Обезбедувањето енергенти е маратон, а не трка на сто метри со илјадници пречки

Оваа криза е несомнен показател дека секторот бара големо внимание и навремено, долготрајно планирање и антиципација на движењата во енергетскиот сектор, сѐ со цел за стабилно снабдување на потрошувачите со електрична енергија. Многумина со право се прашуваат зошто досега не се преземале мерки, зошто навреме не се планирала набавката на потребните енергенти за навремено производство на струја… Во спортски жаргон, трката по енергенти е маратон, со долги планирања, подготовки, анализи, антиципација, а не трка на сто метри, со пречки и неподготвени… На тој начин само може да се падне веднаш на првата пречка и со тешка повреда и оштетување да се повлечеме на штета на цела нација

Дури и четвртиот тендер со кој требаше да се договори снабдувањето со електрична енергија за домаќинствата за следната година пропадна. Со ова енергетскиот сектор и понатаму предизвикува голема неизвесност и загриженост кај јавноста. Граѓаните, стопанството и медиумите и пoнатаму се во недоумица за снабдувањето со електрична енергија и цената по која таa ќе се испорачува следната година. По безуспешниот четврти тендер на ЕВН, каде што се очекуваше понуда за снабдување на домаќинствата со електрична енергија да достави ЕСМ, како најголем домашен производител на струја, нови главоболки за граѓаните. Повторно сите сме во недоумица што ќе се случува следната година, бидејќи понудата за снабдување на домаќинствата и другите корисници на енергија преку универзалниот снабдувач изостана. Изминатиов период владини претставници на раководни позиции поврзани со енергетскиот сектор уверуваа дека електрична енергија ќе биде обезбедена од домашни извори, но и дека цената нема драстично да поскапи. Но, од друга страна, повторно пропадна тендерот на ЕВН, на кој требаше да се договори новата цена и да се достави понуда за електрична енергија за следната година. Колку за потсетување, по алармот на стопанството дека во Европа поскапува енергијата и откажаните договори до дел од компаниите, и кај нас испливаа на виделина многубројни сигнали за недостиг од енергија, иако властите се обидуваат на секој можен начин да ги смират и стабилизираат состојбите.
Најголемиот производител на струја, РЕК „Битола“, се соочува со многубројни проблеми, па дури се случија и денови кога во ек на сезона, кога неговата работа е најпотребна, сите три блока да бидат исклучени поради дефекти, пожар и многу други причини. Во согласност со последните известувања, сега работат само два блока на термоцентралата, едниот сѐ уште се ремонтира… Под притисок на стопанството, надлежните набавија и нови резерви на мазут, со најави дека ќе се стартува работата на ТЕЦ „Неготино“, централа што со години не произведувала и која сега треба да нѐ спасува од увоз на екстремно скапа енергија.

Државата беше принудена да увезува, и тоа без најава, туку само со повлекување струја од европскиот енергетски систем неколку дена по ред, бидејќи домашно производство воопшто немавме. Кај нас дури се прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор, но, сепак, смирувачки влијае сознанието дека, и покрај прогласената кризна состојба, досега не се соочивме со рестрикции во снабдувањето. Никој не би сакал да се соочи со рестрикции и да се најде во мрак, како што тоа им се случи на многу сограѓани овој викенд поради дефекти од обилните врнежи.
Оваа криза е несомнен показател дека секторот бара големо внимание и навремено планирање за стабилно снабдување на потрошувачите со електрична енергија. Многумина со право се прашуваат зошто досега не се преземале мерки, зошто навреме не се планирала набавката на потребните енергенти за навремено производство на струја. Деновиве гледаме дека министрите преговараат со соседството за набавка на јаглен, набавки што требало да се договорат веројатно уште на почетокот на годината. Да прашаме ли што воопшто се случува со домашниот ископ на јаглен?
Оваа криза треба да ни биде поттик за поголема фокусираност и јасно дефинирање на нашите цели, со кои ќе обезбедиме навремено и стабилно снабдување со струја.
Определбата нашите потреби од електрична енергија да ги обезбедуваме само од обновливи извори на енергија од 2030 година е сериозен исчекор кон намалување на причините за уништување на животната средина и кон намалување на загадувањето. Но оваа есен, соочени со голем недостиг од струја, потребите беа покривани со ненајавени повлекувања енергија од европската енергетска мрежа. Средствата што беа потрошени за покривање на трошоците за увезената енергија по екстремно високи цени можеа да се искористат за инвестиции во некои други капитални добра, наместо за увоз на струја. Ова искуство треба да биде поттик за нови размислувања и нови идеи како и во кој правец ќе се гради енергетскиот сектор во иднина.
Енергетичарите постојано укажуваат дека производството на електрична енергија само од обновливи извори е многу нестабилно, а во такви ситуации енергија за потрошувачите има ако имаме сонце или ветер, но не и во секој момент кога енергијата ќе им биде потребна на потрошувачите.

Недостигот може да се почувствува во поизразена мера во ноќните часови, поради недостигот од сончева светлина. Во вакви ситуации, укажувањата се дека можат да помогнат акумулациските централи, каде што би се складирала енергија. Сепак, очекувањата се дека во иднина ќе се зголемуваат потребите од енергија, а дополнително за стабилност на системот ќе бидат потребни повеќе инвестиции во обновливи капацитети, бидејќи нивното производство е многу мало во споредба со капацитетите што работат на фосилни горива.
Оваа криза треба да ги отвори погледите и да ни укаже како ќе се развива нашиот енергетски систем во иднина, кој, секако, притоа мора да биде стабилен и сигурен, без испади и без рестрикции. Во оваа насока, за енергетиката како сектор што бара долги години однапред планирање, вистинско време е да се бараат и различни начини за снабдување на домаќинствата и стопанството со енергија што ќе биде по достапни цени. Отфрлањето на сите конвенционални можности за производство на електрична енергија можеби е погрешен пристап, имајќи го предвид нејзиното значење. Треба да се бараат модели што ќе бидат помалку загадувачки и кои нема да прават штети врз животната средини. Токму поради одредбите на ЕУ за намалување на штетните гасови се намали производството на енергија од јаглен, но тоа, заедно со дрги фактори, драстично ги зголеми цените на струјата овој период. Ваквите податоци треба да бидат поттик да се бараат и разгледуваат и поинакви идеи за производство на струја, а меѓу таквите се централите на гас или нуклеарните централи како објекти што помалку ја загадуваат околината.

Секако, ова ни најмалку не значи дека треба да се откажеме од обновливите извори на енергија, туку, напротив, да се направат сите напори за тие да бидат максимално искористени. Сончевите панели би требало да станат секојдневие и да ги има на секој покрив во земјава. Нивното поставување треба да биде поттикнато со подобрување на регулативата, но и со мерки за намалување на трошоците на домаќинствата што ќе постават сончеви панели, било за загревање вода или, пак, за производство на струја.
Опции имаме, потребни се истрајност и јасно дефинирани цели, кои ќе нѐ водат кон стабилно и навремено снабдување на домаќинствата и на стопанството со електрична енергија, без која е невозможно да функционира целото општество.