Петар Алексовски-Пепо

Петар Алексовски-Пепо и неговата сопруга Магдалена Алексовска-Нина имаат летопис за гордост и почит

Перо Миленкоски

Луѓе безрезервно посветени на спортот. Каква е таа магија што како со магнет ги врзува за фудбалските, ракометните, одбојкарските терени, односно за многубројните гимнастички справи? Што им дава мотив и сила со години, упорно и со љубов, да откриваат таленти, да им се посветуваат и преку нивните резултати (како претходно и со своите постигнувања) да ја афирмираат татковината во пошироки рамки? Длабоко зачекорени во деветтата деценија од својот живот, исполнет со желби и дострели, Петар Алексовски-Пепо и неговата сопруга Магдалена Алексовска-Нина навистина имаат летопис за гордост и почит.

Фанатично вљубено во спортот и во физичката култура, момчето од Кавадарци прво станува наставник по физичко воспитание и образование, потоа ја завршува Високата школа за физичка култура во Приштина, а во 1979 година дипломира како вонреден студент на Факултетот за физичка култура во Сараево и добива звање професор. Тој воспитно-образовен пат го изодува паралелно со спортувањето (фудбал, гимнастика, ракомет, одбојка), но и како наставник со извонредно успешна педагошка и тренерска актива. Станува збор за спортски ветеран чие дело заслужува највисоко општествено вреднување. Во македонскиот спортски летопис е трајно запишано – Алексовски спаѓа меѓу четворицата најсестрани спортисти на Македонија опфатени во системот на натпревари: фудбал, гимнастика, ракомет, атлетика, пинг-понг и повремено бокс.

Пепо постигнал врвни резултати како гимнастичар и на југословенско ниво. Така, во 1954 и 1956 година во Ниш и во Марибор бил вицешампион во партизански повеќебој и шампион во фрлање копје на сојузно ниво. Но до таквите височини не се стигнувало лесно. Овој вреден ентузијаст, и во училиштето каде што работел како професор (гимназијата „Јосип Броз-Тито“во Скопје) успеал речиси 80 отсто од учениците да ги вклучи во секциите по гимнастика, ракомет, атлетика, одбојка, пинг-понг и по кошарка. Организирал пролетни и есенски кросови. Затоа на Малите олимписки игри постигнувале солидни резултати. Тој нагласува дека вакви масовни форми на активност, по повод значајни празници, треба да се применуваат и денес.

И Магдалена Алексовска-Нина има интересна спортска биографија. Првите чекори во спортот (голем ракомет) ги прави уште во економското училиште „Борис Кидрич“ во Скопје, кога се зачленува во РК Вардар, потоа клубот е преименуван во Македонија, за на крајот да стане Партизан.

– Гимнастиката го облагороди мојот живот. Од најрана младост редовно учествував во натпреварите на Партизан, постојано бев во врвот на македонската гимнастика, освојувајќи ги сите можни титули во поединечна и во екипна конкуренција – вели скромната Нина.

Таа по завршување на спортската кариера продолжува со тренерска активност, при што, исто така, постигнува резултати за почит.

– Нашиот заеднички живот, посветен на спортот, секогаш ни даваше сили за нови успеси. Цврсто вљубени во спортските вредности, црпевме енергија од патриотските и националните чувства. Не напразно се вели во здраво тело здрав дух – велат во еден глас овие вљубеници во спортот и луѓе чиј стан е украсен со голем број плакети, признанија, благодарници, весници и списанија со информации за нивните постигнувања на спортските терени.

Магдалена Алексовска-Нина

Честитки од Самаранч

Повеќе од 70 години активност како спортист, тренер и спортски работник Пепо придонесува за подобрување на спортот во Скопје и Македонија. Во таа активност спаѓа и неговата публицистичка дејност. Покрај осумдесетте пригодни текстови во македонските медиуми, видно место заземаат трудовите „Тито и физичката култура“ од 1986 година, „Македонските спортисти на ЛОИ во XX век“ од 2002-та и „Бисери на македонскиот спорт 1945-2000“ од 2008 година. Сите изданија беа топло прифатени од македонската стручна јавност. Меѓу другите, монографијата за македонските спортисти на ЛОИ ја поздрави и претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Хуан Антонио Самаранч.


Круна на спортскиот живот

Во 1963 година, по земјотресот, Петар Алексовски беше поставен за самостоен референт по физичка и техничка култура во Собранието на градот. Упорно работеше на санација и обнова на голем број спортски објекти. Во битката за подобрување на условите за физичка култура беше распишан референдум за изградба на спортски објекти. Со реализацијата на таа програма се создадоа можности спортските организации да ги реализираат своите активности речиси 50 години, сѐ до изградбата на СЦ „Борис Трајковски“.
– Тоа што се обезбеди со средствата од самопридонесот, македонскиот спорт го постигна најголемиот успех во своето постоење дотогаш, што ја зголеми мојата радост и гордост. Затоа успешниот референдум за самопридонесот го сметам за круна на мојот спортски живот – вели доајенот на македонскиот спорт Петар Алексовски-Пепо.