Со враќањето на стрелките еден час наназад не се враќа автоматски и внатрешниот ритам на организмот
- Науката одамна знае дека човекот има внатрешен деноноќен ритам, познат како циркадијален ритам. Тој му помага на организмот да ги усогласи спиењето и будењето со природниот циклус на денот и ноќта. Светлината е еден од најсилните сигнали што го регулираат овој систем. Кога ќе се промени времето, социјалниот распоред веднаш се поместува, но биолошкиот часовник не го следи истиот чекор
Ноќта меѓу саботата и неделата часовникот се вратија еден час наназад, а со тоа и официјално преминавме на зимско сметање на времето. Меѓутоа, додека стрелките лесно ги приспособуваме на новото сезонско сметање на времето, човечкиот организам има свој распоред, кој не може да се промени со едно притискање на копчето За нашиот внатрешен часовник, кој ги регулира спиењето, будноста, лачењето хормони и дневните промени во телесната температура не се најважни бројките на часовникот, туку светлината, темнината и навиките што ги повторуваме секој ден.
Часовникот на ѕидот и часовникот во телото
Науката одамна знае дека човекот има внатрешен деноноќен ритам, познат како циркадијален ритам. Тој му помага на организмот да ги усогласи спиењето и будењето со природниот циклус на денот и ноќта. Светлината е еден од најсилните сигнали што го регулираат овој систем. Кога ќе се промени времето, социјалниот распоред веднаш се поместува, но биолошкиот часовник не (мора да) го следи истиот чекор. Затоа, некои луѓе во првите денови може да почувствуваат сонливост, потешко будење, намалена концентрација или промени во расположението. Други, пак, речиси нема да забележат разлика. Разликата е и во индивидуалниот хронотип, односно природната склоност на човекот да биде поактивен наутро или навечер. На оние што и вообичаено легнуваат доцна и тешко стануваат рано, промените во распоредот може да им влијаат поинаку отколку на луѓето што природно се будат рано.
Што откриваат истражувањата?
Систематски преглед објавен во списанието „Прегледи од медицината на спиењето“ (Sleep Medicine Reviews) во 2025 година анализирал 27 студии за влијанието на промените на часовникот врз спиењето и дневната сонливост. Авторите утврдиле дека преминот кон летно сметање на времето може да биде поврзан со пократок и понеквалитетен сон, како и со поголема сонливост во текот на денот. Ефектите биле поизразени кај луѓето со подоцнежен природен ритам на спиење. Истражувачите, сепак, нагласуваат дека резултатите не се целосно еднообразни и дека се потребни дополнителни испитувања.
Друга студија, објавена во Списанието за истражување на спиењето (Journal of Sleep Research) во 2024 година, анализирала податоци за спиењето на 11.780 учесници од британската „Биобанка“. Резултатите покажале дека при есенското враќање на часовникот учесниците во просек спиеле подолго во неделата на промената, што е во согласност со дополнителниот час што го добиваме. Но тоа не значи дека секој човек автоматски добива поквалитетен сон или дека неговиот внатрешен ритам веднаш се усогласува со новото време.
Светлината е поважна од стрелките
Во објаснувањето на овие појави, истражувачите особено ја издвојуваат улогата на мелатонинот, хормон што учествува во регулирањето на циклусот на спиење и будење. Неговото лачење е поврзано со темнината, додека изложеноста на светлина, особено во утринските часови, му помага на мозокот да го усогласи внатрешниот ритам со денот. Токму затоа, промената на времето не е само прашање на еден час повеќе или помалку. Таа го менува и распоредот на изложеност на дневна светлина, а со тоа и сигналите што ги добива организмот.
Во анализата објавена на 23 октомври годинава, професорот Џон Грогер од Универзитетот „Нотингем Трент“ објаснува дека на телото може да му бидат потребни неколку дена за повторно да се усогласи со часовникот, при што реакцијата зависи од индивидуалниот ритам на спиење.
Малку повеќе грижа за сопствениот ритам
Што можеме да направиме за полесно да го пребродиме периодот на приспособување? Според истражувањата, препораките се едноставни, но важни.
Прво, да практикуваме редовно време за легнување и будење, потоа наутро да поминуваме извесно време на дневна светлина и да избегнуваме силно осветлување и долготрајно користење електронски уреди непосредно пред спиење. Исто така, корисни се и умерената физичка активност во текот на денот, редовните оброци и внимателното консумирање кафе во доцните попладневни и вечерни часови. На организмот му помага и тоа што не се обидуваме да го надоместиме секој час сонливост со долги дневни дремки или со големи промени во времето на легнување. Се разбира, не треба секоја утринска сонливост или промена во расположението да му се припишува на поместувањето на часовникот. Истражувањата за влијанието на сезонските промени врз здравјето покажуваат различни резултати, а ефектите не се исти кај сите луѓе.
Еден час за часовникот, не и за биологијата
Дебатата за оправданоста на сезонското менување на времето продолжува и во научните кругови. Едни стручни организации за медицина на спиењето се залагаат за трајно зимско, односно стандардно време, бидејќи сметаат дека тоа подобро се усогласува со природниот циклус на светлината. Други анализи, пак, предупредуваат дека доказите за вкупните здравствени последици се сложени и не дозволуваат сите ефекти да се оценат како еднозначно штетни. Но, независно од тоа како ќе се развива оваа дебата, една работа останува важна, а тоа е дека организмот не функционира само според распоредот на нашите обврски. Тој има сопствен ритам, обликуван од светлината, навиките и биологијата. Затоа, враќањето на стрелките е добра можност да се потсетиме дека времето не се мери само со часови и минути. Се мери и со квалитетот на сонот, со утринската свежина и со способноста да го започнеме денот одморени. Часовникот можеме да го наместиме за миг. На телото, понекогаш, му требаат денови. И токму затоа, покрај часовникот на раката или на ѕидот, вреди да внимаваме и на оној што го носиме внатре, во себе. Н.М.
































