„Смрт во Венеција“ – од Ман до Висконти (2)

1734

Извонредно важниот лик на Таџо, без кој не би постоеле ни новелата ни филмот, во една крајна смисла, ни ликот на Фон Ашенбах, носи две ретки одлики. Првата – поседува неоспорна убавина – „неговото бледо и дражесно сериозно лице опкружено со кадрици со боја на мед, со права црта на носот, со мили усни…“ го опчинува Фон Ашенбах од првиот поглед. Во случајот на филмот, и гледачите – момчето Бјорн Андресен, одбрано да го игра Таџо, е преубаво. Како „симнат“ Ганимед, киднапиран од боговите да ги служи со нектар на Олимп, овој шведски тинејџер, кој по снимањето на филмот станува и модел на јапонските анима-артисти и јунак на манга-стрипови, сѐ додека не му се смачи да позира, па почнува да глуми, физички сосем различен од оној некогашен Таџо, во детективски скандинавски ТВ-серии.

Втората суштинска одлика на ликот на Таџо во филмот е… – дека тој не зборува, иако неговата преубава, отмена појава е често во кадарот. Како и во новелата, Таџо, постојано присутен во глетките и мислите на Ашенбах, е главен инспиратор и покренувач, визуелно вдахновение во бавното, суптилно градење на филмот, а притоа да не каже речиси ни збор.

Така се исполнува контрапункноста на филмот низ спојување на две спротивности – неземната (вечна?) убавина на Таџо наспроти неминовноста и грдоста на стареењето (помодниот старец што се обидува да се „подмлади“ на бродот, беззабиот шеф на музикантите) и епидемијата на колера. Тишината, придвижена со прекрасна музика, наспроти повремениот многујазичен измешан џагор. Дијалогот е сведен на најнеопходното, а кога зборот се користи, тогаш се слушаат само парчиња на италијански, полски, руски, хрватски, или понекоја стеснета размена на реченици или тажно смешен монолог како оној на банкарскиот службеник за географската мапа во ширењето на колерата. Единствено Алфред, алтер егото на композиторот, кој инаку е вметнат лик во филмот, е убедливо најзборлест во филмот, преку чии гневни тиради се пренесуваат внатрешните дискусии на Ашенбах од новелата.

Транспонирањето на едно врвно книжевно дело во филм со малку зборови е вистинско мајсторство! Затоа сценографската минуциозност и инвентивност на Висконти доаѓа до полн израз – во прикажувањето на венецијанските улички и премини, на Лидо и плажата (каде што во некои сцени како да го симнува поентилистичкото платно на Сера), во просторот на хотелот, со пластично погодените костуми на гостите… Видливо е големото познавање на Висконти на сцената што созреало со неговото режирање на голем број опери. Тој неоспорно поседува визуелна барокна моќ, па иако со филмот „Роко и неговите браќа“ се смета за еден од зачетниците на италијанскиот неореализам, во „Смртта во Венеција“, „Гепард“ (по романот на Лампедуза), „Лудвиг“, како и во неговите оперски постановки провејува, во најдобра смисла на зборот, аристократскиот декадентен дух на градител на светови. Многу сроден на оној на Томас Ман.

(продолжува)