Национална (не)зрелост

Вандалскиот чин врз споменикот на Гоце Делчев во Струмица е само уште еден показател за нашата неподготвеност да го исполниме неговиот аманет да ја покажеме сопствената национална зрелост пред Европа и светот. И е само еден во низата. Спомениците од минатото често се цел на напади или се комплетно запуштени и руинирани. Сведоци сме на целосна узурпација на градителското наследство, архитектурата и културата

Деновиве, додека гласно одекнуваа повиците да продолжиме да ги негуваме визиите на Гоце Делчев како синоним за културен натпревар меѓу народите и слободна македонска држава, по повод 152-годишнината од раѓањето на великанот, во центарот на Струмица, на самиот плоштад, вандализирана е неговата скулптура, дело на академскиот ликовен уметник Бранко Конески. Бронзата е уништена со употреба на автолак и неопходна е брза интервенција за отстранување на трагите.
Изградбата на споменикот била по повод стогодишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев, реализацијата започнала во 1973 година, а завршила на 11 октомври 1976 година. На анонимниот југословенски конкурс учествувале познати македонски вајари, меѓу кои и Илија Аџиески, Драган Поповски-Дада, Борко Митриќески, Александар Ивановски Карадаре, Томе Андреевски, Максим Димановски… Било одобрено решението на академскиот ликовен уметник Бранко Конески, а партерното решение на архитектот Мирјана Волинец. Станува збор за скулптура од леана бронза во натприродна висина од 5,20 м, со симболична претстава на повик на борба за слобода, поставена на постамент. Тематско-иконографски, фигурата го претставува Гоце Делчев како симбол на повикот на борба за слобода и сугерира дека неговата сила на револуционер не е во оружјето, туку во идејата за поттикнување на организацијата во извршувањето на својот идеал. На споменикот стои натписот:
„Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“, кој сега е заменет со бесмислици испишани со црвена боја.
Овој вандалски чин врз споменикот, кој последен пат бил реставриран во 2010 година, е само уште еден показател за нашата неподготвеност да го исполниме аманетот на Гоце Делчев да ја покажеме сопствената национална зрелост пред Европа и светот. И е само еден во низата. Примери има безброј. Спомениците од минатото често се цел на напади или се комплетно запуштени и руинирани. Сведоци сме на целосна узурпација на градителското наследство, архитектурата и културата.

Таков е примерот со Спомен-костурницата во Куманово. Оштетена релјефна плоча, напукнати ѕидови, откорната мермерна плоча со имињата на загинатите борци, скршени скали и жардиниери… Се распаѓа училиштето во Подвис, кое е прогласено за културно наследство, бидејќи токму таму првпат е одржана настава на македонски јазик. Во Маврово врз Споменикот на антифашистичката борба од 1970-тите години, дело на архитектот Радован Раѓеновиќ и академскиот сликар Глигор Чемерски, осамна графит. Во нашата земја има голем број спомен-обележја, спомен-костурници и меморијални комплекси што се авторски дела на најеминентните уметници, скулптори и архитекти од Македонија и од поранешните југословенски републики, кои се оставени без грижа. Обезглавени бисти, графити и чкртаници. Сликата е идентична кај повеќето од спомениците што никој не ги одржува, а дополнително постојано сe цел на вандали и крадци бидејќи нема ни физичко ни видеообезбедување.
Историско-политичкиот контекст во кој настанале спомениците низ земјава се разликува, ама факт е дека тие сведочат за достигнувањата во целокупната македонска историја што довеле до создавање на првата македонска држава во историјата.

Полураспаднати, заборавени или oставени на маргините на една сосема изменета контекстуализација на овие простори, спомениците низ земјава, од некогашни собиралишта и задолжителни точки на училишните екскурзии, се претвораат во траги на една заборавена историја, тажна слика на заборав и негрижа. Сѐ додека не покажеме сериозна грижа кон сопственото минато и јавно не ги посочиме и осудиме оние што го негираат нивното значење во создавањето на македонската држава, нашето опстојување сѐ уште не е завршена битка

Вакви полураспаднати, заборавени или oставени на маргините на една сосема изменета контекстуализација на овие простори, од некогашни собиралишта и задолжителни точки на училишните екскурзии, се претвораат во траги на една заборавена историја, тажна слика на заборав и негрижа. Дури и оние што светската стручна јавност исклучително ги вреднува, немо стојат како паметници на некои времиња што некои неистомисленици со задоволство би ги закопале во минатото. Сѐ додека не покажеме сериозна грижа кон сопственото минато и јавно не ги посочиме и осудиме оние што го негираат нивното значење во создавањето на македонската држава, нашето опстојување сѐ уште не е завршена битка.