Филмот на Теона Стругар Митевска, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ беше оценуван од жирито на „Скрин медиа“ во Берлин, при што доби одлични првични резултати. Нашиот филм моментално се наоѓа на врвот на листата на жирито, заедно со „Ондог“ на Ванг Куанан, со просечна оценка од 2,8, иако „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ го очекуваат уште два резултата, со што веројатно e дека ќе се искачи на самиот врв, информираат од македонската делегација во Берлин.
Инаку, „Скрин медиа“ за сите престижни фестивали, од рангот на Берлин, Венеција и Кан, повикува седум најдобри новинари-филмски критичари од целиот свет, кои заедно со уште еден филмски критичар од „Скрин интернешнл“ ги оценуваат филмовите на скала од 0 (многу лошо) до 4 (одлично). Годинашната комисија е сочинета од реномирани новинари од филмската фела од престижните медиуми: „Дагенс“ од Шведска, „Франкфуртер алгемајне“ од Германија, „Филм арт“ од Русија, „Ди цајт“ од Германија, „Пејпер“ од Кина, „Морнинг стар“ од Велика Британија, „Сегносинема“ од Италија и еден филмски критичар од самиот „Скрин интернешнл“.
– Нашиот филм доби мешавина од оценки, меѓу кои и највисоката четворка од Паоло Бертолин од „Сегносинема“, која во моментов го рангира на првото место, а пак по добивањето на оценките и од Шведска и Кина, неминовно е дека „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ и ќе остане највисоко на оваа престижна листа – велат од продукцијата.
Инаку, „Скрин интернешнл“ е реномиран британски филмски магазин што ја покрива меѓународната филмска индустрија. Наменет е првенствено за оние што се инволвирани во глобалниот филмски бизнис, а датира уште од 1889 година. Тој објавува дневни публикации и критики од филмските фестивали и пазарите на Берлин – Германија, Кан – Франција, Торонто и Онтарио – Канада, американските филмски пазари во Санта Моника, Калифорнија и Хонгконг.
Инаку, во присуство на стотина новинари од светот и филмски критичари, македонската екипа на нашиот претставник за „златната мечка“ одржа прес-конференција на која претходеше ексклузивна затворена премиера на филмот, исклучиво за новинарската публика и филмската критика, кои со воодушевување и овации ја пречекаа нашата екипа. На прес-конференцијата, која предизвика огромен интерес меѓу новинарите, се обратија режисерката Теона Стругар Митевска, продуцентката и актерка Лабина Митевска, актерката Зорица Нушева (која го игра ликот на Петрунија) и сценаристката Елма Татарагиќ.