Господинот Батлер – медиокритетството и корупцијата

Поздрав за господинот Батлер, кој пред повеќе од петнаесетина години престојуваше, живееше и работеше во независна Македонија, во својство на амбасадор (трет по ред) на САД. Дипломат од кариера, директор за европски прашања на персоналот на Советот за национална безбедност во Белата куќа, искусен преговарач, олеснувач, учесник во голем број мисии за спречување конфликти. Убав повод да се потсетиме на зборовите и препораките што почитуваниот дипломат ги истакна при крајот на мандатот, на заминување од Република Македонија.
Неговата екселенција, господинот Батлер тогаш ни порача нешто што агилните печатени и други медиуми, во рамките на својата дневна ажурност, рутинирано го забележаа, нотираа и пренесоа: „Внимавајте на корупцијата и не трпете ги медиокритетите“. Во ова, на прв поглед и при прво читање, само уште едно во низата општи упатства, насоки и совети за поуспешна и поскора системска трансформација на реалноста наречена Република Македонија, од под дипломатски избалансирана лексика и упорното и често повторување за опасностите и штетите од медиокритетството и корупцијата, се наѕира една од клучните забелешки и поенти забележани низ оптиката на дипломатскиот аналитички мониторинг и дискурс. Опасноста од медиокритетството, на што во неколку наврати посочуваше почитуваниот дипломат, не е само попатна патетична прибелешка, ниту една во низата колатерални психолошко-социјални девијации. Тоа е појава што длабоко и сериозно ѝ противречи на суштината на капитализмот. Медиокритетството на социјален и економски план не е само пречка, туку пред сѐ е неодржливо како стартно согласување со половина, или помалку, при планирање, востановување и остварување капиталистичка стратегија и економска логика – профит.

Познат е и како анегдота востановен случајот со еден од наследниците од поколението Рокфелер, симболот и синонимот на капиталистичкиот успех и благосостојба, кој како подготовка за вистинскиот бизнис и суров натпревар, најпрвин продавал весници. Погледнато од денешна перспектива, оваа анегдота може да се обележи и како случка од собитиен карактер и поента. Капиталот има цврста и непоколеблива логика, во која емоциите, непотизмот, фамилијарноста, имаат безначајна, речиси никаква, освен можеби некаква естрадна улога. Многу од прочуените богати капиталисти ги држат настрана своите блиски (несоодветни) од бизнисот, за да не им наштетат на сопствените интереси.
Вистинските луѓе на вистинските места мора да биде правило. Тоа го наложува логиката на суровиот капиталистички натпревар. Треба да се почитуваат и да се имаат предвид искуствата на развиениот свет и да се применуваат во практиката. Без таа елементарна трансформација во свеста само ќе ротираме бескрајно околу надежта за просперитет и светла иднина. Без востановување на овие и слични проверени искуства, перспективите ќе се заматуваат, резултатите ќе изостануваат, иднината дополнително ќе се компликува. Во логиката на ваквото добронамерно дипломатско резиме може да се насети една од клучните фрустрации при преобразбите во нашето општество. Партизацијата и силната исполитизираност предизвикуваат општествена закоченост, а медиокритетството е клучната алка во тој вид легална системска корупција. Таквата поставеност по правило ја промашува целта. Такви се состојбите погледнати и оценети од визурата и објективната оптика на искусниот почитуван амбасадор, кој очигледно беше добар познавач на нашите прилики и неприлики. Погледнато од денешна перспектива, овие и слични препораки само навидум биле дипломатска куртоазна лексика, туку се резултат и поента на еден важен аналитички академско-политички дискурс што ја верифицира, афирмира и сугерира суштината на капиталистичката логика.

Што се однесува до медиокритетството и капитализмот, пораката на господинот Батлер не е само изјава од формално реторички побуди, туку резиме, длабоко и суштинско. Медиокритетството, на прв поглед општествена „симпатична“ девијација, во основа е длабоко противречно на капитализмот како систем и ја попречува неговата ефикасност. Не можете да имате успешна економија, дипломатија, правосудство ако со нив управуваат и практикуваат медиокритети, напластени од неколку генерации „бескласен непотизам“, кои и денес, како и секогаш досега, преку политиката и „класната еднаквост“ опстојуваат, а и во овие матни времиња не попуштаат и се обидуваат да ги задржат привилегиите и позициите стекнати некогаш и во матните транзициски преобразби. Прагматичната логика на профитот ги почитува истакнатите (со конкретни резултати и постигања) поединци, без оглед на нивното идеолошко припаѓање и неприпаѓање, и како креативни (профитни) ресурси ги апсорбира и ги впрегнува во реализација на зададените задачи и сопствениот интерес.
Нема праведно и квалитетно судство, кога во него се затечени кадри што своите позиции ги стекнувале и стекнале во систем во кој отсекогаш биле на власт, што ја практикувале во тесни фамилијарни и партиски кругови, ја чувале за себе, ја проследувале од колено на колено, претворајќи ја дејноста во партиско-родовски клан.
И површна анализа, погледнато од денешна демократска плурална визура, ќе покаже до кој степен ваквите состојби се неодржливи и практично несоодветни во системот во кој тежнееме да се трансформираме. Закоченоста е резултат на судирот на интереси во самата логика на системот. Независното судство беше неопходен услов при структурните реформи. Тоа најпрвин требаше да ја запре криминалната приватизација на општествениот капитал и брзо и ефикасно да ги решава предметите што беа и се заробени и оковани во класни партиски фамилијарни рамки, депоа и релации, што практично ги анектирале правдата и судството и оневозможиле нивна ефикасност и праведливост. Ослободување на оваа сфера од коруптивниот и поданички менталитет, од ненадејни контроверзни решенија, наметнати од теснопартискиот интерес, што го заринка судството на транзицискиот гребен, со што се загрозува и компликува севкупната општествена стварност. Тоа се некои од приоритетите на кои укажуваше добриот и објективен познавач на нашите премрежиња, искусниот дипломат. Неспорно е дека на нашето судство и другите општествени дејности им е потребна длабока преобразба. Но тоа не значи отстранување и ротирање на двајца-тројца службеници од висок ранг, или бочна пресметка со ситната корупција.

Реформите во овие сфери треба да бидат темелни, што всушност би претставувало демонтажа на еден закоравен, инертен систем, затскриен во лавиринтите на теоретскиот релативизам, пречка во трансформацијата, демократските преобразби и економскиот просперитет.
Внимавајте на корупцијата и не трпете ги медиокритетите, благо ни препорача пред години, на заминување, неговата екселенција, господинот Батлер. Им благодариме нему и на сите добронамерни за големиот број срдечни средби, разговори, за времето и трпението што го имаат за нас.

Аљоша Симјановски