Има неколку почесни страници во историјата на Албанија од нејзиниот осамен пример за херојство додека се случуваше гонењето на Евреите за време на Втората светска војна. Никој не побара од нашите баби и дедовци да ги ризикуваат, а често и да ги жртвуваат своите животи за да ги спасат луѓето од холокаустот, но сепак безброј Албанци, подеднакво муслимани, христијани и атеисти, го направија токму тоа. Благодарение на албанскиот кодекс на честа, кој бара од сите нас да нудиме засолниште за странци во неволја, Албанија беше единствената земја во Европа со повеќе Евреи на крајот на војната отколку на почетокот.
Веднаш потоа, доживеавме прогонство од прва рака. Откако успеавме да се избориме со нашите надворешни непријатели, наидовме на подеднакво брутален непријател дома, а тоа беше угнетувачкиот тоталитарен режим што ги затвори, измачуваше и ги убиваше оние што ги сметаше за непријатели.
Ние го проживеавме она со што сега се соочува народот на Авганистан додека талибанците ја консолидираат моќта низ целата земја. Живеевме во држава што ја запечати границата и ги прогонуваше неистомислениците и нивните семејства, исто како што се очекува талибанците да прават со нивните противници. Речиси 50 години, ние се стремевме да ја имаме слободата што Авганистанците ја вкусија во последните 20 години и за која сега се чини дека сигурно ќе ја изгубат.
Денес, Албанија е членка на НАТО, ужива во придобивките и го дели товарот на соработката. Со оглед на нашата историја, точно е дека ние бевме првата земја во светот што понуди засолниште за илјадници бегалци што избегаа од талибанците. Сите членки на НАТО мора да ја признаат својата одговорност.
Точно, постојат важни прашања за тоа што сега се случува во Авганистан и зошто е тоа така и како актуелните настани ќе ја оформат иднината на Алијансата. Но иако е потребно да се водат тие непристрасни разговори, само едно нешто треба да се направи сега, а тоа е да се дејствува заедно за да спасат што е можно повеќе животи. Ние мора да ги поддржиме вредностите на Северноатлантската алијанса што ги делат сите демократски земји. Тоа значи да не им го вртиме грбот на луѓето чии животи сега се во опасност бидејќи веруваат во нас.
До пред неколку дена, членките на НАТО беа главниот извор на поддршка за народот на Авганистан. Не можеме да се повлечеме како сенки, заедно со идеалите, принципите и ветувањето за слобода и демократија што ги направивме во текот на две децении. Најмоќниот воен сојуз на светот, изграден за да ги поддржи тие идеали со закана од сила и со силата на примерот, не може да стане ентитет без ’рбет во очите на авганистанскиот народ и на милиони луѓе на други места што копнеат да живеат во слободно, праведно и демократско општество. Сите ние, нашата заедница на земји, мора да им дадеме надеж, засолниште и нов живот на сите оние што ни веруваа, работеа за нас и се бореа за ветувањето за иднината што ја претставувавме.
Кога се согласивме да им дадеме засолниште на авганистанските бегалци, го направивме тоа затоа што сериозно ги сфаќаме нашите обврски кон нашите сојузници. Но што е уште поважно, го направивме тоа поради тоа што сме. Пред само 30 години, ние бевме Авганистанци на јадранскиот брег, очајно обидувајќи се да избегаме од „црвените талибанци“ во Тирана и за време на војната во Косово ги отворивме вратите да засолниме половина милион бегалци што избегаа од етничкото чистење на Србија под власта на Слободан Милошевиќ. Ние сме добро запознаени со сите страни на тиранијата, и кога бевме оставени во рацете на бруталниот режим и кога баравме да изградиме нов живот како бегалци во други земји. Тие искуства нè научија дека не е опасноста таа што создава страв, туку стравот што создава опасност.
Албанија не е ниту голема ниту богата. Таа не е одвоена од сложените реалности на Европа, вклучувајќи го и начинот на кој имиграцијата честопати се доживува како товар. Знаеме дека стравот од странци влијае врз гласањето, изборите и обврските на партиите и политичарите, кои сакаат да добијат функција и ги почитуваме тешките избори што треба да ги направат сите други земји. Но кога се соочуваме со изборот за живот или смрт што ги засега луѓето на кои треба да им помогнеме, нашата патека е очигледна.
Ако не успееме да дејствуваме сега, ќе значи дека ѝ го вртиме грбот на нашата историја и дека забораваме што научивме од трагедиите од минатиот век. Тоа би значело да се занемари споменот на многу паднати војници и да се избришат безбројните жртви дадени во текот на 20 години на бојното поле, додека талибанците и суровостите што ги отелотворуваат, уште еднаш го потсетуваат човештвото дека злото никогаш не умира.
Албанија е подготвена да се справи со својот дел од товарот што сите земји на НАТО мора да го носат заедно. Но сега прашувам: ако дури и Албанија, најсиромашната членка на Алијансата, може да управува со својот дел од товарот, тогаш кој меѓу другите членки на НАТО не може? И кој политички изговор може да биде доволно моќен да ги победи нашите основни човечки обврски?
Има премногу покажување со прст и недоволно залагање за човештвото. Основачкиот принцип на НАТО е дека нападот врз една членка е напад врз сите. Следствено на тоа, исто така треба сите да го прифатат хуманитарниот предизвик, кој е толку голем колку и повлекувањето на НАТО од Авганистан.
Авторот е премиер на Албанија