Брисел трасира, Коѕијас ќе ги утврдува црните точки на патот кон ЕУ

Зголемената динамика на посети и средби на високи европски функционери со државниот врв, но и упатените пораки, каква што беше таа на шефот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, дека Македонија е на вистинскиот пат, како и најавеното пристигнување на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, според познавачите на состојбите, говори дека разговорите за името влегуваат во нова фаза од која во голема мера зависи европерспективата на земјава. Дипломатскиот маратон што го отвори премиерот Зоран Заев минатата недела, со посета на Берлин и со средба со германската канцеларка Ангела Меркел, води кон подобра позиција во однос на Грција во разговорите пред пристигнувањето на Коѕијас во Скопје, на почетокот на март, коментираат некои од експертите. Иако точниот датум сè уште не е утврден, неговото доаѓање е извесно како и тоа дека тој со себе во Скопје го носи грчкиот нацрт-предлог за името од седум точки. Анализирајќи ја динамиката на посети и средби, домашните експерти оценуваат дека влегуваме во финалната фаза на долгогодишниот спор за името, и во исто време предупредуваат да бидеме внимателни при влечењето на потезите пред спротивната страна.

Поранешниот дипломат Ристо Никовски смета дека зголемените дипломатски посети на земјава нема да ѝ донесат нешто ново, освен нови уцени и услови за промена на уставното име.
– Високите гости од Брисел сакаат да ја промовираат нивната нова стратегија за нашиот регион, која, во основата, ни порача да не се надеваме за брзо членство во Унијата. Нејзините челници веројатно ќе се обидуваат да нѐ уверат дека вратите ни се отворени, но тоа е класична измама. Скоро е сигурно дека во 2025 година единствено Црна Гора ќе биде примена како некаков доказ за нивната политика на проширување додека Србија ќе почека подолго, а за нас другите пред 2030 година нема шанси да станеме дел од европското семејство. Најавените посети од Брисел секако значат поддршка на нашата подготвеност да капитулираме пред грчките ултиматуми и затоа не треба да нѐ зачудува што слични потези не се преземаат кон Атина. Периодот пред нас е драматичен, се работи дали ќе нѐ биде или не и затоа одговорноста на раководството е огромна – вели Никовски.

Во меѓувреме, нацрт-спогодбата што Грција веќе ја изработи, а Коѕијас најави дека ќе ја испрати во Скопје, според информациите во медиумите, го содржи грчкиот предлог за решение на името. Како што се шпекулира, во документот што треба да пристигне во Скопје ќе има предлози за името, за меѓународни и регионални односи на Македонија и мерки за позитивна агенда меѓу двете земји. Во исто време, премиерот Зоран Заев во интервју за германскиот магазин „Шпигел“, го отфрла предлогот за менување на името на државата со име што нема да биде преведено, исто како и промена на Уставот.
– Не сакам ни да помислам дека нема да успееме да најдеме решение во спорот за името – вели Заев.
Во насока на случувањата околу името, но и во насока на топење на мразот во Собранието меѓу опозицијата и власта, европратениците Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн се во дводневна посета на земјава каде што покрај нивното учество на дебати во Собранието, ќе имаат и нов обид за поттикнување на дијалогот и за враќање на опозицијата во парламентот.

Европратеникот Иво Вајгл, кој е известувач за Македонија во ЕП, вчера ја повика опозицијата да се вклучи во работата на парламентот. Истакна дека власта и опозицијата мора да работат заедно за доброто на државата и одблокирање на европскиот пат.
– Владата и коалицијата на власт имаат одговорност да направат опозицијата да се чувствува комотно и активно и да ѝ се даде шанса, особено за стратегиски прашања што всушност недостига во овој момент – рече Вајгл.
Европратеникот, кој учествуваше на вчерашната конференција на Косап, рече дека и власта треба да има предвид дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште е најсилната политичка партија во парламентот и дека нејзиното отсуство е многу проблематично, особено кога се работи за секојдневната работа во законодавниот дом.
Со свој став за случувањата и за евроатлантскиот пат на земјава вчера се огласи и американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли. Бејли смета дека за Македонија докрај да ги истурка реформите потребна е поддршката од 75 отсто за влез во ЕУ и во НАТО да се преточи во политичка волја. Владеењето на правото, вели амбасадор Бејли, е еден од најголемите предизвици со кои се соочува земјата, а многу често земјите стануваат подложни на корупција и криминал поради недостиг од владеењето на правото.
– Граѓаните треба да бараат отчетност, транспарентност и информирање од страна на институциите. Тоа значи дека граѓаните треба да одбијат да го свртат погледот на другата страна кога ќе се соочат со прекршување на законите или со корупција. Не треба да се прифаќаат работите онакви какви што се особено доколку сте соочени со непотизам и лични појави – рече Бејли.

Американскиот амбасадор на крајот додаде дека силно изразената поддршка за ЕУ и НАТО треба да се преточи во политичка волја.
Инаку, за потсетување, пред завчерашната посета на земјава од страна на претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, во изминатиот период во Скопје беа и еврокомесарот Јоханес Хан и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Неодамна премиерот Зоран Заев се сретна со германската канцеларка Ангела Меркел, а во следните денови се очекува и посетата на министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас.

Предлог од седум точки
Името, спектарот на употреба, јазикот, идентитетот, трговските употреби, кратенките и акронимите се седумте точки што ги содржи грчкиот предлог на нацрт-спогодбата, според весникот „Катимерини“. Како што јави МИА, овие впрочем се и точките што самиот министер за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас ги спомена во интервјуто за државната ТВ ЕРТ, минатиот месец, кога првпат откри дека Грција ќе ѝ достави на Македонија предлог за потпишување спогодба. Според „Катимерини“, предлогот за решение е комплетен, содржи одговори на сите поединечни прашања што се однесуваат на односите на двете земји, но и за самата перспектива на Македонија во меѓународните организации. Весникот коментира дека идентитетот и јазикот од македонска страна се опишуваат како точки за кои не се преговара и вели дека прашање е дали Заев ќе го прифати предлогот на Ципрас.

– Двете страни се чини дека целосно се согласуваат во однос на временскиот рок, особено за потребата подготовките за одделните делови од договорот да бидат завршени ако е можно во март, а сигурно пред средината на април – пишува „Катимерини.

Весникот анализира дека и покрај тоа што Атина е против решение во етапи и на делови, сепак, за одредени точки може да има договор, но ќе биде потребно време да се завршат. Весникот споменува дека Македонија, во скоро време ќе треба да ги смени сите државни лични документи како што се лични карти, пасоши и возачки дозволи.