Дебатите за Законот за правична застапеност како повод
Од малцински привилегии кон мерит-систем
Повеќе од две децении по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, Македонија повторно отвора една од најчувствителните политички и уставни дилеми: дали инструментите што беа создадени како механизми за стабилизација по конфликтот од 2001 година треба да останат трајна карактеристика на политичкиот систем или, пак, е време државата постепено да премине кон модел заснован исклучиво на владеење на правото, еднаквост на граѓаните и мерит-систем. Во оваа дебата повторно се актуализираат прашањата за правичната и соодветна застапеност, т.н. балансер, Бадентеровото мнозинство и различните форми на позитивна дискриминација.
Ад хок мировниот охридски компромис стана траен систем
Охридскиот рамковен договор беше создаден во специфични историски околности. Неговата примарна цел не беше да изгради идеален демократски модел, туку да стави крај на оружен конфликт и да создаде институционални гаранции дека ниту една етничка заедница нема да биде системски исклучена од државните институции. Во таа смисла, инструментите што произлегоа од договорот беа замислени како механизми за градење доверба меѓу заедниците и за интеграција на претходно недоволно застапените групи во администрацијата, полицијата, армијата и другите јавни институции. Прашањето што сè почесто се поставува денес е дали тие механизми треба да останат трајни или нивната историска улога постепено е исцрпена.
Судир на два концепта на демократија
Во суштина, дебатата не е само политичка туку и филозофска. Од една страна е концептот на консоцијална демократија, според кој во длабоко поделени општества стабилноста се обезбедува преку институционални гаранции за сите заедници. Во ваквиот модел колективните права имаат значајно место, а политичкиот систем признава дека етничката припадност има уставно и политичко значење. Од друга страна е граѓанскиот модел, според кој државата не треба да прави разлика меѓу граѓаните врз основа на нивната етничка припадност. Во овој концепт единствен релевантен критериум за пристап до јавните функции се компетентноста, интегритетот и професионалните способности. Практично, судирот е меѓу колективните и индивидуалните права како примарен темел на политичкиот систем.
Аргументи против етничките клучеви/механизми
Критичарите на етничките квоти и на механизмите за правична застапеност наведуваат неколку суштински аргументи.
Прво, тие сметаат дека државата ги третира граѓаните како припадници на етнички групи наместо како индивидуи со еднакви права.
Второ, системот на етнички квоти може да доведе до релативизирање на мерит-системот. Доколку етничката припадност стане еден од клучните критериуми при вработување или унапредување, тогаш професионалните квалификации не се единствениот фактор при изборот.
Трето, ваквите механизми може да поттикнат политизација на администрацијата. Наместо институциите да се градат околу професионализам, тие ризикуваат да станат простор за исполнување етнички и партиски баланси.
Четврто, со текот на времето се создава впечаток дека етничката припадност станува политички капитал, што дополнително ја зацврстува поделбата на општеството.
Накусо и за контрааргументите
Поддржувачите на овие механизми (етнички клуч) возвраќаат дека „ваквата критика ја занемарува специфичната реалност на мултиетничките држави“. (Редакциска забелешка: Оваа групација, како што е ДУИ, го игнорира фактот дека Македонија НЕ е мултиетничка држава, туку е мултиетничко општество.)
Така, според нив, формалната еднаквост не е доволна ако историски постоела нееднаква застапеност или дискриминација. Затоа, позитивната дискриминација не се гледа како привилегија, туку како „инструмент за постигнување еднаквост“. Дополнително, тие предупредуваат дека „ненадејното укинување на ваквите гаранции може да создаде чувство на несигурност кај заедниците што токму преку нив стекнале доверба во институциите“.
Од оваа перспектива, правичната застапеност не е спротивност на демократијата, туку дел од политичкиот компромис врз кој е изградена постохридската македонска држава.
Европски искуства
Компаративното искуство покажува дека не постои единствен модел. Ниту примерот на Белгија ниту примерот на Швајцарија, кои најчесто се споменуваат од поддржувачите на институционализираната позитивна дискриминација, не се компатибилни за компаративна анализа со Македонија, бидејќи ниту карактерот на државите ниту политичкиот систем не е како оној на македонската држава.
Она што е за издвојување од европските искуства е фактот дека во западноевропските држави (ЕУ) јавната администрација се темели првенствено на професионални критериуми, но постојат ограничени мерки за поттикнување еднакви можности за групи што биле недоволно застапени. Тоа покажува дека прашањето не е дали постојат механизми за инклузија, туку какви се нивниот обем, времетраење и цел.
Може ли чистиот мерит-систем сам да обезбеди еднаква застапеност?
Еден од најсилните аргументи на поборниците за мерит-системот е дека најдобра заштита од дискриминација е транспарентна и професионална администрација! Во идеален систем, секој кандидат би конкурирал под исти услови, без институциите воопшто да ја земаат предвид неговата етничка припадност. Но за овој механизам е потребна една важна претпоставка, а тоа е дека институциите навистина функционираат независно, професионално и без дискриминација. Доколку таквите услови не се исполнети, критичарите на ваквиот пристап предупредуваат дека формалната еднаквост може да ги прикрие постојните структурни нееднаквости.
Предлог-законот како нова фаза од старата дебата
Предлог-законот за правична и соодветна застапеност всушност ја направи оваа дилема – видлива. Едната страна смета дека законот не обезбедува доволно силни гаранции за спроведување на принципот на правична застапеност. Другата страна предупредува дека секое понатамошно институционализирање на етничките критериуми претставува оддалечување од концептот на граѓанска држава и меритократија.
Вистинското прашање е на кој начин најдобро се обезбедуваат функционалноста, ефикасноста, довербата и демократскиот легитимитет на институциите.
