Од творештвото на писателот Васил Пујовски
Васил Пујовски е македонски драмски писател и поет за деца и за возрасни. Роден е на 11 октомври 1946 година во Д`мбени, Егејска Македонија. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Десет години работел во „Нова Македонија“, а потоа во Македонската телевизија и цели 20 години бил уредник на програмата за деца. Автор е на повеќе телевизиски серии за деца и млади како што се „Ајде да се дружиме“, „Дајте музика“, „Чук, чук Стојанче“, „Во светот на бајките“ и др. Бил член на Друштвото на писателите на Македонија од 1968 година. Еден е од основачите на првиот македонски детски фестивал „Златно славејче“.
Oд неговото богато творештво за деца ќе ги споменеме книгите „Светот на детскиот сон“, „Кат Патон“, „Мижете да ве лажам“, „Сркај-кркај“, „Било-не било“, „Дајте музика“, „Прва лига“, „Дете голомеше“, „Ѕвездено дете“, „Ѕверка без мерка“ и „Јас, Ана и нејзиниот брат“.
Академик Анте Поповски во освртот кон творештвото на Васил Пујовски, вели дека неговото пишување е во дослух со звукот.
– Неосетно, ненаметливо, поезијата на Пујовски ги шири хоризонтите на сознајната компонента кај децата. Надреалистичките јазли, заврзани низ редовите на неговото поетско писмо, претставуваат обезјазичен простор во кој се кријат волшебните светови на сонот. Тоа се згуснати симболи низ кои се гледа и она што не постои и се слуша и она што не е изговорено – пишува академик Анте Поповски.
Во негова чест, во 2018 година е снимена документарната емисија „Васил Пујовски-автор со ѕвезда“ во продукција на Македонската радио-телевизија, во која зборува самиот автор, но и неговите колеги и соработници.
– Во однос на творештвото, се случува некој од внуците да ме праша: „Дедо, кај ти текна ова?“. Им велам: „Мене не ми текна воопшто. Јас тоа го препишав од тебе, гледајќи што правиш, слушајќи што зборуваш. Јас само го купив тоа од тебе, а сега ти го враќам како песна. Ти благодарам“ – вели Пујовски во емисијата што му е посветена нему.
Во емисијата, тој раскажува и за своето рано прекинато детство поради Граѓанската војна, но и за одлуката целосно да се посвети на книжевноста за деца.
– Кога видов какви се состојбите во поезијата за возрасни, јас сфатив дека не сум роден за таа работа. Можеби згрешив, не знам. Тоа никој никогаш нема да го открие. Објавив само една книга поезија за возрасни, а втората е во ракопис. Си реков: посвети се ти на децата. Расти со децата. Ти беше прекинато детството, a сега eве ти можност повторно да растеш како дете преку литературата за деца – раскажа тогаш Пујовски.
Васил Пујовски почина на 8 септември 2019 година во Скопје.
Се случува,
се случува
Се случува за ситница, за ништо
двајца татковци отпопреку да се погледнуваат,
двајца соседи сѐ строго да се одминуваат
за ништо на светов да не се поздравуваат.
Се случува за ситница, за ништо
две мајки, оди ми дојди ми да не си разменуваат,
две најдобри сосетки да се
озборуваат
со недели, со месеци да не
си зборуваат.
Причината, нема зошто
да се крие,
поводот за тоа – најчесто,
сме ние!
Каков е тој ред,
обична сопканица,
на првиот сосед
зад грб да му се вртиш,
за небитна, никаква
детинска караница?
Бетер се од деца,
па такви се, крути,
кавгите се наши,
а тие се лути.
Орбита
Месечината се врти,
се врти
се врти
околу нашата планета,
Земјата се врти,
се врти,
се врти
околу сонцето шета.
Се вртиме и ние,
се вртам и јас
сѐ околу Весна
од соседниот клас,
но знаете, Весна има една
мана,
се врти, се врти,
на спротивната страна.
Не ме гледа,
не ме забележува,
ама рекла одлично ме чита,
рекла да ми речат
– нема лутење
не сум во нејзината орбита.
Врти сучи
Врти сучи-врти сучи
кој да седне, кој да учи…
Нигде место да ме фати
ама никој да ме сфати.
Дедо, баба, мама, тато
сите велат – седи злато,
доста врти, доста сучи
книга земи – седни учи!
А погледот сѐ ми шара,
да ја летнам надвор бара.
Ваму-таму, лево-десно
во собулче ми е тесно,
Да ме врзат, ќе се снајдам
сепак, надвор ќе се најдам.
Сонце пече, мамо, сјае,
ќе ја дувнам – што и да е.
Ако умно сѐ се земе,
за учење има време!
(Од антологијата на македонската поезија за деца „Сончево
огледало“; приредил: Раде Силјан, Силсонс, 2016)
Подготвил: Ф.Д.
Активности за ученици:
1. Прочитај и истражи што значи зборот „орбита“?
2. Кои стилски изразни средства се употребени во песната „Се случува, се случува“?
3. На Јутјуб пронајди ги песните „Во светот на бајките“ и „Дајте музика“ и слушнете ги со другарчињата.
































