Нова реторика на „оган и гнев“

Ако се земат предвид нивните стратегиски интереси во Иран, ниту Русија ниту Кина ќе го прифатат повикот за учество во американската политика на бесконечен притисок

Острото предупредување на американскиот претседател Доналд Трамп до Иран повторно ја отвори дебатата во американските медиуми за тоа дали неговата администрација работи на промена на режимот во Техеран или, пак, едноставно ги користи заканите како психолошко оружје. Колку за потсетување, Трамп повторно преку Твитер испрати гневни пораки до иранските лидери, отворено предупредувајќи да не им се закануваат на САД или ќе се соочат со последици „какви што ретко некој во историјата претрпел“…

Ваквата реторика како да ги повторува неговите претходни предупредувања за „оган и гнев“, испратени кон Северна Кореја пред постигнувањето на договорот и нормализирање на односите со Ким Јонг-ун. Можеби шефот на Белата куќа повторно ја користи истата цврста стратегија и во преговорите со Иран. Тешко е да се проценат вистинските намери на Трамп, особено ако се земе предвид фактот дека досега приреди неколку „изненадувања“ на глобалната сцена. Но и покрај тоа, американските медиуми побрзаа да почнат со анализите и дискусиите „за“ и „против“ смена на власта во Техеран. Ќе наведеме само некои од медиумите – „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“, Си-ен-ен – што веќе длабоко го анализираат овој „проблем“ за Вашингтон, притоа фрлајќи сомнеж на политиката на Трамп кон Иран. Но сомнежите не се однесуваат на оправданоста (легалноста) на неговата политика, при што критиката е фокусирана на ефикасноста на таквата политика, а не на самата политика. На сцената во Вашингтон доста е активен и шефот на американската дипломатија Мајк Помпео, кој, како што јави Ројтерс, почна нова владина медиумска кампања, вклучувајќи и медиуми на фарси-јазик, за „еродирање на поддршката за иранските лидери“.

Од друга страна, пак, и Техеран не седи со „скрстени раце“ мирно да ги слуша заканите од американскиот политички естаблишмент. Иран предупреди дека нема да ја толерира американската агресија, заканувајќи се дека ќе го блокира целиот глобален транспорт на нафта низ Персискиот Залив. Доколку се оствари таквото мрачно сценарио, последиците за американската економија, која се темели на евтина нафта, ќе бидат големи. Покрај тоа што Иран е „голем залак“ во воена смисла, ваквите закани покажуваат дека Техеран е и голем економски залак за Вашингтон. Поради тоа малку е веројатно Трамп да се одлучи на нешто повеќе од притисоците – економски и дипломатски – кон иранските власти, во обид да ги принуди на преговори за нов, во согласност со неговите проекции и замисли, сеопфатен договор со Иран.
Во прилог на тоа оди и позицијата на Русија и на Кина, кои, по американското повлекување од иранскиот нуклеарен договор, нема да дозволат повторно изолирање на Иран. Колку за потсетување, Москва и Пекинг неволно учествуваа во меѓународните напори за санкции и изолирање на Иран по откривањето на неговата тајна нуклеарна програма во текот на 2000-тите. Во тој период двете светски сили ја искористија иранската изолација за да ги прошират нивното присуство и влијание во земјата, додека, пак, Иран ги употреби овие блиски односи за да го ублажи влијанието на меѓународните санкции.

Острото предупредување на американскиот претседател Доналд Трамп до Иран повторно ја отвори дебатата во американските медиуми за тоа дали неговата администрација работи на промена на режимот во Техеран или, пак, едноставно ги користи заканите како психолошко оружје

Покрај тоа, и двете земји имаат долго присуство на иранскиот пазар и знаат како да управуваат со него. И Русија и Кина бараат начин како да ги заштитат своите државни и локални банки од американскиот пазар и американските санкции, кои Вашингтон порача дека ќе ги воведе кон ентитетите што работат во и со Иран. Дополнително, двете земји имаат повеќе договори што во моментов се реализираат во различни сектори од иранската економија, при што проценуваат дали може комплетно да ги преземат европските договори, кои пропаѓаат по повлекувањето на САД.

Досегашното искуство од изминатите две децении покажува дека Русија и Кина ефикасно го штитат Иран од целосна изолација и му обезбедуваат политичка поддршка, воена помош и економски олеснувања, поткопувајќи ги и западните напори за притисок врз Техеран. Тоа, според многумина аналитичари од двете страни на Атлантикот, значи дека политиката на Трамп за изолација на Иран, во обид да се изврши притисок врз иранските власти да се вратат на преговарачката маса, не е остварлива. Изолацијата функционира само кога е поддржана од клучните играчи на меѓународното поле. А ако се земат предвид нивните стратегиски интереси во Иран, ниту Русија ниту Кина ќе го прифатат повикот за учество во американската политика на бесконечен притисок…