвестирало досега во нешто што е неопходност? Дали затоа што водата е, сепак, многу евтина? И кога се спомнуваат парите, можеби тука треба да се бара одговорот на прашањето зошто водоводните системи се оставени да пропаѓаат – не носат големи профити. Дали ова можеби е некаков портал за влез на крупниот капитал во сферата на водоснабдувањето? Некои лобираат за тоа во Брисел и во Стразбур. Одамна лобираат, па затоа може да се очекува и дека некои национални бастиони би можеле да ја изгубат суверенистичката битка, а со тоа и водата!
Дирк Крол, извршен директор на „Вотер Европа“, вели дека дигитализацијата би можела да ги спаси водоводните мрежи. „Вештачката интелигенција со постројките за повремена инспекција и реактивна интервенција ќе донесе постојан мониторинг, предвидливо одржување и проактивен менаџмент“. Секако и тука противниците на ВИ се јавуваат со контратеза и тврдат дека со новите технологии ништо посебно нема да се реши. Тие сметаат дека со дигитализацијата на водоводите ќе се создаде можност за хакерски напади на системите или еден вид нова (хибридна) војна за водите. И ова е само уште еден показател дека се води сериозна битка за водите.
ПОДЗЕМЕН КАТАСТАР ШТО ДАТИРА ОД ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА
Подземниот катастар покажува дека во Европа има 4,4 милиони километри водоводна мрежа и околу 2,6 милиони канализациска мрежа, главно изградена по Втората светска војна, што значи – застарена. Осумдесет години по изградбата на таа огромна инфраструктура, без поголеми интервенции, се покажуваат јасните симптоми на сериозноста на состојбата – под влијание на физички и хемиски фактори се јавуваат големи и многубројни дефекти.
– Поголем дел од водоводната инфраструктура во Европа е под земја, па затоа останува за политиката и за јавноста невидлива сѐ додека не се случи нешто. Цевките се исто така инвестиција за долго време и затоа се очекува да траат со децении, а честопати тарифите и јавните буџети не секогаш ги покриваат целосно чинењето на работата, одржувањето и нивната обнова – истакнува Крол.
Еден централно-десничарски политички поглед на проблемот со водата фрла нова светлина на проблемот. Европарламентарката Хилдеград Бентеле од Европската народна партија, која претседава со Групата за вода, смета дека тоа што не се обрнува доволно внимание на одржувањето на инфраструктурата е затоа што Европа никогаш не ја вреднувала водата, сметајќи ја за евтин и лесно достапен ресурс.
– Претходно водата не беше сметана за стратегиски приоритет, прашање што сега со стратегијата за водна отпорност се зема предвид – објаснува таа.
Освен цената на водата, која се смета дека е прениска, како на пример во Романија, каде што еден кубик вода чини околу 90 денари, Европа е соочена со уште еден предизвик, сигурно и најголем. Водата е основно човеково право и ќе биде голем предизвик како да се најде некоја оптимална средина меѓу цената и достапноста на водата за пиење. Главната опасност може да дојде од големите корпорации, како на пример „Нестле“, кои би можеле да ја приватизираат водата и да отворат ново поглавје во Европа непознато досега во својата историја. За секој случај, Словенија донесе уставна заштита за водата, која им припаѓа на граѓаните.
Скопје во костец да не губи пивка вода колку две дојрански езера
Надлежните транспарентно информираат дека посебен проблем е наталожен со загубата на пивка вода во водоснабдителните системи, кои изнесуваат алармантни 63,05 проценти на национално ниво, што ја рангира земјата меѓу највисоките во регионот и во Европа. Според официјалниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), од вкупно произведените околу 245 милиони кубни метри вода годишно, дури 146 милиони кубни метри се губат и никогаш не стигнуваат до крајните потрошувачи, а тоа значи и дека нема наплата за таа вода.
Загубите во апсолутен волумен се најизразени во најголемите урбани центри, а Скопје предничи. Надлежните од Град Скопје тој факт не го кријат, па дури и транспарентно го отвораат со цел да ја издигнат свеста кај граѓаните, истовремено претставувајќи динамичен план за акумулираните сериозни недостатоци и зафати за нивно справување. Имено, според информациите, Скопје годишно губи дури 63 милиони кубни метри вода, што претставува околу 43 отсто од вкупната изгубена вода на национално ниво. Сликовито тоа изгледа вака: еден стандарден олимписки базен со димензии 50м × 25м × 2м собира точно 2.500 кубни метри вода. Ова количество вода може да наполни дури 25.200 олимписки базени. Ако се наредат овие базени еден зад друг по должина, тие би направиле линија долга 1.260 километри (што е речиси четири пати повеќе од должината на цела Македонија од исток до запад). Да заклучиме – само Скопје годишно губи вода доволно да се наполнат речиси две дојрански езера! Но добрата вест е што покрај детектирањето на проблемот, забрзано се подготвуваат зафати за целосен скорашен пресврт на овие низ годините наследени проблеми.
И Гостивар бележи годишна загуба. Таа изнесува речиси 9 милиони кубни метри. Натаму, Тетово губи околу 7 милиони, Кичево над 6 милиони и Охрид 5,8 милиони.
Од сите достапни релевантни податоци јасно е дека Македонија се соочува со сериозни климатски ризици и затоа земјата мора да се подготвува сериозно за наредните децении. Втор проблем е човечкиот фактор, а тоа е енормното и честопати неконтролирано загадување на водните потенцијали, кои се полнат со опасни патогени, но и со тешки метали. Ако сега не се преземат мерки со нагласен суверенистички пристап во однос на водата, а тоа значи дека државата треба да ги преземе под свое и полека да ги исфрла од игра концесионерите, кои потфрлија во својата улога да бидат и чувари на нашето водно богатство, тогаш еден ден ќе речеме дека сега е многу доцна да реагираме. Последиците ќе бидат големи и скапи. Веројатно еден ден ќе ја добиеме и цената на тоа колку нѐ чини хаваријата во Гостивар, која не мораше и не смееше да се случи. И конечно два проекта мора да бидат приоритет, кои еден ден ќе бидат нашиот сплав за спас – Чебрен-Галиште и секако проектот над сите проекти – Вардарска Долина. Два капитални национални и државни проекти. Х.И.
Македонија треба да инвестира над шест милијарди долари за спас од климатските удари
Македонија ова лето нема посериозни проблеми со водотеците, пред сѐ благодарение на поволната хидролошка состојба минатата есен и зимата. Но на виделина излезе еден сериозен проблем, како што е загадената вода во водоводот во Гостивар, што покажа слабост на системот за надзор и одржување. Генерално, според извештаите на Светската банка, но и наши мониторинг-извештаи, земјата се соочува со загадени речни сливови, и тоа како на пример за реката Вардар, каде што на одделни места водата е од четврта и петта категорија. Во својот последен извештај од 2024 година Светската банка нагласува дека Македонија се соочува со сериозни економски и климатски ризици поврзани со водите, при што најкритични се зголемениот јаз помеѓу побарувачката и понудата на вода, застарената комунална инфраструктура и ранливоста на земјоделството на суши. Во предвидените стратегии што треба да се применат интензивно до 2030година и долгорочно до 2050 година нашата земја во секторите поврзани со водата и водоснабдувањето ќе треба да инвестира околу 6,5 милијарди долари, што е приближно исто колку што се трошоците за одбраната. Предвидувањата се дека Македонија може да ги оствари климатските планови без посериозни економски проблеми, но ќе треба строго да се држи до упатствата.


































