Денот на мрмотот

Кога човек не ги превенира навреме проблемите, тие стануваат уште поголеми и се повторуваат. Нема учебници и свидетелства поради нашата неспособност, нема евтина електрична енергија поради неинвестирањето во сопствени енергетски капацитети, странците ни солат памет затоа што ниту за три децении не успеавме да изградиме функционална и почитувана држава. Сè додека е така, секој почеток
ќе ни се повторува, одново и одново. Токму како во „Денот на мрмотот“

Септември симболично е месец на некаков очекуван нов почеток. Иако е некаде во вториот дел од годината, сепак како нешто да започнува. Така е и овој септември. Децата тргнаа во училиште, мерките за штедење електрична енергија стапија во сила, а почнаа и убедувањата за нови уставни промени. Секоја година зборуваме за нов почеток, но проблемите остануваат исти, се повторуваат циклично небаре сме заглавени во временски луп, нешто слично како во оној филм „Ден на мрмотот“. Таму главниот протагонист е заглавен во едно мало место и секое утро му се повторува истиот ден. Успева да се ослободи дури тогаш кога ќе ги поправи сите работи што го држеа заглавен во времето.
Но да се вратиме во нашата реалност, наспроти холивудските приказни. Вчера се огласи првото училишно ѕвонче во оваа учебна 2022/2023 година. Првачињата дотерани, нетрпеливи да се запознаат со својата учителка, некои расплакани, но сите свесни дека започнуваат еден нов циклус во својот живот. Оние поголемите, повеќе загрижени за својата нова фризура и дали тоа оставило добар впечаток кај симпатијата со која срамежливо се погледнале додека влегувале во училиште. Оние, пак, од средните училишта, тие се веќе влезени во некоја вообичаена рутина, појаките „фраери“ раскажуваат за летните љубовни авантури, кои како по обичај нема кој да ги потврди, додека другите се фалат со некој нов модел на мобилен телефон или супербрз компјутер. Тоа се децата.
И додека никој не може ништо да им забележи ним, оние што се одговорни за образовниот процес, којзнае по кој пат потфрлија. Повторно на првиот училиштен ден децата останаа без учебници, а како замена се најавуваат некакви прирачници. Учебниците ќе се дистрибуирале подоцна, кога ќе се отпечатат. Слично беше и со свидетелствата. Децата ги добија вчера, на првиот училиштен ден. Нормално дека нема да се израдуваат, кога сиот труд што го вложиле за време на учебната година, некој заборавил да им го официјализира.

Во септември свидетелства, едноставно кај се видело. На дел од училиштата им пропаднале тендерите за набавка на храна за децата во целодневна настава, па сега не е возможно да има ниту целодневна настава во прво време. Повторно родителите ќе мора да се снаоѓаат како знаат и умеат, да ангажираат баби, дедовци, сестри, браќа и секој што е слободен. Никој не кажува што ќе се случи ако енергетската криза ескалира, односно ако се случат рестрикции на струја. Нејасно е и како ќе се покриваат сметките за струја на училиштата, кои сега ќе бидат неколкукратно зголемени, а локалните власти и онака се жалат дека не можат да го платат ниту уличното осветлување. Мислам дека илузорно е да зборувам за некаква техничка подготвеност за евентуално префрлање на онлајн настава ако се појави некој нов бран на ковид, ако нема доволно греење во училиштата, или ако има испади во електродистрибутивната мрежа. Едно е само сигурно, дека повеќе никој не им верува на надлежните дека имаат некаков план, туку речиси сигурно е дека сè е препуштено на стихијата – прво нека се случи, па потоа ќе видиме што ќе правиме и како ќе се крпиме.
Тоа најдобро го отсликаа и мерките за штедење на електрична енергија, кои исто од вчера стапија во сила. Додека цела Европа и светот почнаа да се подготвуваат за енергетската криза за која знаевме дека ќе се случи речиси цела година однапред, надлежните во земјава мува не ги лазеше. Стопанството предупредуваше и бараше мерки со месеци, предупредуваа и експертите, но никој не мрдна со прст. Сега се носат некакви олеснувања за поставување фотоволтаици, иако ова да се направеше пред две-три години, наместо да се штитат трговците со струја, сега многу компании немаше да плаќаат високи сметки и да стравуваат од затворање. Ако затворат повеќето компании, прашање е кој ќе го полни буџетот од каде што земаат плата стотиците илјади административци, најголем дел партиски вработени. Што е најстрашно, државата продолжува да се задолжува со кредити за да ја субвенционира скапата струја, наместо парите да ги инвестира во производни капацитети што ќе произведуваат електрична енергија.

