Брза пруга за брз напредок

Она што е важно да се напомене е дека изградбата на железница не претставува само некакво сообраќајно решение. Не, тоа воопшто не е така. Силата на една држава се гледа во нејзината инфраструктура, бидејќи квалитетната инфраструктура значи поврзаност со светот, а тоа придонесува за позитивно влијание врз економијата и не само врз неа

Македонија минатата година ја прифати поканата од Унгарија и Србија за приклучување кон проектот брза железница по коридорот 10. Брзата железница би го поврзала северниот дел од регионот со турскиот и грчкиот брег за патнички и карго-сообраќај. Железницата од Белград треба да продолжи во три правци, преку Бугарија во правец кон Турција и преку Македонија во правец кон Грција, односно кон Албанија, да ја прошири мрежата на брзи железници и на овој начин стоката со железница значително полесно може да се транспортира во ЕУ.
За овој проект силно е заинтересирана и Европската Унија, која гледа значително економско раздвижување и зајакнување на земјите од Балканот, а секако тука е и интересот на самата унија за достава на стоки.
Железничкиот сообраќај е важна стопанска гранка за секоја држава, кој е најбрз, најбезбеден и најевтин во копнениот транспорт, а во исто време се карактеризира како значително поеколошки вид транспорт за разлика од другите.
Идејата наиде на лавина реакции и ставови од страна на експертите, кои даваат сугестии за начините на кои таа би се реализирала, со оглед на тоа што „Македонски железници“ немаат голема инфраструктура и на истата таа ѝ е потребна сериозна санација, особено затоа што оваа идеја предвидува возовите да се движат со брзина до 160 километри на час, а пругата едноставно не може да го издржи тој капацитет. Да не го споменувам фактот дека денес македонските возови возат едвај со брзина од 50 километри на час, па токму затоа железничкиот сообраќај во земјава е на работ на колапс, бидејќи никој нема интерес да патува со часови до Велес, на пример, кога со возило дотаму се стасува за помалку од еден час.

Она што е важно да се напомене е дека изградбата на оваа железница не претставува само некакво сообраќајно решение. Не, тоа воопшто не е така. Силата на една држава се гледа во нејзината инфраструктура, бидејќи квалитетната инфраструктура значи поврзаност со сите земји, а тоа придонесува за позитивно влијание врз економијата и не само врз неа.
Да напоменам дека Македонија, за жал, е изолирана земја, не политички, туку инфраструктурно.
Тоа е така затоа што ние немаме добри патишта, ние немаме ниту водно поврзување со соседна Албанија, иако меѓусебно го делиме Охридско Езеро, гасоводот е во некоја почетна идеја, коридорите 10 и 8 не се комплетирани, а се од стратегиска важност за земјата…
Да не се лажеме, потребни ни се сериозни инвестиции во линиската инфраструктура. Тие треба да се градат со засилен интензитет, по светски стандарди за стопанствениците, но и целата држава да ја почувствува бенефицијата од поврзувањето со економски развиените земји.
Да не го спомнувам само историското градење на автопатот Кичево – Охрид, кој веќе со години зјае и голта грдни пари како бунар без дно. А тој пат е од витална важност, не само за стопанствениците туку и за туризмот, особено затоа што Охрид ни е единствениот туристички бисер што ги привлекува туристите од светот.
Со добро изградените патишта и патот до одредена дестинација би бил атрактивен, по неговата должина би се отвориле трговски субјекти каде што, освен одмор, туристите би ги оставале своите пари. Замислете само, на патот кон Охрид да имате локации каде што ќе можете да ги извадите вашите деца од возилото да поиграат, вие да одморите со квалитетен ручек или туристите од странство да купат производи од нашето поднебје.

Кога автопатот до Грција би бил во состојба како што налагаат стандардите, а не постојано раскопан и во реконструкција со години, тогаш и туристите од цела централна Европа почесто би се решавале да возат по него и сите крајпатни сместувачки капацитети, угостителски објекти и трговски центри би добиле дополнително значење.
Или, пак, замислете кога би можеле да патувате со воз до Белград, едно од омилените места за викенд-прошетка на Македонците, каде што би стасале многу побрзо отколку со возило и би избегнале еден куп патарини и сообраќајни метежи.
Импакт-факторот од реализацијата на оваа идеја е повеќекратен и повеќе области ќе имаат директна корист од него. Допрва државата треба да покаже сериозни заложби и инвестиции за да ја извади земјава од изолацијата во која непрекинато тонеме, притоа таа изолација нема никаква врска со политиката на која се вадат политичарите.