Негрижа за Старата скопска чаршија

Можеби ги нема или се сосема ретки ковачите, самарџиите или казанџиите, но затоа се тука модерните моторизирани дуќанџии. Брмчењето на моторите од автомобилите и она на моторџиите сѐ повеќе се слуша и речиси секојдневно од раните утрински часови ги „нервира“ повозрасните дуќанџии, кои паметат едно друго, помирно време што го живееше чаршискиот еснаф

Одамна во Старата скопска чаршија не се слушаат звуците од удирањето на чеканите, клештите, ѕвечкањето на ножиците и другиот алат од старите занаети. Нив одамна ги нема и некои сосема нови модерни звуци се слушаат по чаршиските сокаци. Можеби ги нема ковачите, или се ретки самарџиите или казанџиите, но затоа се тука модерните моторизирани дуќанџии. Брмчењето на моторите од автомобилите и она на моторџиите сѐ повеќе се слуша и речиси секојдневно од раните утрински часови ги ‚‚нервира“ повозрасните дуќанџии, кои паметат едно друго, помирно време што го живееше чаршискиот еснаф. И не само автомобили туку и камиони врват по чаршиските сокаци како по градски сообраќајници, кои со својата бучава само го нагласуваат новото модерно време, време во кое некои нови генерации ги покажуваат сета своја ароганција и немањето почит кон срцето на градот или, како што некои милуваат да речат, папокот на Скопје.

Од тежината на возилата полека тоне чаршиската калдрма, како што потонаа и бетонските плочи на плоштадот „Филип Втори“, кој, секако, претставува предворје на влезот во чаршијата од кај Камени мост на Вардар. По секој дожд во потонатите делови од тлото на Битпазарска или Казанџиска улица се полнат со вирови вода. Овие моторизирани натрапници не само што ги уништија чаршиските сокаци туку ги оштетија и хидрауличните столпчиња на влезот на чаршијата во близина на црквата „Свети Димитрија“. И не е од вчера проблемот со влегувањето на автомобилите во стариот дел од градот.

Па, се сеќавате ли на периодот кога се направи портата од страна на Бит-пазар, за која имаше лавина реакции, дека се нарушува автентичноста на старата архитектура во чаршијата, па дека таа е споменик на културата и дека една шајка не смее никој да заковa без дозвола од надлежните институции што го чуваат и негуваат културното наследство. Портата се изгради, а несовесните и сега влегуваат со автомобили и паркираат дури и пред чаршиските дуќани. Нив, повозрасните дуќанџии, оние што сѐ уште со носталгија се сеќаваат на тоа што значело да се биде вистински еснаф, ги нарекуваат вандали, па велат тоа е можеби и преблаг збор за нив. Зошто, само затоа што се несовесни, бидеjќи си го уништуваат сопственото работно место. Вистинските еснафчии го сакаат секој камен од Старата чаршија, старите ќепенци од дуќаните, старите ѕидови што слушнале многу чаршиски приказни и звуци. Мирот на чаршијата сега го нарушуваат моторизираните нови модерни дуќанџии, на кои чаршиската калдрма не им значи ама баш ништо. И што е најчудно, во целава приказна никој ништо не им може и нема начин како да ги запре да ги паркираат своите автомобили што подалеку од чаршијата.

Некој мора да го спречи ширењето на издувните гасови од автомобилите. Мирисот на бензин не смее да го потисне мирисот на утринското свежо кафе или чај, како и мирисот на симит-погачите, бурекот и ќебапчињата. Да, кој не јадел ќебапчиња кај „Дестан“ или пред „Фонтана“, тој и не го почувствувал мирисот на стариот дел од Скопје. Некои можеби и се сеќаваат на забавите што се организираа на Факултетот за ликовна уметност или, пак, на свежите гирици пред „Липс“. Многу од нив се сеќаваат и на фармерките што ги купиле во единствениот тогашен чаршиски бутик „Лонза“, некаде во осумдесеттите, деведесеттите години од минатиот, кога во чаршијата вриеше од луѓе и имаше богат ноќен живот.

Сега можеби не е како тогаш, но, од друга страна, факт е дека никогаш немало повеќе туристи отколку што има последниве неколку години. Голем број туристички групи сакаат да прошетаат низ чаршијата, да го видат овој единствен споменик на културата во Македонија, во кој се препознава наследството од повеќе култури и цивилизации што учествувале во нејзиното создавање. Љубопитни се да ги видат сите знаменитости од некое минато време, да купат некој сувенир или можеби занаетчиски производ што сѐ уште се продава во некои од дуќаните на опинчарите, чантарите и други. Нејзиното вистинско богатство е скриено во тесните и криви улички, во живописниот изглед на дуќаните, старите објекти, цркви, џамии, анови, амами и музеи.

А сега, во новото време, тука се големиот број кафулиња и кафеани, кои сакаат да ги привлечат посетителите нудејќи им забава достојна на новото време. Пред некоја година во едно од тие кафулиња се слушаа и звуците на чалгиите, кои потоа ги снема.

Сите звуци, и прекуден и во вечерните часови, сега ги потиснува брмчењето на автомобилите од новите посетители и дуќанџии. Тамошните стари дуќанџии велат дека и полицијата не реагира на нив. Општинарите, пак, од Чаир признаваат дека често менуваат канделабри, кои најверојатно ги уништуваат овие вандали. И тие сега ќе се обидуваат со поставување нови хидраулични столпчиња, кои ќе функционираат на нов систем да ги спречат моторизираните посетители да влегуваат во срцето на градот. Некој мора да ги запре, но кој?

Чаршијата е како дете за кое се грижат повеќе мајки, а ниту една целосно не му се посветува. Во случајов за неа се одговорни повеќе институции, ингеренциите им се поделени, а проблемите се чини дека се заеднички на сите. Ако не ги решаваат, губиме сите, губиме сите од нашето културно наследство, бидејќи чаршијата е една и единствена и треба да ја зачуваме таква каква што е. Многумина можеби и се сеќаваат дека само пред неколку години беа одново поплочени неколку чаршиски улици, бидејќи старата калдрма беше пропадната. И тогаш не беше виновник забот на времето, туку повторно оние што не сакаат да пешачат низ чаршиските улички, туку да се провозат со своите автомобили, со кои сакаат да ја презентираат сета своја надменост и можеби економска моќ. Но тие немаат право на тоа. Чаршијата е на сите нас, на оние што сакаат пеш да прошетаат и со љубопитност да гледаат во чаршиските дуќани, на еснафите што милуваат да ги зачуваат сите стари и добри правила на однесување, типични за оние што денот и животот го минале дишејќи чаршиски воздух исполнет со сите мириси на старите добри времиња на чаршијата. Можеби многумина знаат дека чаршијата претрпела големи штети со земјотресот од 1555 и 1963 година и била обновувана. Во 2008 година е прогласен за културно наследство од особено значење и оттогаш е под трајна заштита на државата!? Самиот тој факт налага да ја почитуваме и сите да ја штитиме.

[email protected]