Предлог-законот за правична и соодветна застапеност всушност оди чекор напред кон меритократијата. Трајното инсистирање на етнички критериуми го одложува создавањето вистинска демократија, во која секој поединец би бил оценуван според своите способности, а не според својата етничка припадност.
Дебатата затоа не е само правна или политичка. Таа е дебата за тоа каков модел на држава сака да изгради Македонија во следните децении: сака држава во која етничката припадност останува конститутивен елемент на институционалниот систем или држава во која индивидуалниот квалитет постепено станува единствениот релевантен критериум.
А токму ова е (нај)длабоко политичко прашање за една држава, а адресата за решавање на тоа прашање е една и единствена – највисокиот правно-политички акт на една држава – Уставот. П.Р.
Од уреднички агол
Кога привилегираната етничка припадност станува правило, државата ја губи компетентноста
- Македонската политичка сцена постојано се соочува со нови барања и нови концесии, кои речиси секогаш се поврзани со албанското прашање. Наместо процесот на интеграција постепено да се заокружува, впечатокот е дека тој никогаш не завршува, туку постојано произведува нови условувања. Токму затоа Законот за правична застапеност може да биде првиот чекор кон надминување на ваквиот модел, но само ако претставува преодна фаза кон нешто многу поважно – целосен мерит-систем. Тоа значи секое работно место во администрацијата да биде освоено преку знаење, образование, интегритет, професионално искуство и резултати. Етничката припадност не смее да биде билет за вработување, исто како што не смее да биде ниту пречка. Единствен критериум мора да биде компетентноста. Само таков систем ќе создаде ефикасна администрација, силни институции и држава што им служи на сите граѓани еднакво
Повеќе од две децении по Охридскиот рамковен договор, време е без страв и без идеолошки догми да се постави едно суштинско прашање.
Имено, дали механизмите создадени како мировно и привремено решение денес му служат на општеството или почнуваат да го поткопуваат?
Охридскиот договор имаше историска улога. Тој беше постигнат во специфични политички и безбедносни околности, со цел да ја интегрира албанската заедница, особено преку нејзино поголемо учество во јавниот сектор. Во тој контекст, позитивната дискриминација беше разбирлива како ад хок механизам за надминување на длабоките поделби. Но ад хок решенијата станаа трајна архитектура на државата. Кога еден механизам, наместо да ги изедначува шансите, создава систем на трајни привилегии, тогаш тој престанува да биде инструмент на еднаквост и станува инструмент на неправда. Ако етничката припадност остане поважен критериум од знаењето, способноста и професионалноста, тогаш се испраќа опасна порака: не е најважно што знаеш, туку кој си!? Таквиот модел не создава силни институции. Тој создава администрација што често се шири по етнички клуч наместо според реалните потреби на државата. Наместо компетентност, се наградува припадноста. Наместо ефикасност, се произведува бирократија. Наместо јавен интерес, се создаваат административни паразити, каде што најголемата придобивка ја има поединецот што се вдомил во администрацијата благодарение на етничкиот баланс, а не граѓанинот што очекува квалитетна услуга. Државата од таквиот модел нема корист.
Вториот сериозен проблем е тоа што наместо вистински мултикултурализам, албанските елити постепено ја туркаат Македонија кон бинационален модел.
Практично, речиси целата политичка дебата (и претходно околу балансерот) и правична застапеност се сведуваат на односите меѓу Македонците и Албанците. А каде се другите? Што е со Турците, Србите, Власите, Бошњаците и особено со Ромите, кои со години се меѓу најмаргинализираните заедници? Ако охридскиот модел навистина е создаден за еднаквост, тогаш зошто најранливите остануваат надвор од политичката равенка? Тоа е парадоксот на моделот што се претставува како мултиетнички.
Натаму, со претходново е поврзан уште поголем проблем. Тоа е што албанскиот кампус се амбицира да оди и чекор понатаму и не во насока на уставната унитарност на Македонија. Оттаму се третира дека Македонија сè повеќе функционира според логиката на консоцијална демократија, во која етничките елити преговараат за квоти, позиции и влијание наместо да се натпреваруваат со политики, идеи и резултати. Така, наместо интеграција, се добива институционализирана поделба. Во таков систем, етничките партии природно остануваат затворени во сопствениот национален корпус. Не е случајно што некои од албанските партии дури и своите имиња и амблеми ги дефинираат исклучиво на албански јазик, испраќајќи порака дека не се обраќаат до сите граѓани, туку само до една етничка заедница. Тоа не гради заеднички политички простор, туку дополнително ја продлабочува етничката сегментација.
Во меѓувреме, македонската политичка сцена постојано се соочува со нови барања и нови концесии, кои речиси секогаш се поврзани со албанското прашање. Наместо процесот на интеграција постепено да се заокружува, впечатокот е дека тој никогаш не завршува, туку постојано произведува нови условувања. Токму затоа Законот за правична застапеност може да биде првиот чекор кон надминување на ваквиот модел, но само ако претставува преодна фаза кон нешто многу поважно – целосен мерит-систем. Тоа значи секое работно место во администрацијата да биде освоено преку знаење, образование, интегритет, професионално искуство и резултати. Етничката припадност не смее да биде билет за вработување, исто како што не смее да биде ниту пречка. Единствен критериум мора да биде компетентноста. Само таков систем ќе создаде ефикасна администрација, силни институции и држава што им служи на сите граѓани еднакво.
Време е Македонија да престане да ги брои етничките проценти и да почне да ги мери човечките квалитети. Зашто модерна европска држава не се гради со квоти, туку со знаење. Не со привилегии, туку со еднакви можности. Не со етнички клуч, туку со мерит-систем. Само тогаш правичноста ќе престане да биде политички слоган и ќе стане вистински темел на функционална држава. Р.Н.М.
































