Во просториите на Кинотеката на Македонија во петокот им беше доделена „Цветиновата награда за мир“ на претставници на неколку образовни установи што опстојуваат во скопската општина Кисела Вода.
Познатиот македонски уметник и амбасадор на мирот Живко Поповски- Цветин плакетите на кои се насликани петте златни ружи, симболот на мирот на петте континенти, свечено им ги врачи на претставниците на наградените училишта и една градинка, а децата и учениците од своја страна му подарија свои ликовни и литературни творби на саканиот уметник.
Тој ги пофали сите и им се заблагодари, нагласувајќи дека е голем пријател на децата и голем број свои активности им ги посветува токму на најмладите.
Во чест на долгогодишната и плодна соработка со Цветин годинава од општината Кисела Вода, преку секторот за култура се наградени: ООУ,,Круме Кепески“, ООУ,,Св. Климент Охридски“, ООУ „Невена Георгиева-Дуња“, ЈДГ „Весели цветови“ и СЕПУГС „Васил Антевски- Дрен“. Најмлад добитник на наградата е првачето Марко од ООУ „Свети Климент“, кој на Цветин му подари цртеж со прекрасни цветови.
Како што ни рече нашиот голем хуманитарец, тој со него се запознал на аеродром во Милано, на 21 септември 2022 година, кој се одбележува како Светски ден на мирот, каде што направил изложба. А Марк, пак, со семејството бил таму, бидејќи патувал за Шпанија.
– Марко беше украс на оваа изложба, а и самиот наслика неколку цвета. Оттогаш сме големи пријатели. Инаку, сите мои изложби периодов и наградите што им ги доделувам на институции и поединци се по повод 38 години од мојата прва изложба „Цвеќе на мирот“, која се одржа на 10 октомври 1985 година во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. И, ете, оттогаш овие цвеќиња патуваат низ Македонија и низ целиот свет. Настанот го поврзав и со 77 години постоење на организацијата за заштита на децата УНИЦЕФ, со 75-годишнината од донесувањето на Декларацијата за човекови права и слободи и 78 години постоење на Обединетите нации – ни рече Цветин.
Неговите слики што се изложени во Кинотеката на Македонија во Скопје, тој ги насликал по повод 75 години постоење на Државниот завод за статистика.
Сите овие години Цветин ја шири пораката: „Цвеќето во човекот не го сака ветерот на војната. Јас не измислувам нови цветови, туку ги пресликувам цветовите во луѓето што ги сакаат слободата и мирот“ и слики со овие зборови наскоро ќе испрати до сите земји членки на ОН, бидејќи токму сега треба да стигнат до нив.
Почитуваниот Цветин на сите наградени им подари монографија за неговиот живот, со која ќе бидат збогатени училишните библиотеки, а секако и секој од присутните си замина со по едно дело „Цвеќе на мирот“.
М.Т.