Северна е географска – не е национална одредница

Недипломатско изречените барања од страна на двајцата највисоки претставници на власта во Бугарија македонските политичари да внимаваат како ги именуваат историските настани, засега само од подалечната, а утре и од поблиската историја на Македонија, не се ниту случајни, ниту наивни. Тие никако не може да се третираат како гаф, лупинг или невнимателност од нивна страна, како што се обидуваат да ги претстават или замаглат македонскиот печат или некои политичари од власта

Една народна поговорка вели: „Кога нешто многу ти ветуваат, ти земи и понеси со себе помало торбе!“
Со оваа поучна поговорка може да се назначат и македонските преоптимистички позиции во однос на потпишаниот договор за пријателство со Бугарија. Големите ветувања од едната страна и илузиите дека во односите ќе тече мед и млеко од другата, брзо се распрснаа по изјавите на бугарскиот премиер Бојко Борисов и претседателот на државата Румен Радев, поврзани со изјавата на македонскиот претседател на Владата, Зоран Заев, за идентитетот на Илинденското востание. Особено со нивното барање македонскиот лидер да се извини за изреченото дека востанието е македонско.

Минатиот петок (10 август), во колумната што ја објавив под насловот „Македонија на дланка или НАТО и ЕУ на гранка“, напишав дека одбележувањето на овој (2018) Илинден и денот на АСНОМ е последниот Илинден за кој македонски политичар можеше јавно од говорница да изјави дека Илинденското востание е македонско или да се употреби дефиницијата дека е востание на македонскиот народ. Само ден-два потоа дојдоа пробните, само млаки, но во основа заканувачки, реагирања на бугарските челници, кои укажаа дека на Македонија тоа веќе не ѝ е дозволено.

Недипломатско изречените барања од страна на двајцата највисоки претставници на власта во Бугарија македонските политичари да внимаваат како ги именуваат историските настани, засега само од подалечната, а утре и од поблиската историја на Македонија, не се ниту случајни, ниту наивни. Тие никако не може да се третираат како гаф, лупинг или невнимателност од нивна страна, како што се обидуваат да ги претстават или замаглат македонскиот печат или некои политичари од власта.

Бугарските пораки не се плод на случајност, на нивната политичка или лична суета, на нивниот гол популизам, на некакво незнаење, туку рефлекс на вековен однос кон македонското прашање, на долго градена осмислена стратегија за зачувување на бугарските политички интереси во однос на него. Бугарските политичари се полни со историско искуство, кое доследно го почитуваат, не се наивни, лекоумни и празнозборливи како новата македонска политичка генерација. Нивните пораки содржат јасна цел и индиректни упатства до македонската политика и наука, кои може да се срочат во неколку збора – внимавајте вие во Македонија што зборувате и пишувате кога станува збор за Бугарија, како за минатото така и за сегашноста. Внимавајте, инаку ќе си го добиете.

Беше навистина симпатично и надежно однесувањето на Бојко Борисов и на енергичната и претставителна министерка за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева, во време кога Бугарија претседаваше со Европската Унија, меѓу јануари и јули годинава, како што беше и од страна на македонските при срдечните, навидум искрени, пријателски средби. За жал, бугарските големи ветувања за одредување датум за почеток на преговори за членство во ЕУ не се остварија со капацитетот што го најавуваа, што може да се оцени како половичен успех или целосен неуспех во поглед на Македонија.

Не може да се оспорат нивните настојувања да ѝ помогнат на Македонија, но иднината може да покаже дека тогашниот однос бил само привремено лицемерство и плод на итрина. Тие во секоја ситуација може да се однесуваат комотно и лежерно од една страна, заканувачки, со кренат прст, од друга, доколку е потребно, зашто нивната политичка позиција во Европската Унија е неспоредливо посилна од македонската. Со самото тоа, како и со потпишаниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји, зошто да не се признае дека дел од македонската иднина свесно е предаден во бугарски раце и стана зависен од бугарското политичко расположение.

