Светот мора да избегне уште една криза со храна

Случувањата во Украина предизвикуваат огромно човечко страдање. Ние, во Светската трговска организација (СТО), институцијата што се темели на владеењето на правото и чија цел е да помогне во градењето на мирот, сметаме дека насилството се коси со нашите фундаментални принципи. Ние го поддржуваме апелот на генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, за да се стави крај на крвопролевањето и посакуваме брза и мирна разврска на конфликтот. Но иако остануваме збунети од шокантните и трагични слики на украинските градови, кои се под напад, и иако се обврзуваме да направиме сè што можеме поединечно и колективно за да му помогнеме на украинскиот народ, исто така станува јасно дека економските и хуманитарните последици од конфликтот ќе се почувствуваат подалеку од Европа. Нашата одговорност е проактивно да ги ублажиме овие последици.

Дури и пред конфликтот, зголемувањето на цените на храната и на енергијата ги оптоваруваше домаќинствата и владините буџети во многу помали и посиромашни земји, чии економии беа меѓу најбавните во закрепнувањето од пандемијата на ковид-19. Новите скокови на цените предизвикани од случувањата во Источна Европа сега се закануваат да предизвикаат продлабочување на сиромаштијата и несигурноста со храна. Во овие околности, улогата на СТО и трговијата воопшто, особено за земјите што се нето-увозници на храна, е од огромно значење за спречувањето на гладот. Иако Украина и Русија заедно сочинуваат скромни 2,2 отсто од светската трговија со стоки, според процените на СТО, оваа бројка го потценува нивното значење на пазарите на енергија и на жито, а како доставувачи на вештачко ѓубриво, минерали и други клучни суровини, се од суштинско значење за широк опсег на понатамошните производствени активности. На пример, во 2020 година, двете држави испорачаа 24 отсто од светската трговија со пченица и 73 отсто од сончогледовото масло.
Увозот на такви стоки е од суштинско значење за основната безбедност на храната во многу земји што немаат вода, плодна почва и временски услови за одгледување на сета храна што им е потребна. Во текот на изминатите 30 години, Украина и Русија станаа клучни извори на жито за земјите како Монголија, Шри Ланка, Либан, Египет, Малави, Намибија и Танзанија. Светската програма за храна на ООН, која им обезбедува помош на луѓето што се погодени од конфликт и природни катастрофи во повеќе од 80 држави, обично набавува повеќе од половина од своите резерви на пченица од Украина.

Блокадите на украинските патишта предизвикани од конфликтот и меѓународните санкции наметнати врз Русија нагло го намалија расположливото светско количество пченица. Стравувањата дека украинските земјоделци ќе бидат спречени да го одгледуваат годинашниот пролетен род, ја зголемија загриженоста за снабдувањето, предизвикувајќи цената на фјучерсите на пченицата да порасне за 40 отсто и да достигне рекордно високо ниво во првата недела од март. Зголемените цени на енергијата и храната почнаа да поттикнуваат добро познати политички одговори, со тоа што неколку влади го ограничија извозот на жито и други клучни прехранбени производи во обид да ги зачуваат домашните резерви и да го ограничат растот на цените. Зголемениот број поплаки до СТО од извозници во неколку земји-членки и јурисдикции го нагласува обемот на проблемот. Таквите извозни контроли би можеле да доведат до растечки ценовни зголемувања и нови рестрикции. Светската банка проценува дека 40 отсто од зголемувањето на светските цени на житото за време на последната криза со храна во 2010-2011 година беше резултат на владините обиди да ги изолираат домашните пазари.

Но светот може да ги ублажи овие ризици. Искуството покажува дека меѓународната соработка може да помогне во управувањето со негативните ефекти од зголемените цени на храната. Цела деценија, споделувајќи информации за резервите на храна преку Информативниот систем за земјоделски пазар, им овозможи на водечките извозници и увозници да спречат паника и да го одржат непречено функционирањето на пазарите. Со оглед на тоа што светскиот трговски систем веќе се бори да се справи со високите транспортни трошоци и пренатрупани пристаништа, поблиската координација може да помогне да се стабилизираат меѓународните пазари за храна, енергија и стоки и да се минимизираат дополнителните нарушувања во синџирите на снабдување. Поважно е тоа што функцијата за следење и транспарентност на СТО може да помогне да се осигури дека синџирите за снабдување со храна и земјоделство, кои не се директно засегнати од санкциите, остануваат отворени и функционираат ефикасно.

Подобрата видливост во однос на нарушувањето на пазарот исто така ќе ѝ овозможи на меѓународната заедница да препознае и мобилизира финансиска и друга помош за сиромашните земји, кои се тешко погодени од зголемувањето на цените на храната. Ова особено е итно, затоа што, дури и пред избивањето на украинскиот конфликт, постпандемиското закрепнување остави голем дел од светот зад себе. Растот во најсиромашните земји беше далеку зад трендот од пред пандемијата, што го одрази нивниот слаб фискален капацитет и нееднаквиот пристап до вакцини против ковид-19.
Додека светот ги следи настаните во Украина, сите ние мора итно да се фокусираме на тоа како да го поддржиме украинскиот народ. Природно и соодветно е владите да се концентрираат на нарушувањето на нивните сопствени економии. Но ние исто така мора да дејствуваме сега за да обезбедиме некои од најсиромашните и најранливи луѓе во светот, далеку од конфликтот и отсутни од насловите, да не станат колатерална штета.

Нгоци Оконџо-Ивеала

Авторката е генерална директорка на Светската трговска организација и истакната соработничка на институтот „Брукингс“