Тие кредити повторно ќе ги враќаат граѓаните, исто онака како што ги плаќаат и илјадниците киловати украдена струја од системот.
Да не работеле климите, фотокопирите, да не се палеле светилки, да не се возат со лифт, за да се заштеди струја, се дел од наредбите за институциите. Па подобро воопшто и да не одат на работа, по примерот на „рамковните административци“, па може така институциите ќе ги намалат сметките за струја, под услов некој да не им рудари криптовалути во подрумските простории.
Некому можеби ова ќе му изгледа смешно, но работата е за плачење. Да го оставиш сопственото стопанство на милост и немилост на енергетската криза значи буквално да ја ставиш државата на инфузија и апарати за преживување. Без пари за пензии, плати и други давачки, како ќе функционира државниот апарат? Само од казни за брзо возење и непропуштање пешаци?
Затоа е потребна стратегија, која многу експерти во оваа земја ја нудат бесплатно и секојдневно кажуваат што треба да се направи, но очигледно нема кој да слуша. Ако на секој дом се постават субвенционирани фотоволтаични централи, ако истото тоа го има и кај стопанските субјекти (само без субвенции), ако се изградат Чебрен и Галиште, ако се инвестира во нови технологии за производство на електрична енергија од смет, тогаш македонската енергетска состојба ќе биде многу подобра. Стопанството ќе може да добие многу поевтина домашна струја од она што сега се нуди на берзите, ќе има конкурентни производи и ќе напредува. Вака, единствената опција е отпуштање работници и ставање клуч на врата. Клучното прашање е дали некој сака земјава енергетски да заздрави и да не зависи од никого или, пак, постојат интереси во бизнисот со струја што се многу поважни од она што го мислат експертите.
А кога самите не знаеме да наоѓаме решенија, тогаш секогаш ќе се најде некој друг од страна да ни попува. Затоа и не треба да нѐ чуди што постојано ни се појавуваат разно-разни европски емисари што ни кажуваат што е добро за нас. Работава стана веќе „дежа ви“. Како што беше пред ратификувањето на Преспанската спогодба, така е и сега. Повторно Македонија е главната „туристичка“ дестинација за европските дипломати, за кои одеднаш внесувањето на Бугарите во Уставот стана круцијално европско прашање.

Нема ништо лошо во тоа некому да му се дадат повеќе права, но иритира односот на странците, кои наметнуваат обврски само за Македонија. Колку подобро ќе изгледаше завчерашната посета на Михаел Рот, пратеник од германскиот Бундестаг и претседател на Комисијата за надворешна политика, ако во Скопје дојдеше од Софија, откако претходно добил согласност од бугарските власти дека ќе ги спроведат сите пресуди на Европскиот суд за човекови права во полза на Македонците од Бугарија, па потоа да има лице тука да побара да се направат уставните измени. Лесно е да се кажуваат бајки на Твитер за убавината на македонскиот јазик, за Македонците и Македонките, кога на крајот пак сме ние тие што треба да го проголтаат горчливото апче. Можеше Рот да намине и до Атина, да праша до каде е работата со трите меморандуми и зошто уште стојат таблите со ПЈРМ. За оштетените возила подобро да не прашува, оти така може само дополнително да ги вознемири Грците, кои станаа екстремно чувствителни на секаква употреба на буквата „М“ од македонска страна.
Сите овие примери од погоре се израз на нашата неспособност. Кога човек не ги превенира навреме проблемите, тие стануваат уште поголеми и се повторуваат. Нема учебници и свидетелства поради нашата неспособност, нема евтина електрична енергија поради неинвестирањето во сопствени енергетски капацитети, странците ни солат памет затоа што ниту за три децении не успеавме да изградиме функционална и почитувана држава.
Сè додека е така, секој почеток ќе ни се повторува, одново и одново. Токму како во „Денот на мрмотот“.