Кина предводена, Си не ја прифаќа западната либерална демократија

Американскиот политички научник Френсис Фукујама вели дека неговата идеја за крајот на историјата е оспорена од Кина, која со својот полуавторитарен капиталистички систем може да стане најмоќна држава во светот

Кинескиот модел на авторитарна власт може да биде алтернатива на западниот модел на либерална демократија, но само ако Пекинг успее да ги контролира општествените стресови и да ја одржи економската стабилност, оценува американскиот политички научник Френсис Фукујама.

Научниците уште не можат да се договорат околу дефинирањето на кинескиот модел, но изминатата деценија се интензивираше дебатата за тоа дали комбинацијата на пазарна економија со кинеската авторитарна власт може да биде исплатлива алтернатива на западната либерална демократија.

Оцените на Фукујама, кој во научен труд во 1989 година прогнозираше триумф на политичкиот и економскиот либерализам по распадот на Советскиот Сојуз, а во 1992 година го напиша бестселерот „Крајот на историјата“, се објавени од Јошикази Като, професор на Азискиот глобален институт, во документ во кој е сумирана нивната имејл-дебата од 2014 до 2018 година.

Во документот, Фукујама вели дека неговата идеја за крајот на историјата е оспорена од Кина, која со својот полуавторитарен капиталистички систем може да стане најмоќната држава во светот.

– Прашањето е дали системот е одржлив на долг рок. Постојат голем број причини зошто мислам дека не е така, почнувајќи со предизвиците со справување со огромните социјални потреси што се појавија како резултат на модернизација. Но ако Кина се справи со овие стресови и остане силна и стабилна уште една генерација, тогаш мислам дека всушност постои вистинска алтернатива на либералната демократија – нагласува Фукујама.

По три децении економска експанзија, Кина стана најголема светска економија по САД, како и центар за глобални инвестиции и трговија. Кинескиот претседател Си Џинпинг, кој ја презеде власта во 2012 година, вети дека ќе постигне „големо подмладување на кинеската нација“ и дека на земјата ќе ѝ го врати статусот на голема сила до 2049 година, на стогодишнината од основањето на народната република.
Кинеските лидери ја отфрлија идејата за демократија според западниот стил и беа решени да се држат до својот политички модел.

Објаснувањето на Фукујама е дека е малку веројатно дека некои земји ќе можат целосно да го рекреираат кинескиот модел, особено неговиот авторитаризам, бидејќи некои аспекти на комунистичкото општество не можат да се копираат. Тие, според Фукујама, вклучуваат „меритократија, дисциплинирана партиска хиерархија, почитување на образованието и, пред сѐ, чувство на владетелите дека имаат одредена одговорност да дејствуваат во интерес на јавноста“, алудирајќи на мерките што Комунистичката партија ги презема во изминатите шест години под водство на Си.

Контроверзната антикорупциска кампања на Си, што погоди десетици високи функционери во партијата и офицери во армијата, беше една од тие мерки, иако не е јасно во колкава мера е елиминирана корупцијата.

Фукујама посочува дека владеењето на правото во Кина, каде што партијата има најважна улога, во голема мера се разликува од Западот. При неговата средба со Ванг Кишан во 2015 година, кој тогаш беше секретар на Централната комисија за дисциплинска инспекција што ја предводеше кампањата за борба против корупцијата и сега е потпретседател на државата, Фукујама прашал дали Пекинг можел да воспостави владеење на правото независно од партијата. „Апсолутно не“, бил одговорот што го добил Фукујама и што подоцна истата година му го пренел на Американскиот совет за надворешни односи. Според него, без способноста да ги ограничи и контролира силните лидери, Кина никогаш не може да избега од сценариото „добар император – лош император“, дури и кога тоа може да ѝ наштети на Кина.

– Во систем на силна држава, но без владеење на правото и демократијата, добриот император може многу побрзо да спроведува политики, многу побрзо отколку во либерална демократија. Но лошиот император може да стори многу поголема штета во таков систем отколку во систем на проверки и рамнотежи – вели Фукујама.
Во колумна лани, во „Вашингтон пост“, Фукујама предупреди дека Си може да биде „лошиот император“ откако Кина реши да ги тргне временските ограничувања за претседателскиот мандат.

– Кина предводена од Си може да му покаже на светот какви незамисливи форми може да добие една тоталитарна држава во 21 век – напиша Фукујама.

Тој вели дека средната класа е стабилизирачка сила во многу западни земји, додека растечката средна класа во Кина се чини повеќе се грижи за економскиот развој отколку за демократијата, а тоа би можело да претставува закана за раководството во Пекинг.

– Многу е тешко да се премине од статус со средни до статус со високи приходи, па прашањето што треба да се постави е како кинеската средна класа ќе се почувствува при економска стагнација, па и при пад што ги намалува приходите и вработувањата – нагласува Фукујама.

Економијата на Кина, која расте со најбавно темпо од 1990 година, се бори со висок јавен долг во однос на бруто-домашниот производ и со неколкумесечна трговска војна со САД, што ги зголемува стравувањата од социјална нестабилност кај раководството во Пекинг.

Истовремено, конкуренцијата меѓу Кина и САД се интензивира на неколку фронта, од трговијата преку битката за технолошка доминација до тензиите во Јужно Кинеско Море, каде што територијалните претензии и зголеменото воено присуство на Пекинг во спорните води се заканува да стане една клучните точки на судир меѓу двете сили.
Фукујама вели дека фактот што авторитарни системи, како Кина, постигнуваат поголеми економски успеси од демократиите, како САД, ЕУ или Јапонија, е реална опасност за светскиот поредок. Според него, Кина може да постигне уште подобри резултати ако го тргне владеењето на правото подалеку од партијата и им даде поголема слобода на граѓаните.

– И на меѓународно ниво, Кина треба да работи со регионалните сили за да ја надмине реториката за прашањата по кои тие се разидуваат – заклучува Фукујама.

Фукујама го повикува Пекинг да го преиспита владеењето на правото