Пилотот на малиот едномоторен авион што исчезна на 21 јануари, Дејвид Ајботсон, сѐ уште не е пронајден

Телото што го извлекоа специјалците нуркачи од делот од авионот на дното од каналот Ла Манш е на аргентинскиот фудбалер Емилијано Сала (28), потврди полицијата на областа Дорсет, Велика Британија. Пилотот на малиот едномоторен авион што исчезна на 21 јануари, Дејвид Ајботсон, уште не е пронајден.

Потрагата беше запрена по три дена од исчезнувањето на авионот, на 24 јануари, поради лошите временски услови поради „малата веројатност дека некој има шанси за преживување“, како што соопшти полицијата. Но потоа семејството на Сала иницира приватна истрага, потпомогната од голем број колеги фудбалери, кои собраа речиси 400.000 евра за таа намена. Сала и Ајботсон патуваа од Нант за Кардиф, каде што аргентинскиот фудбалер требаше да ја продолжи кариерата и веќе имаше потпишано договор вреден 15 милиони фунти.

По веста дека пронајденото тело е на Сала, со изрази на сочувство до семејството се јави неговиот несуден клуб Кардиф, како и голем број поранешни соиграчи.
– Искрено сочувство до семејството на Емилијано. Тој и Дејвид засекогаш ќе останат во нашите срца – се вели во краткото соопштение на Кардиф.

На социјалните мрежи Твитер и Инстаграм, од Емилијано се простија голем број негови колеги-фудбалери, како Џо Бенет и Сол Бамба од Кардиф, Антони Рудигер од Челси, Месут Озил од Арсенал и други. За Кардиф, Сала беше рекордниот трансфер во клупската историја. Со 28 години, тој беше во зенитот од кариерата, која главно ја помина во Франција, во Бордо, Каен и последните неколку сезони во Нант.
На теренот беше пргав и агресивен, а во приватниот живот сосема спротивното, секогаш со книга или со гитара во рацете на патувањата. Низ Нант често го шетал своето милениче, лабрадорот Наџа, го опишуваат Сала неговите соиграчи и познаници.

Кариерата на Сала имаше многу подеми и падови, но откако лани во септември за тренер на Нант дојде Вахид Халилхоџиќ (БиХ), и самиот поранешен центарфор на Нант, работите тргнаа на подобро. Сала, чиј идол во младоста му бил славниот сонародник Габриел Батистута, како да се прероди и минатата есен беше еден од најдобрите стрелци во француската Лига 1, со 12 гола. Токму добрите и ефикасни игри му го овозможија трансферот во Кардиф, кому очајнички му беше потребен голгетер во трката за опстанок во Премиер-лигата.

За Британците неговиот стил потсетува на Џејми Варди од Лестер, вистинска „лисица во шеснаесетникот“, на кого потсетува и по физичката конструкција и стилот на игра, брзината и доброто снаоѓање во простор и игра меѓу одбранбените линии. Во Нант навивачите го нарекуваа „локален Карлос Тевез“. 


Нант и Бордо ги бараат парите од трансферот

Уште пред пронаоѓањето на телото на Емилијано Сала, Нант испрати писмо до Кардиф во кое бараше исплата на првата од трите рати за трансферот на Сала во износ од шест милиони евра, дури и се закануваше со тужба. Од Кардиф излегоа со ставот дека не бегаат од обврската, но оти ќе причекаат на утврдување на сите детали за трагичната судбина на Сала. Британските медиуми објавија дека Кардиф веднаш по потпишувањето на договорот, на 19 јануари, два дена пред трагичниот лет, го осигурил на 16 милиони фунти. Во целата игра веројатно ќе се замеша и Бордо, од каде што Сала замина во Нант во 2015 година и кој има клаузула да добие дури 50 отсто од следниот негов трансфер, во случајов, во Кардиф. Л.Д.