За европските парадокси
- Дали европскиот политички модел сè уште има доволно економска сила, институционална кохезија и стратешка самостојност за да ги оствари сопствените амбиции?
ЕУ можеби е една од најголемите светски економски и политички сили, располага со развиена индустрија, научни институции, огромен единствен пазар и високи социјални стандарди. Истовремено, сè потешко ја претвора таа акумулирана моќ во економски раст, технолошка предност и независност во безбедносната политика. Така, Европа денес се соочува со еден колосален внатрешен парадокс. Во едни такви околности, природно е европските лидери да ги посочуваат „надворешните притисоци“, како еден вид алиби за кризата, и „предизвикувачите на кризата“, како што се војната во Украина, променетите односи со Вашингтон, економската конкуренција од Кина и нестабилноста на глобалните пазари. Точно дека сите овие фактори имаат реални последици. Но тие не даваат целосен одговор на прашањето зошто Европа толку често се наоѓа во позиција да реагира (реактивно, не проактивно) на кризите наместо да ги обликува условите во кои тие се развиваат.
Континент што губи чекор
Вистинскиот проблем е можеби подлабок од геополитичката конфронтација. Европа се соочува со последиците од сопствените одложувања, одолжувања, тромост…
– Одложено продлабочување на единствениот пазар, недоволни инвестиции во технолошки капацитети, нецелосна енергетска интеграција, долгогодишно недоволно координирање на одбраната и политичка неспособност различните национални интереси секогаш да ги претвори во заедничка стратегија. Предупредувањето на Марио Драги за иднината на европската конкурентност не беше обична критика на бриселската администрација. Тоа беше предупредување дека европскиот економски модел ризикува да ја изгуби способноста да создава нова вредност со темпото што го бара светската економија – вели наш соговорник, политички аналитичар.
Податоците на Меѓународниот монетарен фонд ја потврдуваат сериозноста на проблемот. Во претходните две децении продуктивноста на големите европски компании растела побавно од онаа на американските конкуренти, а европските технолошки компании не успеале да го следат темпото на американскиот технолошки сектор.
– Продуктивноста влијае врз платите, конкурентноста, јавните приходи и способноста на државите да ги финансираат своите социјални системи. Економија што произведува помалку вредност со истите ресурси има помал простор да ги финансира истовремено одбраната, здравството, образованието, инфраструктурата и пензиите. Европа не страда од недостиг од знаење. Таа има универзитети, научници, индустриска традиција и технолошки капацитети. Проблемот е што тие ресурси не се претвораат доволно брзо во големи, глобално конкурентни компании. Фрагментираниот пазар, ограничениот ризичен капитал и националните административни пречки го отежнуваат растот на иновативните бизниси – вели нашиот соговорник, додавајќи дека токму во ова се наоѓа една од најсериозните противречности на европскиот проект.
Имено, тој тврди дека Унијата создаде огромен заеднички пазар, но сè уште не ги отстрани сите пречки што ги спречуваат европските компании да функционираат како вистински континентални, а потоа и глобални играчи.
Енергетиката како огледало на стратешките грешки
Енергетската криза ја покажа разликата меѓу економската големина и вистинската стратешка автономија. Европа можеби има огромен пазар, но ако нејзината индустрија падна поради запирањето на увозните енергенти чии цени и достапност европските елити ги сменија на полошо со промена на европската геополитиката, тогаш европската конкурентност останува ранлива.
– Војната во Украина ја промени енергетската карта на континентот. Но цената на промената не може да се објасни само со војната. Европа влезе во кризата со значителни бенефити од рускиот гас, а нејзините национални енергетски стратегии не беа еднакво подготвени за брза диверзификација, при промена на политиките на Брисел. Европската комисија и самата предупредува дека цените на енергијата остануваат повисоки од оние на главните конкуренти, делумно поради зависноста од увозни фосилни горива и нецелосната интеграција на електроенергетските системи. И тоа е суштината на проблемот, што надворешниот шок ја откри слабоста, но не ја создаде целата нејзина структура – вели нашиот соговорник, политички аналитичар.
Тој додава дека Европа некако успеа да најде алтернативни снабдувачки канали на енергија, но далеку од доволно.
– Диверзификацијата не беше бесплатна, а поскапата енергија може уште повеќе да ја намали конкурентноста на хемиската индустрија, металургијата, производството на ѓубрива и другите енергетски интензивни сектори – анализира тој.
Демографијата не чека политички договор
Европските политички дебати често се концентрираат врз избори, буџети и надворешни конфликти. Но под површината се одвива промена што може да има уште подолгорочни последици, а тоа е стареењето на населението. Во врска со тоа нашиот соговорник има свое мислење.
– Стапката на фертилитет во ЕУ во 2024 година статистички изнесувала 1,34 деца по жена, а уделот на населението на возраст од 65 и повеќе години достигнал 21,6 отсто. Овие бројки не значат дека европските општества неизбежно ќе осиромашат. Тие значат дека економијата и јавните системи мора да се приспособат на нова демографска реалност. Постарото население подразбира поголема потреба од здравствени и пензиски услуги, додека намалувањето на работоспособното население може да го ограничи економскиот раст. Ако продуктивноста не се зголемува доволно брзо, европските влади ќе мора да прават потешки избори меѓу даноците, јавните расходи и социјалните ветувања – вели тој.
