Опасностите со кои може да се соочи човештвото во иднина експертите ги лоцираат во сферата на електронската и дигитална природа, односно во опасноста од хакерски напади на најважните ресурси, како што се храната, водата, електричната енергија, гасот, горивата, енергентите, банкарските системи итн. Само изминатиот период, во глобални рамки, се забележани неколку такви опасни напади, обид за масовно труење преку вода за пиење, кражба на доверливи нуклеарни податоци, како и хакерски удар врз бизнис-заедницата и финансиски загуби од милијарди долари

Се лицитира со името на следната светска криза

Додека светот повеќе од една година се мачи да излезе од канџите на пандемијата на ковид-19, стигнаа нови мрачни предвидувања за ризиците и опасностите со кои може да се соочи човештвото во иднина. Така, од повеќе релевантни и влијателни кругови во светот доаѓаат предупредувања дека наредната голема криза со која ќе се соочи светот ќе биде од електронска и дигитална природа. Овие дилеми станаа особено актуелни периодов, откако човештвото функционира повеќе дигитално, што, пак, беше наметнато поради ризиците на пандемијата на ковид-19.
Во својата анализа, специјализираниот портал „Мета-комплајенс“ пишува дека човештвото треба да очекува дека новата криза ќе биде од електронска природа.
– Општоприфатен факт е дека наредната светска војна ќе биде хибридна, а во неа нападите, но и шпионирањата и разузнавањата, ќе ги вршат хакерите, а тие ќе бидат насочени кон бизнисите и владите на државите, но и функционирањето на системите и институциите на земјите – пишува порталот.
Медиумот истакнува дека животот со ковид-пандемијата создаде околности сите процеси во едно општество и држава да станат поврзани на интернет.

– Нема сомнежи дека државите веќе ги покажуваат првите знаци на непријателства преку интернет-релациите, бидејќи дигиталната ера во пандемијата формира услови со нив да може да се влијае врз храната, но и врз сите ресурси на една земја (електрична енергија, гас, вода и горива) што се неопходни за нејзиното население – истакнува медиумот.
Според „Мета-комплајенс“, вирусот што го загрозува животот на луѓето создал своја дигитална верзија, а сајбер-пандемијата на хакерски напади сега го „нагризува“ и дигиталното живеење на луѓето и државите.

Хронологија на загрижувачки настани

Во меѓувреме, светската јавност е загрижена и од динамиката на хакирањата глобално и целите што изминатиов период се најдоа на удар на хакерите, кои пустошат сѐ пред себе, некогаш дури и удирајќи врз основните животни ресурси, како што е водата за пиење. Имено, во расчекор од само една седмица безбедноста на интернет-просторот беше сериозно нарушена во повеќе земји од Азија и Европа, но и во Америка. Еден од последните сериозни сајбер-напади на државни институции се случи токму во САД. Имено, како што јавува „Си-ен-ен“, сајбер-криминалци се обиделе да ја затрујат водата за пиење во мал град во сојузната држава Флорида. Според американските новински извештаи, вешто обучените интернет-измамници минатата недела упаднале во системот за снабдување со вода во градот Олдсмар и преку интернет се обиделе да го нарушат функционирањето на системот за филтрација, зголемувајќи го количеството на содиум хидроксидот во водата за пиење и на тој начин да предизвикаат труење кај населението. Речиси симултано, Обединетите нации месецов објавија извештај во кој се наведува дека армија хакери од Северна Кореја украле стотици милиони долари во текот на 2020 година, средства што подоцна биле искористени за финансирање програми за нуклеарно оружје. Последниот настан од оваа група се случи во Европа. Службите на европската полициска агенција Европол информираа дека ја разбиле најопасната хакерска мрежа во светот, именувана како „Емотет“. Европол информира дека хакерската мрежа предизвикала загуби од милијарди долари во деловните активности низ светот.

Македонска димензија

Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски вели дека кога се живее во денешно време, логичен заклучок на состојбите е дека е можно да се очекува дека наредниот поголем конфликт меѓу државите ќе се случи на интернет.
– Токму затоа, и државите и хакерите во голема мера се активни на светската мрежа. Хакерите се остручуваат во дејствувањето а армиите и полициите на земјите, меѓу кои и Македонија, во својата инфраструктура сѐ повеќе ги инволвираат ИТ-експертите како свои членови – вели Стефаноски.
Претставникот на ИТ-индустријата во Македонија, Димитар Димов, пак, додава дека државите во целост веќе со години и пред пандемијата се подготвуваа да ги гарантираат безбедноста и стабилноста на интернет-просторот.
– Ништо помалку во овој правец не заостанува ниту Македонија, а целиот процес е дополнително забрзан во време кога живееме со опасностите од коронавирусот – вели Димов.
Тој објаснува дека сосема е логично да се очекува во периодот што следува меѓудржавните релации да се одвиваат на интернет, да се потпишуваат договори за гарантирање на безбедноста, но и да се зголемат несаканите т.н. хакерски дејствувања.
Според него, тоа е така бидејќи сега повеќе од кога било во минатото моментот е погоден за дополнителен пробив на дигиталната сфера и во политиката и во бизнисот и во културата.
– Во тој правец, знаејќи ги сите ризици што постојат во дигиталниот простор и на интернет, сега меѓу земјите е актуелен трендот за прогласување т.н дигитален суверенитет. Односно воведување дополнителен сет на закони за регулирање одредени процеси и дејствувања, кои не постоеле пред пандемијата – заклучува Димов.

[email protected]