Велемајсторите Мамедов, Ељанов, Салгадо, Жигалко, Георгиев, Димитров, Бељавски ги загубија своите дуели, додека половина поен освоија дури 44 шахисти што имаат многу поголем рејтинг од своите ривали
Ако се суди според постигнатите резултати во 1-то од предвидените 11 кола на 20-то Европско поединечно првенство (ЕП) во шах, кое се игра во х. „Хилтон“ во Скопје, тогаш ова би требало да биде едно од највозбудливите досега. Така, на црно-белата табла непријатно беа изненадени велемајсторите (ВМ), Азербејџанецот Рауф Мамедов, Украинецот Павел Ељанов, Шпанецот Иван Салгадо, Белорусинот Сергеј Жигалко, Македонецот Кирил Георгиев, Бугаринот Радослав Димитров, Словенецот Александар Бељавски. Половина поен загубија дури 44 фаворити во ова коло, меѓу кои се Русите Евгениј Томашевски, Даниел Дубов, Алексеј Дреев, актуелниот европски првак, Хрватот Иван Шариќ, Шпанецот Франциско Валејо Понс, поранешниот светски првак, Украинецот Руслан Пономарјов, и неговите сонародници Алексеј Моисенко и Владимир Онишчук, Ерменецот Сергеј Мовсесјан, Хрватот Зденко Кожул, Израелецот Илија Смирин и многу други, чија разлика во однос на противниците беше над 200, 300 па и 400 рејтинг-поени. Прворангираниот, Русинот Владислав Артемиев (2.736), по речиси четири и полчасовна игра на првата табла, успеа да го скрши отпорот на ИМ од Норвешка, Бенјамин Холдорсен (2.448, рангиран на 181-то место).
Од вкупно 24-те македонските шахисти, само двајца освоија цел поен. ВМ Александар Чоловиќ го победи сонародникот Александар Петровиќ, додека Владимир Крстевски беше слободен и службено освои цел поен. Неочекувано пораз претрпе ВМ Кирил Георгиев (2.595, рангиран 74-ти) од ЖИМ од Германија Филиз Османоџа (2.326, рангирана 254-та). Единствената македонска шахистка што игра на ова ЕП, Бојана Бејатовиќ (2.058) со црни фигури загуби од ИМ од Италија Лоренцо Лодичи (2.474).
– Ова е најсилното ЕП на кое сум настапила досега. Очекувам многу интересни, но и тешки партии, а би била задоволна ако завршам со каков било плус во рејтинг. Жално е што одѕивот на македонските шахисти е мал, особено од врвот, но сигурно имаат свои причини за тоа. Со досегашното искуство и натпревари не чувствувам страв кога играм против машката популација, напротив, тоа ми претставува мотивација и инспирација за да докажам дека и жените можат успешно да им парираат на мажите во овој спорт – вели македонската репрезентативка Бојана Бејатовиќ, која на ЕП е рангирана 333-та (2.058).
Хаџи-Манев најстар, Азадалиев најмлад
Најстар шахист на ЕП во Скопје е ФИДЕ-мајсторот (ФМ) од Македонија, Љубомир Хаџиманев (75 год.), кој е рангиран на 341-то место (2.030 рејтинг-поени), додека најмлад е претставникот на Азербејџан, Јахандар Азадалиев, кој има само девет години и е рангиран на 341-та позиција (1.863). И двајцата ги загубија своите партии во 1-то коло, во конкуренција на 361 шахист (143 ВМ), од 42 држави, колку што настапуваат на ЕП.
Неочекувани порази
6. ВМ Мамедов (2.701) – 186. ИМ Пултиневичиус (2.439) 0-1
12. ВМ Ељанов (2.682) – 192. ВМ Тодоровиќ (2.429) 0-1
225. ИМ Арсовиќ (2.380) – 46. Салгадо (2.622) 1-0
2.48. Митсис (2.338) – 68. ВМ Жигалко (2.604) 1-0
254. ЖИМ Османоџа (2326) – 74. ВМ Георгиев (2.595) 1-0
294. Гундуз (2.205) – 114. ВМ Димитров (2.533) 1-0
296. КМ Миликов (2.200) – 116. ВМ Бељавски (2.526) 1-0