Привремената спогодба – преодно решение

Како што е познато, со две резолуции конечно дојде до прием на нашата земја во Обединетите нации, но не и до конечно решавање на разликата што се појави околу името на државата. Во нив се укажува дека до моментот на надминување на таа „разлика“ за внатрешните потреби во Обединетите нации обраќањето кон нашата земја ќе биде со „поранешна југословенска Република Македонија“. Со намера, пак, што поскоро да се дојде до надминување на овој проблем и заради градење доверба меѓу страните со Резолуцијата на Советот за безбедност 817 е предвидено двете страни да продолжат да соработуваат со копретседателот на Постојаниот комитет на Меѓународната конференција за поранешна Југославија (првовремено) двајца: Сајрус Венс и Дејвид Овен, а подоцна само Сајрус Венс, кој подоцна ќе биде заменет со сегашниот пратеник на генералниот секретар Метју Нимиц.

Во рамките на ова посредување, како што е познато, до ден-денешен не се успеа да се дојде до конечно решавање на „разликата“ околу името на нашата држава, иако, заради забрзување на овој процес Советот за безбедност донесе, дури и посебна резолуција. Во случајот станува збор за Резолуцијата 845 (Њујорк, 18 јуни 1993 г.). Во неа ќе прочитаме дека Советот:
„Бара од генералниот секретар постојано да го известува Советот за напредокот во следните преземања, кои имаат цел да ја решат разликата меѓу страните пред почетокот на четириесет и осмата сесија на Генералното собрание и навремено да го извести Советот за резултатот и да одлучи да го обнови разгледувањето на ова прашање во светлината на тоа известување“.

Цитираното од резолуцијата сакам да го разберам во таа смисла што ако овој рок не бил доволен да се дојде до посакуваното решение (како што и се случило), тогаш тоа би значело обврска за генералниот секретар од Советот за безбедност да побара утврдување нов рок во кој и би требало да се најде конечно решение околу разликата за името на нашата земја. Ако тоа било направено многу одамна, отвореното прашање меѓу Грција и Македонија ќе беше минато. Но, за жал, тоа никогаш не било направено. Како и да е. Генералниот секретар и Советот за безбедност на ОН наместо да постапат на изнесениот начин отишле во сосема друга насока. Имено, по претходна согласност на Грција да продолжат разговорите и понатаму, со што се согласила и македонска страна, како и со заеднички дадената нивна изјава, во која, дури, изразиле подготвеност да поминат и на директни преговори се случило овие разговори да траат и до ден-денес. Во секој случај, цената за овој пропуст Република Македонија ја плаќа сѐ уште.

Предлогот на Сајрус Венс и на Дејвид Овен

Познато е дека и продолженото посредување на Венс и на Овен не довело до посакуваниот резултат. Предлогот што тие го имаат дадено за името на нашата земја бил: „’Нова Македонија’ во употреба во сите официјални цели, домашни и меѓународни“. Наспроти ова грчката страна претпочитала име што нема да го содржи зборот „Македонија“, но, сепак, допуштала „ако тој збор би се вклучил во име што би се користело за домашни и меѓународни цели, тогаш би можело да се претпостави името ’Славомакедонија’“, што бил грчки предлог. Македонската страна, пак, го претпочитала само уставното име: „Република Македонија“ за сите цели „сепак таа најверојатно била подготвена да разговара околу модалитетите на употреба на името само за меѓународни цели“.

По неуспешноста на претходното посредништво, следува посредништвото, само, од Сајрус Венс, како специјален пратеник на генералниот секретар на ОН. Во рамките на него, како и во претходното посредување, „разликата“ околу името и натаму остана нерешена. Но ова посредништво, сепак, резултирало со одреден успех. Познато е дека двете страни (Грција и Македонија) во рамките на него ја имаат склучено познатата Привремена спогодба (Њујорк, 13 септември 1995 г.). Со неа од една страна, тие постигнале „одредена привремена согласност“ (со која ги уредиле нивните меѓусебни односи), а од друга, на истата спогодба ѝ дале својство да „претставува основа за договарање трајна согласност“ помеѓу нив (в. преамбула, алинеја 9 од спогодбата). При утврдената определба на овој начин во спогодбата тие и се согласиле „…да ги продолжат преговорите под покровителство на генералниот секретар на Обединетите нации, според Резолуцијата 845 (1993 г.) на Советот за безбедност, со намера да се постигне договор за разликите наведени во таа резолуција и во Резолуцијата 817 (1993 г.) на Советот за безбедност“ (член 5 од спогодбата). Ако се има предвид цитираната начелна согласност од преамбулата на спогодбата: преку преговори да се дојде до трајна согласност помеѓу страните и согласноста од членот 5 на спогодбата да продолжат преговорите под покровителство на генералниот секретар на ОН, тогаш и станува, сосема, јасно зошто до ден-денес, сѐ уште, траат преговорите и зошто тие се водат под покровителство на Обединетите нации.

