Три држави во моментот сакаат да му се приклучат на НАТО, Босна, Грузија и Украина, но по Македонија се очекува да има голема пауза во проширувањето на НАТО

Пред новото седиште на НАТО во Брисел има метален споменик на кој е напишано кога секоја држава станала членка на Алијансата. На едниот крај, основањето на Алијансата во 1949 година е изгравирано заедно со имињата на првите 12 членки. Приближно на оддалеченост од 30 сантиметри е наведена 1952 година, кога беа примени две нови членки, Грција и Турција, а потоа, три години подоцна, беше додадена и Германија. Потоа следува голема празнина од околу три метри до следниот датум во 1982 година кога Шпанија пристапила, по која следеше и ново проширување.
Откако Република Северна Македонија го потпиша Протоколот за членство на 6 февруари, се очекува нејзиното име да биде изгравирано на споменикот пролетта во 2020 година, откако претходно другите 29 членки на Алијансата ќе го ратификуваат протоколот во нивните парламенти. Така ќе останат слободни уште четири метри на овој споменик за сите членки, или приближно 40 години ако ја следите неговата логика. Ова на прв поглед сигурно изгледа великодушно, но вистината е дека вратата на сојузот најверојатно ќе биде цврсто затворена во блиска иднина откако Скопје ќе стане 30-та членка.

Сега има три држави што сакаат да му се приклучат на НАТО: Босна и Херцеговина, Грузија и Украина. Од оваа тројка, Босна и Херцеговина (БиХ), од технички аспект, е предводничка затоа што е единствената на која ѝ е одобрен Акцискиот план за членство (МАП). Овој план, кој им помага на кандидатките да ги исполнат стандардите на НАТО и ги подготвува за можното идно членство, беше одобрен во Сараево уште во 2010 година. На крајот на минатата година, министрите на НАТО исто така ја охрабрија БиХ да поднесе своја прва Годишна национална програма (АНП) со која се активира Акцискиот план. Но не е сè толку лесно како што се чини. За почеток, мали се шансите дека БиХ наскоро ќе ја предаде Годишната национална програма. Милорад Додик, српскиот член на тројното претседателство на БиХ, практично ги суспендира сите активности на програмата дури и пред истата таа да биде ставена на масата за дискусии. Но точно е дека Сараево уште нема исполнето ниту еден критериум што го постави НАТО кога земјата го доби Акцискиот план, како што е пописот на недвижниот воен имот на државата, што е едноставен начин да се види дали државата БиХ навистина се занимава со прашањата во одбраната. Но постои и друго прашање, кое се смета за многу важно за НАТО, а тоа е малиот напредок во реформите, владеењето на правото, корупцијата и слободата на медиумите.

НАТО поинаку постапи со Грузија. Откако на државата на самитот во Букурешт во 2008 година ѝ беше ветено дека еден ден ќе стане членка, Тбилиси предаде десетгодишна национална програма, но Акцискиот план е недостижен, како и досега. Многу членки на Алијансата, особено во Западна Европа се кријат зад германскиот и францускиот став дека нејзиното членство само ќе ја разлути Русија.

Што се однесува до Украина, состојбата е слична на грузиската, но државата многу повеќе заостанува во овој поглед. Владата во Киев барем досега уште не достави никакви барања за Акциски план, очигледно поучена од искуството на Грузија.

Но што е со другите држави? Без разлика која ја води Молдавија, уставната неутралност на државата останува во сила, затоа што во спротивно Кишињев би бил во иста ситуација со Грузија и со Украина. Косово може да смета на кандидатура ако се нормализираат односите со Србија, што значи дека државата што не го признава Косово, треба да го промени ставот.

Можеби најдобро е да се обложиме дека имињата што следни ќе бидат изгравирани на сјајниот споменик ќе бидат на двете земји, кои сега не сакаат да се дел од Алијансата, но Брисел веднаш би ги прифатил, а тоа се Финска и Шведска. Останува само да се погоди која година би се случило тоа, но со претежно руското присуство околу Балтичко Море, жителите на двете држави полека се подготвуваат за идејата да ја отфрлат официјалната неутралност.