На Институтот за филозофија на Филозофски факултет во Скопје, д-р Игор Радев, извонреден познавач на кинеската филозофија, автор и преведувач на неколку значајни книги од оваа област, започна со предавања за кинеската филозофија, за трите основни мисловни струи што историски го имаат обликувано интелектуалниот видокруг на кинеската цивилизација… Тоа е уште еден голем чекор за наше приближување кон Кина, кинескиот народ, кинеската цивилизација, размислувања, работа, посветеност и воопшто животот, и да се исцрпат многу примери од опстојувањето, растот и развојот низ милениумската кинеска историја

Нашиот прилог „Кина во фокусот“, преку „Нова Македонија“, ќе се обиде овие предавања да ги приближи и до пошироката читателска публика од цела држава преку своето печатено и електронско издание и на уште еден начин да ги потврди можностите за лично и колективно ползување на богатото кинеско искуство и пренесување на домашен план, во насока на сеопшт општествен просперитет.

Трите основни мисловни струи на кинеската филозофија пред македонската јавност
со д-р Игор Радев

Вчера започна циклус предавања на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет, насловен „Трите такта на кинеската филозофија“. Предавањата ги води д-р Игор Радев, извонреден познавач на кинеската филозофија, автор и преведувач на неколку значајни книги од оваа област, а ќе се одржуваат секој петок на Филозофскиот факултет. Тоа беше повод да поразговараме со овој наш истакнат научник и извонреден познавач на кинеската филозофија.

Д-р Радев, можете ли за читателите на „Кина во фокусот“ да нѐ запознаете што е содржано во циклусот предавања?
– Значи, „трите такта“ на кинеската филозофија се однесуваат на трите основни мисловни струи, кои историски го имаат обликувано интелектуалниот видокруг на кинеската цивилизација, а тоа се: таоизмот, конфуцијанството и будизмот. Ова во никој случај не укажува дека кинескиот филозофски опит се сведува само на спомнативе три мисловни текови, а всушност во раната историја на кинеската мисла, да речеме некаде од V до III век пр. н.е., избликнува цел еден огномет од различни филозофски движења, дотаму што подоцнежните историографи ја нарекуваат оваа епоха како ера на „стоте школи“. И покрај тоа, како главни филозофски артикулации во Кина со текот на времето се наметнуваат конфуцијанството и таоизмот, а подоцна ним им се придружува и будизмот, кој, пак, пристигнува во Кина од Индија, по Патот на свилата, некаде во II – III век н.е., за до VII век во заемодејство со локалната мисла да прерасне во специфичен „кинески будизам“.
Инаку, циклусот на предавања „Трите такта на кинеската филозофија“ ќе се обиде да даде барем некаква претстава за опишаниов филозофски свет преку изведување на виделина на три референтни точки на кинеската филозофија, и тоа: Лао Це, во својство на основоположник на таоизмот; Конфуциј со неговиот опус како меродавен претставник на конфуцијанската мисла; а за кинескиот будизам не може да се изнајде индивидуален претставник, па наместо тоа, даваме историски осврт на развојот на кинеската будистичка мисла во контекст на своите индиски претходници. Притоа делото на Лао Це, т.е. Книгата за Патот и неговата крепост веќе одамна ја имам преведено на македонски и објавено (Скопје: Макавеј, 2012), а исто е и со сочиненијата на Конфуциј, Изреченија со големото учење и учењето за средишноста (Скопје: Макавеј, 2013), што секако ќе ја олесни понатамошната интеракција на публиката со нивната мисла.
Во овие рамки ќе бидат изложени и објаснети основните поими на кинеската филозофија во својата таоистичка, конфуцијанска и будистичка артикулација, како и нивните основни гледишта за битието од метафизичко, етичко и политичко стојалиште. Можеби ова претставува и прилично поедноставување, особено ако земеме предвид дека и во склоп на овие три филозофии доаѓа до неверојатно разгранување со интензивни меѓусебни оплодувања, преклопувања, но и конфликти, меѓутоа во вакви куси временски рамки тоа би било најсоодветното што може да биде сторено. Првото, односно воведното, од циклусот четири предавања ќе биде посветено од своја страна на историската и општествената заднина на појавата на кинеската филозофска мисла во епохата на династијата Чжоу (1046-256 пр. н.е.).

