Од дрвјата не ги гледаме шумите

Зарем на шумите ќе се потсетуваме само кога ќе нѐ зафатат застрашувачки пожари како оние летоска за да се сетиме дека тие се многу повеќе од она што обично го велиме за нив – дека се нашите бели дробови?! Загриженоста доаѓа дотолку повеќе што се соочуваме со уште еден голем проблем – енергетската криза. Во новонастанатата ситуација граѓаните се снаоѓаат како што знаат и се враќаат на класичните начини на загревање на становите, па нагло порасна побарувачката на дрва. Како резултат на тоа, дрва за греење речиси не можат да се најдат на пазарот, а сето тоа претставува тежок удар врз шумскиот фонд, затоа што зголемената побарувачка знае да изроди најразлични начини за нејзино намирување

Конференцијата по повод климатските промени (КОП26), која се одржува во шкотскиот град Глазгов во организација на Обединетите нации, на која учествуваат претставници од речиси 200 држави, уште еднаш го сврте вниманието на светската јавност врз еден од најгорливите проблеми на денешнината. Самитот се очекува да понуди конкретни решенија за намалување на негативните влијанија што ги предизвикуваат климатските промени, но меѓу другото и алармантно да потсети дека предлог-решенијата дадени во Париз во 2015 година, не се реализираат. За нас како држава овој врвен светски собир е убава можност уште еднаш да се свртиме кон себеси и да видиме што имаме направено на домашен план, а уште повеќе, што пропуштаме да направиме, бидејќи природата не простува.
Едно од најактуелните прашања секогаш е заштитата и негувањето на шумскиот фонд. Зарем на нив ќе се потсетуваме само кога ќе нѐ зафатат застрашувачки пожари како оние летоска за да се сетиме дека тие се многу повеќе од она што обично го велиме за нив – дека се нашите бели дробови.
Загриженоста доаѓа дотолку повеќе што се соочуваме со уште еден голем проблем – енергетската криза. Во новонастанатата ситуација граѓаните се снаоѓаат како што знаат и се враќаат на класичните начини на загревање на становите, па нагло порасна побарувачката на дрва, повторно се купуваат печки на дрва онаму каде што до вчера се практикуваа други начини на загревање. Како резултат на тоа, дрва за греење речиси не можат да се најдат на пазарот, а сето тоа претставува тежок удар врз шумскиот фонд, затоа што зголемената побарувачка знае да изроди најразлични начини за нејзино намирување. Граѓаните, кои се најдоа помеѓу чеканот и наковалната во ситуација кога треба да избираат меѓу заштитата на шумите и преживувањето во текот на зимата, се одлучија за втората варијанта.
Шумите се од огромно значење за човекот бидејќи вршат задачи што се исклучиво во нивна моќ и се вруток на голем број ресурси: складираат јаглерод, учествуваат во регулирањето на климата, ја пречистуваат водата, ја спречуваат и ja намалуваат ерозијата, тие се филтри за воздухот… Во шумите се сместени цели 90 отсто од сувоземната биоразновидност во светот. Постојаното намалување на светскиот фонд на шуми и шумските предели станува еден од најголемите светски еколошки проблеми со сериозно негативно влијание на климата, здравјето на луѓето, животинскиот свет…
Шумите, во теорија, во Македонија уживаат посебна заштита во согласност со Уставот на Република Македонија и имаат еколошки, економски, социјални, естетски и културни вредности. Безмалку секоја нова влада декларира дека „заштитата на шумите е примарна цел на државата“.

Но време е да станат значаен предмет и во практика. Поедноставно кажано, потребна е грижа за шумите, нивно зачувување, обнова и разумно користење.
Нашите национални паркови, фабулозните Пелистер, Галичица, Шара и Маврово се со дебело биолошко досие, немерливо со ништо слично во државава, а приходи остваруваат во најголем обем од сечата и продажбата на сопствените шуми. Националните паркови како установи се оставени на самофинансирање. Со децении шумскиот фонд од националните паркови обезбедува плати за вработените во парковите. И покрај тоа што сме едни од ретките што користиме несоодветен модел за финансирање на институцијата, проблемот го ставаме под тепих.
Досега ниедна влада сериозно не го отворила прашањето за да се најде солуција за поинаков начин на финансирање, или да се вклучи во обезбедувањето на барем дел од приходите. И повторно заостануваме во менаџирањето на шумите и националните паркови, без трошка неспокојство за безмилосното уништување на дрвјата.
Општо е познато дека ако нешто ѝ штети на природата, тоа е погрешното користење на нејзините ресурси. Неопходен е поинаков метод за да се реши деградирањето на шумите. Фондот на шумите со текот на годините секако бележи пад, сечата тежи повеќе од пошумувањето, па прашање на време е кога ќе се почувствуваат дирекно негативните последици.
Солуции има, проблемот е решлив, прашањето е дали се сака да се коригира.
Според „Македонското еколошко друштво“, една можност е формирање фонд за заштита на животната средина преку кој би се обезбедувале средства и за заштитените подрачја и подобрување на животната средина.
А како позитивен пример може да се посочи самоиницијативата на националниот парк Галичица, кој изминативе 15 години постепено го напушта сечењето на шумата и главно се финансира од проектни донации, наплата на влезници и од надоместоци од туристички оператори…
Во 2014 година, НП Галичица ја наплаќа првата влезница во паркот. Оттогаш секоја година само се проширува листата на дејности и оператори од кои почнуваат да наплаќаат поединечно мал, но севкупно значаен надомест. Надоместокот за посетители во паркот е 30 денари, за паркинг на кола 50 денари, за автобус 200 денари, за поставување шатор 150 денари, за посета на Магаро 200 денари, за полет со параглајдер 300 денари, за снимање или фотографирање за комерцијални потреби 10.000 денари… и уште многу други активности се на списокот за наплата… Но надлежните се избориле на свој начин да дојдат до заработка и да ги зачуваат шумите.

Има разни начини на обезбедување приходи. На подрачјата на заштитените подрачја во Македонија има хотели, села и викенд-населби, акумулации, скијачки центри, далноводи, антени на мобилни оператори, извори на вода, планински врвови, локалитети и излетнички места со голема посетеност. Но ретко кој партиципира за користење на ресурсите или за дишењето на воздухот.
Паркoвите може да имаат извори на финансирање и како надоместок од собирачи на шумски плодови и растенија, од туроператори и други субјекти што вршат дејност во паркот… Сечата и продажбата на дрва како најголем извор за финансирање на парковите треба полека да се напуштаат како практика. Во спротивно, приоритет на парковите ќе им биде обезбедувањето на платите, а природата ќе остане секундарна работа.
Во Македонија и уште само во неколку држави, парковите се оставени сами да си ги обезбедат неопходните средства за оперативно работење. Меѓународна практика за финансирање на заштитата на природата во националните паркови е од буџетот на државата и тоа е практика во најголем дел. Неодамнешното прогласување на националниот парк Шар Планина е мотив плус да се иницира промена во системот за финансирање, да се актуализира прашањето, да се заштитат шумите навреме. Државата конечно на свој грб да преземе дел од финансирањето и да им се овозможи на националните паркови да се фокусираат на својата примарна цел – заштитата на природата и биолошките ресурси. Заштитата на шумите треба да биде државен приоритет. Парковите се рефлексија на националната свест и на едно општество, бидејќи начинот на кој се однесуваме кон шумите зборува многу за нас самите. Вистинскиот патриотизам се познава по грижата за природата.