На Њујоршкиот светски саем во далечната 1964 година, „Џенерал моторс“ (ГМ) го претстави своето концепт-возило „фајр бирд 4“, но истовремено компанијата предвиде дека ќе донесе нова ера во автомобилската индустрија. Во својата саемска презентација, ГМ изјави дека во иднината автомобилите ќе се возат на суперавтопатишта, дека ќе се пренаменат контролните табли на автомобилите во автоматски програмиран систем за навигација, дека ќе се патува со комфор, апсолутна безбедност и со двојно поголема брзина од тогашните. Иако предвидувањата на ГМ се неколку децении подранети, сепак нивната визија е на право место. Раните верзии на автономни возила сега пополека се појавуваат во светот и нивниот број се зголемува, а со тоа автобизнисот е подготвен да помине една од најголемите трансформации во својата историја.

Автомобилите наскоро ќе имаат интелигенција за дијагностицирање патни ситуации и преземање одговорност за покомплексните одлуки што ги носат луѓето денес. Таа примена на нови технологии ќе го редефинира начинот на кој размислуваме за транспортот, во смисла на удобност и сопственост, и како ги дефинираме компаниите: од производство на автомобили до софтверски компании за мобилност. Но трансформацијата е тековна тема во автомобилскиот сектор. Автомобилската индустрија постојано открива нешто ново. Таа повеќе од еден век одговара на промените и потребите на општеството со повеќе иновации. Во почетокот на 20 век, Хенри Форд измисли начин за масовно да произведува автомобили со подостапни цени на пазарот. А 21 век е повеќе насочен кон наоѓање начини за целосно отстранување на сообраќајните несреќи.

Пред Хенри Форд, повеќето Американци гледаа на автомобилот како на луксузен објект. Но тој измислил бизнис-модел базиран на радикално поинаква идеја. Креира прифатлив производ за масовно производство на возила за релативно краток временски период и попристапна цена. Процесот на склопување на мотор „форд“ во автомобил можел да се овозможи за еден час и 33 минути и се продавал за помалку од 300 долари (како споредба, тоа се 4.138 американски долари во денешни пари). До 1927 година со моделот Т на „Форд“, кој се произведувал на секои 24 секунди, освен создавање илјадници високоплатени работни места во фабриките, се обезбеди големо возвишување и на другите индустрии. На металните индустри и секторите за челик што произведуваат машински алати, кои ги снабдуваат различните компоненти потребни за изградба на автомобили, индиректно им овозможи голем профит. Хенри Форд, највлијателниот индустријалец на своето време, го претвори автомобилот во основен начин на транспорт и трговија. По 1946-та, по Втората светска војна, развивањето на автомобилската индустрија им овозможи полесна миграција на луѓето. Миграцијата постоела и пред автомобилите, но создавањето и усовршувањето на автомобилот овозможиле полесно мигрирање, но и поголема пристапност кон подалечните работни места. Со тоа до 1970 години пописот во Америка објави дека е приградска нација.

Во периодот од 1960-та автомобилската индустрија се насочува повеќе кон зголемување на сигурноста на автомобилот, со тоа што во 1968 година сигурносните појаси стануваат задолжителни. Можете ли да замислите дека автомобилите се произведувале без сигурносни појаси? Подоцна, околу 1990 година, се појави светото тројство од антиблокирачки сопирачки, воздушни перничиња и електронска контрола на стабилноста, а со тоа се револуционизира целата автомобилска безбедност. Почнувајќи од 1991 година, производителите на автомобили почнаа да инкорпорираат повеќе електроника за подобрување на перформансите на своите возила. По 1996 година, автопроизводителите додадоа блутут и ГПС-уреди, како и интелигентни технологии, како откривање слепи точки, системи за предупредување за судир и адаптивна контрола на патувањето. Во последниве неколку години, особено во 2017 година, производителите на автомобили додаваат опции како што се самопаркирање, адаптивна контрола на крстосување и технологијата за скенирање ленти за да се спречи лизгање на автомобилот. Предвидувањата за 2020 година одат во насока на развивање на автономното возење или возењето во кое нема да има потреба од возач.

Ова е од особено значење затоа што означува една од најголемите промени во нашиот однос со транспортот. Од страна на идните историчари, ова ќе биде најголема промена во автомобилската индустрија од овој век. Причината за применување и имплементација на автономното возење што е управувано од компјутер е за да се намали бројот на автомобилски несреќи. Автомобилските несреќи убиваат 1,25 милион лица низ целиот свет. Технологијата што се развива и ќе ги опремува возилата со „интелигенција“ ќе ги дијагностицира ситуациите и ќе ги направи посложени одлуките за возење отколку што ги прават луѓето сега. Со применувањето на ваквите системи би се намалиле или искорениле сообраќајните несреќи. Минатиот век за автомобилската индустрија можеби ќе биде запаметен како век во кој се подобриле транспортот и мобилноста на луѓето. Но овој век ќе биде запаметен за автомобилската индустрија по подобрувањето на сигурноста во сообраќајот и прераснувањето на автомобилските компании во автомобилско-технолошки компании.