Како дојдовте на идеја за овие предавања и колку македонската јавност е запознаена со кинеската филозофија?
– Во вториот дел од вашето прашање, всушност, се содржи одговорот на неговиот прв дел. Токму затоа што нашата јавност многу малку или, пак, воопшто не е запознаена со кинеската филозофија, потребата сама по себе испливува на површината на свеста за едно, барем основно, запознавање со главните правци на филозофската мисла на повеќемилениумската кинеска цивилизација. Увидите на класичната кинеска филозофија, како впрочем и на индиската или персиската, по ништо не се помалку длабоки и посмели од оние на западната, а во некои аспекти дури и во поголема мера, па затворањето на нашите очи пред нив би претставувало во извесна смисла на зборот чин на самоослепување. Притоа, историското време воопшто не треба да претставува бариера за восприемање на човечката мисла од разни епохи. Ние, за жал, често се поведуваме по една лажна аналогија со технолошките промени, па така, ако објективно забележуваме напредок во одредена технолошка област, да речеме, денешниот компјутер е многу побрз и со поголеми мемориски можности од оној од пред десет години, а тој од своја страна – од таквиот од пред дваесет години, врза основа на ова си замислуваме дека филозофската мисла од пред двесте или две илјади години мора да е „послаба“ од сегашнава. Секако, тоа не е случај, зашто технологијата припаѓа на сферата на квантитативното, а филозофијата, литературата и преостанатите уметности на сферата на квалитативното, а ова второво не подложи на објективен „хронолошки прогрес“. Реално, ниту Платон е надминат, а ни Лао Це и Конфуциј, тоа не е случај ни со Хомер или Хафез или, пак, Достоевски, па така, творците на „квалитативното“ може секогаш да ги сметаме за наши современици, преку чиешто изучување стапуваме во дијалог со нив.

Што треба да се направи за да ја запознаеме подобро и да се обидеме да искористиме дел од тоа драгоцено искуство?
– Ќе звучи ли банално ако овде ја наведам онаа изрека што му ја припишуваат на Ленин: „Да се учи, да се учи и само да се учи!“ Притоа, да нагласам, учењето е плодотворно само кога е дијалошко, кога во него се внесува и сопствен придонес преку размислување, па и преосмислување, во согласност со она што го има кажано Конфуциј: „Да се учи без да се размислува е бесплодно, а да се размислува без да се учи е опасно“. Точно, македонската јавност е со минимални познавања за кинеската филозофија, како и за оние од другите културни хоризонти. Но тоа се надминува со нејзино изучување на едно сериозно ниво и со продукција на литература, како преводна, така и оригинална, од спомнатите области. Некој ќе забележи – па, немаме кадри за тоа. Не е баш така. Конкретно, за класичната кинеска филозофија имаме експерт како д-р Александар Стаматов, но тој живее во странство. Знаете ли што ми се има случено есенва кога бев на една научна конференција во градот Сучжоу во Кина? Во неврзан разговор со еден канадски научник, инаку стручњак за тибетската филологија и ваџрајана будизмот, талкајќи низ темите за историските судбини на сватантрика и прасангика артикулациите на филозофската школа мадхјамика во тибетскиот будизам, наеднаш во својство на авторитет ми спомна име на еден наш, македонски научник од странство. Тогаш си реков: Боже, па кога во една ваква крајно „егзотична“ научна дисциплина ние имаме експерти на светско ниво, тогаш што станува со оние помалку „егзотичните“? Штетата за нас е во тоа што овие научници цутат низ некои туѓи меридијани. Зарем не би било поприродно тие својот плод да го даваат во поднебјето во кое се родени?


Март предвиден за предавања за кинеската филозофија

Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет-Скопје организира циклус предавања со наслов „Трите такта на кинеската филозофија“, чиј предавач е Игор Радев. Првото предавање се одржа вчера на Институтот за филозофија, од 13.30 до 15.30 часот, а темата беше „Почетокот на кинеската филозофија во нејзиниот историски и општествен контекст“. Во него беа опфатени теми како што се филозофијата во кинески контекст, предусловите за филозофијата, гледишта за битието од метафизички, етички и политички аспект.
Второто предавање е закажано за 13 март и е на темата „Лао Це и таоизмот“.
Циклусот предавања ќе продолжат на 22 март, со предавање за Конфуциј и конфуцијанството, на кое ќе биде опфатено неговото животно патешествие.
Последното предавање ќе се одржи на 29 март, на темата „Основите на кинескиот будизам“. Ова предавање ќе биде поделено на два дела.