Во сенаменската сала на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства на „СОС-детско село“ неодамна се одржа настанот „Цветинова награда за мир“, на кој познатиот сликар и хуманист Живко Поповски-Цветин му ја додели престижната награда на „СОС-детско село“, која му беше врачена на претседателот на Управниот одбор, Александар Трајковски.
Во чест на нивната посветеност кон поддршката на децата без родителска грижа, Цветин на згрижувачките семејства им подари 11 свои уметнички дела, симболизирајќи ги љубовта и мирот што тие им ги обезбедуваат на децата.
Секоја од уметничките слики што ги подари Цветин е инспирирана од темата на мирот како универзална вредност и цутот на цветот што алудира на потенцијалот што треба да бликне од секое дете со помош на силната љубов, грижа и стабилност што згрижувачките семејства им ги овозможуваат на децата.
„СОС-детско село“ преку овој настан ги истакна важноста на згрижувањето и улогата што ја имаат згрижувачите во животите на децата како идни градители на мирот. Тимот на „СОС-детско село“ ги информира граѓаните за значењето на згрижувањето и за придобивките што ги носи секој што одлучува да стане згрижувач.
Со доделувањето на Цветиновата награда за мир и со донацијата на уметнички дела, Живко Поповски-Цветин и „СОС-детско село“ испратија моќна порака за значењето на заедничката грижа и одговорност за сите деца во општеството.