Во минатите три години судиите посетуваа подготвителни семинари, со фокус на ферплејот, заштитата на фудбалерите и на имиџот на спортот, како и на доследноста и уедначеноста

На листата од 36 судии и 63 асистенти за Светското првенство (СП) во Русија што неодамна ја објави Светската фудбалска федерација (ФИФА) има делители на правдата од 46 земји. Во минатите три години судиите посетуваа подготвителни семинари на ФИФА, со фокус на ферплејот, заштитата на фудбалерите и на имиџот на спортот, како и на доследноста и уедначеноста, објави ФИФА.

Избраните судии за СП 2018 ќе имаат уште еден двонеделен семинар овој месец, во техничкиот центар на Италијанската фудбалска федерација. Судиите ќе бидат поделени во две групи, а семинарот ќе го посетат и кандидатите за работа со системот видеопомошник-судија (ВАР), кој во Русија првпат ќе биде применуван на мундијалите. По овој семинар ќе бидат одредени и судиите за системот ВАР. Сите заедно потоа ќе имаат уште една проверка, во Москва, 10 дена пред СП 2018. Изборот на судиите за СП 2018 беше базиран на вештините и личноста на секој од нив, како и нивното ниво на разбирање на фудбалот и способноста да ги „читаат“ играта и различните тактики на тимовите, објаснуваат од ФИФА.