Значаен билатерален документ

Кога зборуваме за оваа спогодба, треба да се каже дека таа претставува многу значаен билатерален документ. Тоа до толку повеќе што таа, освен во сегментот за „разликата“ околу името на нашата земја, отвори широк простор за многубројни релации и врски помеѓу двете земји. Така, во нејзини рамки се оствари и едно од најзначајните прашања за нас: признавањето на Република Македонија од страна на Грција. Тоа, понатаму, од своја страна, го овозможи и подигнувањето на дипломатските односи меѓу двете држави на амбасадорско ниво. Покрај ова, таа има и свое големо меѓународно значење. Последново, бидејќи нејзиното настанување за своја основа ги има токму, повеќепати споменуваните во овој текст резолуции на Советот за безбедност (817 и 845) и Генералното собрание на ОН (225). Оттука, како меѓународен документ таа е регистрирана и депонирана и во самите Обединети нации. Во состојба на ОН како покровители на спогодбата, а со тоа и своевиден гарант за почитување на постигнатите решенија во неа, независно на нејзиниот привремен карактер, секое повторно отворање помеѓу страните на, веќе, успешно апсолвираните отворени прашања, во неа, истото тоа и правно и морално и политички тешко би го направило бранливо.

На овој начин разбрано дејството на спогодбата, без оглед на нејзиниот привремен карактер, исклучува каква било можност таа да биде сфатена во смисла дека во неа од привремен карактер се и, веќе, успешно апсолвираните прашања, кои пред нејзиното постигнување претставувале проблем за страните. Ако биде проследена нејзнната содржина лесно ќе се утврди дека во редот на таквиот вид прашања влегуваат повеќе. Такви се на пример следните: прашањето поврзано со признавањето на независноста и сувереноста на нашата држава (член 1); прашањето за нејзиниот територијален интегритет и политичка независност (член 3); прашањето поврзано со барањата за дел од територијата на другата држава; прашањето поврзано со промената на границата, помеѓу двете држави за истата цел (член 4); натаму, прашањата поврзани со толкувањата на преамбулата на Уставот, уставните решенија цитирани во спогодбата, направените измени на Уставот, останување на ниво, веќе, направените толкувања на уставните промени на македонскиот устав (член 6) и сл. При таква состојба, ако страните, (Република Македонија и Република Грција), под покровителство на Обединетите нации, успешно ги завршат тековните преговори, со наоѓање трајно обострано прифатливо решение околу „разликата“ на името на нашата држава, тогаш тие во спогодбата, што нужно би ја склучиле, покрај сѐ друго, прво, што треба да направат е тоа, на трајна основа да ги реафирмираат, веќе апсолвираните прашања со Привремената спогодба (кои од привремени би ги трансформирале во трајни решенија).

Како надградба на цитираната Привремена спогодба би требало да бидат апсолвирани и оние прашања што и по нејзиното склучување останале отворени (какво што е, на пример, и најзначајното од нив: прашањето поврзано со решавањето на „разликата“ околу употребата на терминот „Македонија“, во името на нашата држава, како и употребата на овој ист термин во името на грчката провинција именувана со истиот овој термин: „Македонија“).

Кога сме кон излагањето за Привремената спогодба и на апсолвираните отворени прашања, кои пред нејзиното склучување постоеле помеѓу Република Македонија и Република Грција заслужува да се кажат и збор-два за самиот пројавен интерес на ОН таа да биде склучена под нивно покровителство. Би било наивно де се мисли дека овој интерес на ОН се исцрпува само во тоа тие да ги дадат своите добри услуги на страните за да можат истите тие да дојдат до надминување само на нивните билатерални проблеми. Повеќе од сигурно е дека во основата на тој интерес да се дојде до надминување на постојните недоразбирања помеѓу овие страни посебно е исткаен и интересот на самата меѓународна заедница, сфатен во смисла тој, преку обострано прифатените решенија во цитираната спогодба, да создаде услови за стабилизирање на односите во поширок контекст (регионален, европски, па и пошироко). Впрочем, колку овој интерес, гледан како политички и безбедносен, навистина е испреплетен во целиот композит на аспекти поврзани со нашето меѓународно признавање може да се види од многубројните документи на Европската заедница поврзани со ова признавање.

Американската нота за признавање

Надвор од документите на Европската заедница и Обединетите нации, заслужува, заради пример, да се запрам и на дел од документите на Соединетите Американски Држави, поврзани со овде третираното прашање. Ова од причина што и самите тие од почетокот на нашето барање, за меѓународно признавање (но и не само на нашето) беа инволвирани во самиот овој (наш) процес. Во случајот, предвид ги имам следните документи: Декларацијата на Европската заедница и САД за признавањето на југословенските републики (Брисел, 10 март 1992 г.); изјавата на претседателот на САД за признавање на поранешните југословенски републики (Вашингтон, 7 април 1992 г.); писмото на претседателот на САД, Џорџ Буш до претседателот Киро Глигоров во врска со признавањето на Република Македонија; писмо на претседателот на САД Бил Клинтон до претседателот на Грција, Константин Караманлис (Вашингтон, 23 март 1993 г.); и писмото (нотата) на претседателот на САД, Бил Клинтон до претседателот Киро Глигоров за признавање на Република Македонија (Вашингтон, 8 февруари 1994 г.).

Од нивната содржина многу јасно може да се види и нивното залагање: до решавање на „разликата“ околу името на нашата држава да се настојува да се дојде низ одреден процес на водење преговори со нашиот јужен сосед. Во самата американска нота за нашето признавање, Американците, покрај другото, не пропуштија од нас повторно да побараат ја изразиме „…приврзаност кон… конструктивна соработка со Обединетите нации заради решавање на спорните прашања меѓу Македонија и Грција“.

(продолжува)

Сајрус Венс, Бутрос Гали и Роберт Овен