Па, ми падна едно незгодно

Толку видов, толку разбрав. И доволно ми беше. Веднаш ми дојде топло околу душата оти видов дека Македонија има пријатели, дека има луѓе што ја разбираат нашата положба и сакаат да ни помогнат. Кои ја сфаќаат ирационалноста на бугарските условувања. И долго се мислев дали да го ставам сето ова на хартија. Си велам, да не му се налутат на човекот овие нашиве политичари. Оти, кој е па тој да бара среде европскиот дом прием за Македонија без непотребните условувања, кога тие самите упорно инсистираат на почитување токму на тие бугарски услови. Па, белки тие најдобро знаат што е најдобро за Македонија. Па, ми падна едно незгодно. Си велам, молчи си, нека се борат Европeјците сами, можеби ќе ја истераат работата како што треба, оти ако отидат нашиве со наведнати глави во Брисел, којзнае уште што ќе прифатат

Што ти е телевизија. Сурфаш, сурфаш со тоа далечинскиот управувач, за да ги избегнеш бескрајните празни фрази на самонаречените аналитичари, кои до вчера се колнеа дека нема шанси в година да има претседателски и парламентарни избори во ист термин, а за кои беше доволно Али Ахмети да се искашла и веднаш да ја сменат плочата и да се посипат со пепел. Сега тие ќе ни објаснуваат кои се предностите на одржување на изборите во ист ден. Не, дечки, ви благодарам.

И во еден таков момент – оп, налетуваш на добрососедската телевизија. Тоа е онаа телевизија што ние така добродушно ја пренесуваме со сета нејзина пропагандна антимакедонска содржина, а нашата држава иако потпиша реципрочен договор не смогна сила да ги замоли нашите блиски, море најблиски соседи, тукуречи браќа, значи да ги замоли макар еднаш неделно по половина час да пренесуваат наша телевизија на нивните оператори. Но нејсе, да не го спомнуваме тоа, да не ги налутиме, па да ни стегнат една воспитна преку Брисел, кој ќе се правда што сме се осмелиле да ја спомене таа ставка од договорот. Таман работа.
Е, значи, на таа телевизија тече некаков извештај од Брисел, од седница на некое од битните европски тела, Европскиот парламент. Всушност тоа беше дебатата „Ова е Европа“ што ја имаа европарламентарците со бугарскиот премиер Николај Денков. И, оп, среде извештајот од дебатата, бугарската телевизија го пренесе излагањето на австрискиот европарламентарец Андреас Шидер, инаку социјалдемократ.

„Бидејќи сум Европеец, морам да кажам и дека многу работам на проширувањето и многу сум вклучен во Западен Балкан и затоа мислам дека на Македонија ѝ е потребна поддршката од Бугарија за да влезе во Европската Унија. Тие направија огромни реформи и тие би биле вашиот најдобар пријател. Затоа, ве молиме, помогнете ѝ на Македонија наскоро да стане членка на Европската Унија“, им се обрати Шидер на бугарските европарламентарци, но и на високата владина делегација што беше на состанокот.
Толку видов, толку разбрав. И доволно ми беше. Веднаш ми дојде топло околу душата оти видов дека Македонија има пријатели, дека има луѓе што ја разбираат нашата положба и сакаат да ни помогнат. Кои ја сфаќаат ирационалноста на бугарските условувања.

И долго се мислев дали да го ставам сето ова на хартија. Си велам, да не му се налутат на човекот овие нашиве политичари. Оти, кој е па тој да бара среде европскиот дом прием за Македонија без непотребните условувања, кога тие самите упорно инсистираат на почитување токму на тие бугарски услови. Па, белки тие најдобро знаат што е најдобро за Македонија.
Па, ми падна едно незгодно. Си велам, молчи си, нека се борат Европејците сами, можеби ќе ја истераат работата како што треба, оти ако отидат нашиве со наведнати глави во Брисел, којзнае уште што ќе прифатат.
Ама, не издржав. Пренесов. Па сега, кој како ќе разбере.

А, тоа за реципроцитетот околу пренесувањето на телевизиите, кој ќе му ја мисли сега на тоа. Нашиве политичари сега имаат многу поважна работа. Откако го убедија народот дека автопатиштата ќе чинат неодредена сума пари, а ќе ги отплаќаат и нашите внуци, сега се дадоа на масовна хипноза да се проголта уште една жаба, овој пат уште покрастава. Чебрен. Магичен збор, кој ќе нѐ чини како држава уште повеќе од автопатиштата, а што се однесува до неговата исплатливост, сите сериозни професори, енергетичари, луѓе од праксата, кои учествувале во изработка на енергетските стратегии на Македонија, укажуваат дека тука не е чиста работата. Едноставно, треба добро да се размисли и да се стават на маса сите предлози, сугестии, мислења и да се донесе најдобрата одлука за нас – за Македонија. И додека од стручната јавност секојдневно слушаме сериозни забелешки и спротивставувања зошто не треба да се потпише концесискиот договор за изградба на „Чебрен“ под овие услови, од другата страна не слушнавме ниеден сериозен аргумент, освен флоскулите дека тоа е најдоброто решение и дека тоа ќе донесело многубројни придобивки.
Е сега, да го кажуваат тоа експерти, па човек и да се замисли. Ама кога тоа го верглаат партиски апаратчици и некои од овие самонабедените аналитичари, а кои утре, на нечиј миг ќе почнат да нѐ убедуваат колку е штетен истиот тој договор, тогаш уште појасно станува на чија страна е вистината.
Што друго ни останува, освен да ги забележиме сите овие работи и да ги ставиме на хартија. Можеби некој и ќе ги прочита.