Го најдоа „својот свет“ во шумичка веднаш до Клиничкиот Центар

Иако во Битола во моментот никој не може да каже колку точно има зависници од дрога, очигледно е дека нивниот број од ден на ден станува сѐ поголем, а возрасната граница сѐ пониска. Многумина од нив, во неможност да најдат „чиста“ дрога, се дрогираат со сѐ што ќе најдат на „пазарот“

Битолската полиција во последно време ги зајакна мерките за откривање не само на наркозависниците туку и на наркодилерите, но, и покрај тоа, од година на година се зголемува бројот на уживателите на дрога. Иако вообичаено зависниците кога се дрогираат се кријат од јавноста, битолчани деновиве беа сведоци како неколкумина млади, поделени во две групи, се дрогираа на јавно место среде бел ден, во блиската шумичка зад Клиничката болница, и како при дрогирањето едни со други си помагаа. Освен вџашените битолчани, зад нив остануваат расфрлани шприцеви, игли, ампули…
Интересно е што зависниците, кои беа мошне млади, се дрогираа веднаш зад Центарот за лекување од алкохолизам и дрога, установа во која тие се лекуваат за одвикнување од дрогата со метадонска терапија.

– Ова е секојдневна слика, која секојдневно ја гледаме сите ние. Некои од зависниците од дрога кои доаѓаат тука да примат метадонска терапија, откако ќе ја примат пропишаната доза, наместо дома, веднаш заминуваат во блиската шумичка, каде што се дрогираат – ни изјавија вработени во Центарот за јавно здравје во Битола.

Во центарот дневно доаѓаат по десетина млади луѓе што се лекуваат од зависноста. Тие, главно, се на возраст од 16 до 25 години. Се дрогираат со разни видови дрога, но најмногу со хероин.

– Во центарот просечно се лекуваат околу 80 зависници, а во некои периоди бројката достигнува и до 100. Има и периоди кога се намалува бројот на зависници, бидејќи сепак постојат и такви што, благодарение на почитувањето на протоколите во лекувањето и самодисциплината, „се исчистени“ и повеќе не доаѓаат – објаснуваат во Центарот.

Оттаму додаваат и дека благодарение на тоа што голем број зависници се лекуваат со метадон во центарот, намалени се кражбите и насилствата во Битола.

– Да не беше метадонот, бројот на кражби и насилства особено во семејните домаќинства ќе беше многу поголем, зашто зависниците на дрога кога ќе паднат во криза, а немаат метадонска терапија, не избираат начини и средства да дојдат до дрога, а тоа најчесто го правеа со крадење од дома и со продавање на сѐ што ќе украдат – велат во центарот.

Инаку, центарот за лекување зависници постои од пред десетина години. Лекувањето, главно, трае шест месеци и се одвива според строго утврдени протоколи. Зависниците најчесто метадонската терапија ја примаат во центарот, но некои од нив што имале успех во „чистењето“ терапијата за време на викендите ја примаат и дома. При давањето на метадонската терапија на некои од зависниците им се прават лабораториски анализи, им се зема и крв, за да се види какви резултати дава терапијата.

Иако добар дел од зависниците се има излекувано од зависноста, сепак не е мал бројот на тие што, и покрај терапијата, не можат да се одвикнат од дрогирање.
По инсистирање на граѓаните да се спречи нивното дрогирање на јавно место, повеќето наши соговорници објаснија дека тоа е тешко, бидејќи иако тие не се кријат, никој не се осмелува да ги прекине во дрогирањето, бидејќи зависниците особено кога се во криза, се подготвени на сѐ.

– Вообичаено, кога се дрогираат тие се во својот „убав“ свет, кој никако и никому не му дозволуваат да им го наруши. Најголемиот број од нив доаѓа во стационарот во претпладневните часови, а по примената терапија тие би требало да си заминат дома. За да се контролира нивното лекување, метадонот им се дава во присуство на стручно лице. Но зависниците се снаоѓаат на разни начини и подоцна тие во шумичката се дрогираат со други психотропни супстанции – објаснија нашите соговорници.

Тоа што особено загрижува е што, според зборовите на познавачите на состојбите, во шумичката тие се чувствуваат некако (нај)сигурно и „невидливо“, заштитени од бујната вегетација, па затоа најчесто таму се дрогираат. На тој дел од шумичката, или патот што води до Домот за згрижување стари лица и до болницата, вработените во Клиничката болница и пациентите едноставно стравуваат да се движат, бидејќи се плашат да не начекаат некои од уживателите на дрогата.

– Тие постојано се присутни таму, и претпладне и попладне. Тој дел од шумичката веќе со години е нивниот втор дом – ни велат нашите соговорници.

Иако во Битола во моментот никој не може точно да каже колку има зависници од дрога, очигледно е дека нивниот број од ден на ден станува сѐ поголем, а возрасната граница сѐ пониска. Многумина од нив, во неможност да најдат „чиста“ дрога, се дрогираат со сѐ што ќе најдат на „пазарот“, па дури и со смеса од гипс. Токму поради таквиот начин на дрогирање пред неколку години во Битола згаснаа животите на неколку млади луѓе.