Фото: Гимназија „Добри Даскалов“ – Кавадарци

На сцената се појавија најзначајните женски ликови од историјата: Клеопатра,
Јованка Орлеанка, Сузан Ентони, Флоренс Најтингејл, Клара Цеткин, Роза Луксембург,
Марија Кири, Хелен Келер, Вирџинија Вулф, Коко Шанел, Елеонор Рузвелт, Мајка Тереза, Индира Ганди, Маргарет Тачер и принцезата Дијана. Овие жени се извонредни
индивидуи што постигнале резултати на полето на уметноста, музиката, науката, политиката, социјалниот живот, забавата и спортот. Но, за да го постигнат тоа, прво морале да се борат со ограничувањата наметнати од општеството и од традиционалната претстава за улогата на жената во своето време, велат професорките Васка Петкова и Наташа Матакова

Учениците од гимназијата „Добри Даскалов“, во соработка со Музеј-галеријата во Кавадарци,
креативно го одбележија 8 Март

Идејата да се прикажат биографии на влијателни жени што извршиле промени во различни периоди низ историјата се преточи во прекрасен мултимедијален проект, насловен „Жените што го променија светот“, во изведба на учениците од гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци. На покана на Музеј-галеријата, по повод празникот на жената 8 Март, настанот составен од драматизација, музика и сликарство беше изведен пред многубројната публика. Околу 25 гимназијалци, главно од прва и втора година, под менторство на професорките Васка Петкова и Наташа Матакова, преку оживување на ликовите на истакнати жени од различни историски периоди, испратија моќна порака: „Ние ги почнавме промените во светот, сега е вашиот ред, ова е ваше време. Чекорете храбро, силно и одлучно. Освојувајте простори, преземајте ризици, не откажувајте се, небото нека ви биде граница. Сите ние минуваме низ времето, остануваат само нашите дела, мисли и вредности, како факел што свети над сите нас“.
– Преку извадоци од литературни дела на македонски автори (Ацо Шопов, Петре М. Андреевски и Гане Тодоровски), како и со презентирање мудри мисли од светската литература, во овој проект се обидовме да ја истакнеме големината на жената, нејзината дарба, нежност, љубов и божественост. На сцената се појавија најзначајните женски ликови од историјата: Клеопатра, Јованка Орлеанка, Сузан Ентони, Флоренс Најтингејл, Клара Цеткин, Роза Луксембург, Марија Кири, Хелен Келер, Вирџинија Вулф, Коко Шанел, Елеонор Рузвелт, Мајка Тереза, Индира Ганди, Маргарет Тачер и принцезата Дијана. Овие жени се извонредни индивидуи што постигнале резултати на полето на уметноста, музиката, науката, политиката, социјалниот живот, забавата и спортот. Но, за да го постигнат тоа, прво морале да се борат со ограничувањата наметнати од општеството и од традиционалната претстава за улогата на жената во своето време. Нашите ученици изминатиот период посветено работеа на составувањето на текстовите, а се потрудивме да обезбедиме и соодветни костими. Петмина ученици по нивни избор цртаа портрети на познати жени, а двајца ученици со своите гитари го изведоа музичкиот дел од овој мултимедијален проект – вели професорката Васка Петкова.
Професорката Наташа Матакова ја потенцира добрата повеќегодишна соработка на гимназијата „Добри Даскалов“ со Музеј-галеријата, преку посетата на историските изложби како дополнување на часот по историја. Исто така гимназијалците редовно учествуваат во археолошките ископувања, заедно со музејските археолози на блиските археолошки локалитети.


Таа има дар живот да носи и дарува

Таа има дар нежност и љубов да дава,
таа има дар божествен срцето свое да го раздава.
Таа има сила и моќ после паѓање да се исправи низ секоја болка да помине.
Таа има голема дарба секому утеха да дава,
има вера непоколеблива секоја битка да ја извојува.
Таа има дарба да лечи и излекува
Таа дар има жена да биде.

(Извадок од текстот што беше презентиран во претставата „Жените што го променија светот“)