Спасувањето животи е императив, спасувањето на економијата исто така

Стравувањата дека најлошото сѐ уште не е поминато и понатаму остануваат. Економските показатели веќе почнаа да стануваат негативни, а постои опасност да бидат уште полоши. Месец мај се смета за еден од најтешките од економска перспектива. И покрај надежите дека ќе се успее да се надмине здравствената криза и ќе почнат да се враќаат работите во нормала, сепак ќе бидат потребни време и енергија да се стабилизираат и повторно да се воспостават сега разнишаните економски процеси

Податокот дека над 20 илјади компании аплицирале за владината мерка за поддршка, поточно за исплата на минимална плата од 14.500 денари укажува не само на голем интерес од страна на компаниите туку и на големиот проблем со кој се соочуваат тие. Здравствената криза значително ја погоди економијата и доведе до затворање на голем број компании. Стопанствениците скоро секојдневно реагираа и укажуваа на недостиг од средства и на неможност да ја одржат ликвидноста во своите компании поради што бараа и поддршка од Владата. Големиот интерес, кој сега излегува на површина, е потврда дека речиси целото стопанство има тешкотии во своето работење поради мерките преземени заради сузбивањето на пандемијата на ковид-19.

Но мошне индикативен е малиот интерес за владината поддршка од страна на компаниите, кои се дел од најпогодените сектори, угостителство, туризам и транспорт. Овие компании имаа можност во претходниот повик да аплицираат за владината поддршка, но сепак, некои од нив не го сторија тоа укажувајќи дека мерката не им помага да ги зачуваат своите компании ликвидни и дека имаа потреба од други мерки. Од вкупно 23.861 барање, колку што биле поднесени до Управата за јавни приходи до 7 мај, а со кои над 21.500 компании побарале помош, мал дел барања се од најпогодените сектори од оваа криза.

Имено, како што соопштија надлежните, од вкупниот број барања, за поддршка на платата во угостителската дејност се поднесени 2.377 барања, од туристичките агенции има 253 барања, од транспортните компании се 2.177, а за објекти за сместување имало 258 барања. Преостанатите над 16 илјади барања се за други дејности…
Овие податоци јасно укажуваат дека економската криза се прелеала врз повеќе дејности и дека загуби во своето работење бележат фирми од разни дејности, не само одредени сектори, како што беше на самиот почеток од воведувањето на мерките за спречување на ширењето на вирусот.

Наедно, неизбежно мора да се посочи дека големиот одзив кај компаниите се должи и на значително подобрените услови за аплицирање за мерките за поддршка, како и на можноста целосно апликациите да се поднесуваат преку интернет, само со неколку клика, и без притоа апликантите да треба да собираат разни документи од повеќе институции. Овие можности беа причина плус и за претходно солвентни и добро развиени компании, кои со засилувањето на кризата, се најдоа во сосема незавидна позиција, да бараат помош за исплата на платите.

Сѐ поизвесно е дека за компаниите ќе биде неопходна државна помош и во следниот период, но помошта треба да биде насочена кон вистинските места и со точно утврдени ефекти од нејзиното давање. Покрај спасувањето на човечките животи, во оваа ситуација, властите, за жал, мора да размислуваат и за спасување на компаниите, за да може паралелно со надминувањето на здравствената криза, да започне и обнова на економијата

Сепак, стравувањата дека најлошото сѐ уште не е поминато и понатаму остануваат. Економските показатели веќе почнаа да стануваат негативни, а постои опасност да бидат уште полоши. Месец мај се смета за еден од најтешките од економска перспектива. И покрај надежите дека ќе се успее да се надмине здравствената криза и ќе почнат да се враќаат работите во нормала, сепак ќе бидат потребни време и енергија да се стабилизираат и повторно да се воспостават сега разнишаните економски процеси. Некои од економските аналитичари и инволвирани во економските текови укажаа дека за дел од компаниите и следниот месец ќе биде особено тежок, пред сѐ за извозно ориентираните компании. Ваквите стравувања и најави се резултат на она што се случува низ светот, каде што поради ширењето на пандемијата се стопирани голем број од работните процеси и се чека надминување на истата таа. Најголемите европски и светски банки укажаа дека светот влегува во рецесија и дека најразвиените земји ќе имаат најголем застој или најголем пад во годинашниот БДП.

Токму ваквите очекувања се причина плус за неизвесност и кај домашните компании, бидејќи голем дел од извозните компании соработуваат или работат за светски компании, чии матични фирми се во развиените земји. Алармите што ги упатуваат коморите и претставниците на бизнис-заедницата мора да се разгледаат внимателно и со детална анализа да се утврди кои гранки и кои области ќе имаат потреба од поддршка во следниот период. Сосема е јасно дека Владата мора да обмисли мерки со кои ќе бидат опфатени и други компании, но притоа мора да се има на ум дека како и овој пат, за процесот да биде побрз и поуспешен, поточно за да им се помогне на што поголем број компании, апликациите мора да бидат едноставни и разбирливи.

Сѐ поизвесно е дека за компаниите ќе биде неопходна државна помош и во следниот период, но помошта треба да биде насочена кон вистинските места и со точно утврдени ефекти од нејзиното давање. Покрај спасувањето на човечките животи, во оваа ситуација, властите, за жал, мора да размислуваат и за спасување на компаниите, за да може паралелно со надминувањето на здравствената криза, да започне и обнова на економијата.