Територијалната размена меѓу Србија и Косово ќе ја отвори Пандорината кутија

Изгледа дека повеќе не важи цврстиот општоприфатен принцип на Западот по секоја цена да се избегне прецртувањето на границите по етничките линии. Претседателите на Косово и на Србија наводно работат на договор со кој Косово ќе ѝ отстапи на Србија територии северно од Митровица, во кои живее претежно српско население. За возврат, Србија ќе му отстапи на Косово територии во јужната Прешевска Долина, каде што живее претежно албанско население.

За лобистите ова е одлично постигнување. На почетокот предлогот наиде на противење од двете страни, особено од локалното население, но сега државите изгледа дека работат наскоро да го спроведат нивниот план. На тој начин Србија ќе се приближи до членството во ЕУ, а Косово конечно ќе биде признаено како држава и ќе добие место во Обединетите нации (ОН).

Како поранешен висок претставник за Босна и Херцеговина, Шварц-Шилинг, заедно со неговите претходници Педи Ешдаун и Карл Билт, лани во август испрати отворено писмо до шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, предупредувајќи ја дека ваквата територијална размена ќе ја отвори Пандорината кутија. Со ова ќе се поттикне појавата на сепаратистички-националистички сили не само во регионот туку и во БиХ и во многу други држави. Ова само ќе го отвори патот за уште поголеми немири, кои речиси без исклучок завршуваат со војна.

Не станува збор само за сонот за голема Србија, што беше причината за војната на почетокот од 1990-тите години, туку станува збор за идејата за обединување на Албанија и Косово, која никогаш не беше отфрлена, како што во јануари Шварц-Шилинг бил информиран од страна на албанскиот премиер Еди Рама. Во нивниот заеднички разговор, Рама изјавил дека многу ја ценел решителноста на канцеларката Ангела Меркел, како и германската политика за промена на границите. Но тој стравувал дека за обидите за конечно да се ослободи Косово од оковите на Србија ќе биде потребно многу време или тоа никогаш нема да се случи. Поради таа причина, тој смета дека реално решение е присоединување на Албанија со Косово.

Многу изненадува тоа што европските политичари во Брисел, кои досега строго ја отфрлаа ревизијата на границите по линиите на етничките поделби, сега повеќе не гледаат никаков ризик и одеднаш сметаат дека принципот е сосема можен. Која е причината за ваквата промена во ставовите?

Очигледно е дека САД имаат замешано прсти. Претседателот Доналд Трамп сака да се повлече од кризниот регион на Балканот и се согласи на преговорите за размена на територии меѓу Србија и Косово, што е целосен пресврт во американската политика до ден-денес. Со ваквиот потег намерата на Трамп станува сомнителна. Постојат шпекулации дека тој има договор со рускиот претседател Владимир Путин за поделба на влијанието меѓу двата клучни играчи на Балканот. Според ваквата теорија, Косово треба да стане дел од НАТО, а Србија да остане под руско влијание и јасно ќе отфрли секаква поврзаност со воената алијанса.

Секако, ова ќе го дестабилизира регионот, особено БиХ. Српскиот претставник на босанското мултиетничко претседателство, Милорад Додик, со години изјавува дека ќе го прифати членството во НАТО само ако Србија се одлучи да оди по тој пат. Со ваквиот потег, Трамп прави отстапки за Русија, што значи дека неприкосновено ќе биде зголеменото влијание на Кремљ во регионот.

Исто така постојат и други шпекулации дека Трамп сака Косово и Србија да станат дел од НАТО за да се ограничи руското влијание на Балканот, барем според она што се зборува во круговите на Алијансата. Со ова се објаснува промената во ставовите на ЕУ.

Сепак јасно е дека Србија и Косово немаше да ги започнат ваквите преговори за досега неприфатливата размена на територии да не беше поддршката на САД. Но невозможно е да се оцени дали некоја од овие теории е точна, што се должи на големата непредвидливост во одлуките на американскиот претседател. Двете варијанти силно би влијаеле врз Балканот.

Што е следно? Ако се исцртуваат нови граници според етничките поделби, што ќе се случи кога област како регионот Санџак во Србија ќе сака да се присоедини кон Босна? Или кога српски предводената Република Српска во Босна ќе сака да се присоедини кон Србија? Што би се случило во Северна Македонија? Таа само што го реши спорот за името со Грција и сега би можела да се соочи со нов проблем, а тоа се Албанците кои живеат во Северна Македонија да сакаат да живеат во етнички чиста држава?

Прашањето претставува егзистенцијална закана по многу европски држави. Романија, која во моментов е на чело на ротирачкото претседателство на ЕУ, може да се соочи со големи реперкусии, а наедно и Грција. Шпанија веќе има доволно проблеми со сепаратистичкиот регион Каталонија.

Истовремено, ретко се земаат предвид универзалните човекови права, основните права на поединецот, правата на малцинствата, уставното право на домашно ниво и човековите права во рамките на надворешните прашања.

Шварц-Шилинг сака да испрати апел до државите од Европскиот совет и Европската комисија за повторно да ги разгледаат европските вредности и принципи. Ако не се преземе ваква мерка, тогаш не треба да изненадува ако политичките грешки резултираат со нов наплив на бегалци.

Политичкиот експерт се навраќа на мотото на безбедносната конференција во Минхен, кое гласеше „Кој ќе го врати мирот?“. Во Европа, големите политички грешки обично не ги решаваат државите што се одговорни за хаосот, па, така, оваа одговорност неизбежно паѓа на ЕУ!

Подготвила: Билјана Здравковска