Соговорникот се надоврзува на ова прашање и со предизвикот на миграцијата, како компатибилна тема.
– Миграцијата може да помогне во ублажувањето на недостигот од работна сила. Но за тоа се потребни функционални правила, интеграција, образование, признавање на квалификациите и ефикасно управување со азилот. Претворањето на миграцијата во постојана политичка пресметка не го решава ниту демографскиот проблем ниту проблемот на интеграцијата. Во оваа област, европската слабост е помалку прашање на една погрешна одлука, а повеќе прашање на долгорочна неподготвеност да се соочат демографските трендови – тврди политичкиот аналитичар.
Воено-одбранбениот сектор открива колку е тешко да се дејствува заеднички и координирано во ЕУ
Војната во Украина беше згодна шанса за Брисел повторно да ја отвори дебатата за „сопствената безбедност“. Одбранбените буџети растат, но растот на расходите не е исто што и создавањето интегрирана воено-одбранбена моќ.
– Различните стандарди, индустриските интереси и политичките преференции создаваат дуплирање и поскапи проекти. Кога секоја држава се обидува да ја заштити сопствената индустрија, заедничкиот европски пазар на воено-одбранбена опрема останува нецелосен. Ова со милитаризацијата како проект на Брисел е типичен пример за поширокиот европски проблем за тоа како европските држави се согласуваат за целта, но тешко се согласуваат за средствата. Истата противречност се појавува и во економската политика, миграцијата и енергетиката. Унијата има капацитет да донесува заеднички одлуки, но не секогаш и политичка волја да ги спроведува на начин што ги надминува националните интереси – анализира нашиот соговорник.
Кризата на довербата е посложена од приказната за распад
– Да се разбереме. Не би било точно да се тврди дека европските граѓани масовно го отфрлаат европскиот проект. Истражувањето на „Евробарометар“ од есента 2025 година покажува дека 74 отсто од испитаниците сметале дека нивната земја има корист од членството во ЕУ, додека 59 отсто биле оптимисти за нејзината иднина. Но истите резултати покажуваат и дека граѓаните сакаат поголема економска независност и посилна способност на Унијата да дејствува во свет со зголемена неизвесност. Тоа е важна разлика. Проблемот не мора да биде во отфрлањето на европската идеја, туку во незадоволството од начинот на кој таа се спроведува. Граѓаните не ја оценуваат Европа само според договорите, директивите и институционалните процедури. Тие ја оценуваат преку цената на енергијата, достапноста на становите, платите, здравството, безбедноста и перспективите за своите деца. Кога политичките институции не можат убедливо да покажат дека нивните одлуки ги подобруваат овие услови, се отвора простор за политичка поларизација и за оспорување на постојниот консензус – констатира нашиот соговорник.
Надворешниот притисок не ја ослободува Европа од одговорност
На крајот на брифингот со нашиот соговорник, разговорот го заокружуваме враќајќи се на почетокот за тоа дека како оправдување за европската криза, елитите од Брисел природно се вртат кон „надворешните притисоци“, како еден вид алиби за кризата, и кон „предизвикувачите на кризата“, како што се војната во Украина, променетите односи со Вашингтон, економската конкуренција од Кина и нестабилноста на глобалните пазари.
– Уште еднаш ќе подвлечам. Точно дека сите овие фактори имаат реални последици. Но тие не даваат целосен одговор на прашањето. Не е оправдано тие да се сведат на изговори, ниту е оправдано сите европски слабости да им се припишат на европските институции. Но исто така не е одржливо секоја внатрешна слабост да се објаснува со надворешен непријател. Ако европските компании заостануваат во продуктивноста, потребни се реформи на пазарот, инвестиции и технолошка стратегија. Ако енергијата е прескапа, потребни се други приоди, а не саботажи на енергетската инфраструктура… Ако воените расходи растат без соодветна координација, а сметам и дека непродуктивно се трошат таму пари, тогаш потребни се заедничко планирање и поефикасни набавки. Ако демографијата го притиска социјалниот модел, потребни се долгорочни политики што ќе ги поврзат продуктивноста, семејството, работната сила и миграцијата. И сето ова се разбира дека не може да се реши со фрлање на вината и промена на надворешнополитичката реторика – вели политичкиот аналитичар.
Вистинскиот тест за европското лидерство не е дали ќе најде виновник за секоја криза, туку дали ќе може да ги претвори кризите во причина за реформи што предолго биле одложувани.
– Европа не мора да се распадне за да ја изгуби својата тежина во светот. Доволно е другите да станат побрзи, поиновативни и поорганизирани, додека таа продолжува да преговара за одлуките што веќе знае дека мора да ги донесе. Тоа е вистинската опасност, а не нужно ненадеен колапс, туку постепено губење на конкурентноста, влијанието и слободата на дејствување. Сметам дека тоа е повеќе резултат на сопствените одложувања, отколку дека е последица на надворешните притисоци. Всушност, надворешните притисоци се последицата од внатрешните штетни политики на актуелен Брисел – анализира нашиот соработник, политички аналитичар.