Актуелната македонска власт не остана имуна на љубезноста. Возврати дури и со поголема љубов и разбирање. Премиерот Заев направи сериозен, да не речеме историски ретро-скок, воздигнувајќи ги односите на ниво на браќа, ословувајќи ги Бугарите како браќа на Македонците. Иако во Бугарија целата наука и политика се трудеа со децении да докажат дека, ако навистина не сме браќа, тогаш барем да сме блиски братучеди, сега од македонска страна тоа е подигнато на многу поблиско ниво.

Дали македонскиот лидер терминот браќа го употребува во смисла на заеднички национален идентитет, или го сместува во еден поширок контекст како балкански браќа, како што сме биле браќа со Србите, како што сме браќа со Албанците и со Американците, останува нејасно. Иако кај некои аналитичари не е далечна помислата дека на овој начин индиректно се соопштува дека идната Северна Македонија ќе гради ново братство-единство со Бугарија, ќе работи на нов геостратегиски проект за обединување еден народ во две држави, или два народа во една држава, останува да проценат поупатените политичари и балкански и глобални прогнозери.

Непосредно по Договорот со Бугарија се надоврза и потпишаната спогодба за разликите за името со Грција, со која Македонија трајно го губи своето досегашно име, губи дел од себеси и од повеќето веќе стекнати и потврдени историски, национални, уставни, законски, традиционални и други елементи и придобивки што обележуваат постоење на еден народ. Сето тоа не се гледа од текстот на самата спогодба, но се подразбира дека ќе се случи тоа со драстичната ревизија на Уставот, што ќе следува по одржаниот референдум.

Преку амандмани во Собранието, сѐ што досега било именувано како Македонија ќе биде запишано како Северна Република Македонија (или само Северна Македонија- изборот е наш) и секаде каде што стојат термините македонски, македонска, македонско, ќе бидат „збогатени“ со додавката „север“ што е географска, а не означува национална одредница. Преку новите дефиниции на преамбулата во Уставот ќе бидат отстранети дури и индиректните историски референци. Македонија нема да биде означена како држава на македонскиот народ, во нив не ќе може да има ни далечно спомнување, ниту мирис за историскиот континуитет ниту на народот ниту на државата, никаква трага од македонското автентично, самобитно историско и културно наследство.

Она што Бугарите се трудеа да го дисквалификуваат, да го елиминираат на разни начини, со мир или со сила стотина години, на мудрите Грци, на грчката супериорна балканска дипломатија, им успеа само со еден потег. Со само еден клик на компјутерот – како што е напишано во спогодбата. Со тој клик во идната Северна Република Македонија, нејзините водачи не ќе можат Илинденското востание да го нарекуваат востание на македонскиот народ, затоа што народот ќе го нема како дефиниција, ниту, пак, ќе им биде дозволено да го употребуваат името Македонија како „голо име“ во ниту една официјална пригода.

Тешко е да се напише, грдо е да се прочита, но е вистина што мора да се прифати. Договорот со Бугарија и спогодбата со Грција во основа, ако се исклучат прашањата и одредбите за името, идентитетот на нацијата и јазикот, на кое поле македонската дипломатија доживеа тежок неуспех, се одлични документи потпишани меѓу држави што имале долги нерешени спорови. Секој нормален, писмен, полуписмен, дури и неписмен човек ќе ги поздрави договорите за воспоставување траен мир меѓу народите, за неповредливост на границите, за почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност, за стабилност на регионот, за соработка и пријателство, за мирно решавање на сите можни конфликти.

Никој не може да биде против заложбите земјите да ги зајакнат, прошират и продлабочат своите билатерални односи, да постават цврсти темели за зајакнување и почитување на добрососедските односи и за развивање на нивната севкупна билатерална соработка. Ниту против соработка и стратегиско партнерство во земјоделството, цивилната заштита, одбраната, економијата, туризмот, индустријата, инфра­структурата, транспортот, прекуграничната соработка, културната размена и така натаму и така натаму.

Во таа смисла треба да се уриваат стереотипите на Балканот, но никој притоа не работи во корист на својата штета. Едно се стереотипите, друго е вистината, трето се последиците од тие уривања на јуриш. И да не биде ситуација од големата вреќа полна со ветувања на крајот да се извлече само некое жешко чкорче.