Еднонационална дипломатија, сериозно!?

За волја на вистината нашата дипломатија веќе одамна не знае кои и чии интереси да следи во надворешнополитичкото претставување на државата. Геополитичкиот дизајн на нашата надворешна политика е флуиден и подложен на промени зависно од интересите на другите држави, посебно од оние во нашето опкружување. Ваквата сервилна надворешна политика со години влијае на нејзиниот дипломатски перформанс и резултатите што ги испорачува

Кој би бил соодветен термин за личност што кажува многу работи, но не пренесува корисни информации во искажувањето? Мислев дека ова е демагогија, но најдов еден посоодветен термин: windbag (вреќа со ветер). Синоним за човек што кажува ништо со многу зборови. Поточно зборлива личност што не комуницира ништо од суштинско значење или интерес. Како поинаку да се толкуваат зборовите на министерот за надворешни работи образложувајќи ја 10-годишната стратегија за надворешната политика со работен наслов „Рефлексија 2030“. Сега бил моментот да се направи пресек на досегашната улога на надворешната политика и постигнатите резултати и на некој начин да се подвлече црта, и да се направи еден вид проекција, или уште подобро РЕФЛЕКСИЈА за идните надворешнополитички приоритети на земјата како полноправен партнер на евроатлантската заедница и активен чинител на мултилатерален план. По целосното фијаско на надворешната политика на секој план време е. За рефлексија. Единствено што разбрав од рефлексијата е дека немало да има повеќе еднонационална дипломатија.
Велат дека рефлексијата како начин на пишување е аналитичка практика на пренесување на сопствениот процес на размислување. Рефлексија на хартија е вашата шанса да ги додадете своите мисли и анализа на она што сте го прочитале и сте го доживеале. Рефлексијата има цел да го илустрира вашето разбирање за материјалот и како тој влијае на вашите идеи и можна практика во иднина. Очигледно министерот Османи во својата рефлексија на надворешната политика на добар пат е да развие нов дипломатски дизајн. Повеќенационален. Или, мултинационален. Искрено не го разбирам овој концепт на дипломатија. Всушност, што има јас да разбирам. И така има толку многу работи што не ги разбирам во Македонија што една повеќе или помалку не менува многу. Кога можеше да се бара примена на Бадинтеровото мнозинство при одлучувањето во Уставниот суд зашто да не се бара и повеќенационална дипломатија. И така Македонија е земја на неограничени и неистражени можности. Држава на уникатни решенија во правото и политиката. Зошто не и во дипломатијата? Само се надевам нема да добиеме турлитава-дипломатија.

За волја на вистината, нашата дипломатија веќе одамна не знае кои и чии интереси да следи во надворешнополитичкото претставување на државата. Геополитичкиот дизајн на нашата надворешна политика е флуиден и подложен на промени зависно од интересите на другите држави, посебно од оние во нашето опкружување. Ваквата сервилна надворешна политика со години влијае на нејзиниот дипломатски перформанс и резултатите што ги испорачува. Време е за нов повеќенационален (живо ме интересира каков ќе биде) образец на македонската дипломатијата во однос на нејзината идна форма, обем и интензитет на оперативната активност што концептуално го замислил министерот во својата рефлексија. Каков одговор да даде рефлексијата се надевам дека дипломатијата ќе биде способна да го зачува својот легитимитет како алатка за надворешна политика на владино дејствување.

Гледам министерот Османи доследно ја следи доктрината на Ото фон Бизмарк, првиот канцелар на германската империја од 1871 година, кој ја опишал дипломатијата како бесконечно преговарање за реципрочни отстапки меѓу државите. Се спрема за еден ваков долготраен процес во односите со ЕУ не доведувајќи ја под прашање целта на таквата уметност за управување со меѓународните односи што одзема многу време. Реално, времето никогаш и не било проблем за македонската држава. Задоцнивме во НАТО, за ЕУ да не зборувам безобразно ограбувајќи ја државата во меѓувреме. И така никогаш не сме го контролирале надворешнополитичкото опкружување. Што има сега да се брза. Кога имаме „пријатели“ да ни ги решаваат проблемите.

Па ако треба и да ни ја напишат рефлексијата на министерот. Затоа се чудам од потребата „Рефлексија 2030“ да се создава преку широк консултативен процес, преку широки граѓански консултации, организирани тематски конференции и формирање стратегиски совет за надворешна политика. Дајте не тревожете се. Па се знае кој ни ги пишува договорите. Од Охридскиот преку Преспанскиот до Договорот со Бугарија. И ги одредува нашите стратегиски цели во надворешната политика, па ако сакате и ја насочува нашата надворешна политика. Затоа најдобро е да си останеме доследни на „пенкало“ дипломатијата промовирана од премиерот Заев, зашто на крајот на процесот, како и да е, ќе аминуваме рефлективно сѐ што ќе ни се понуди како нова стратегија на македонската дипломатија.
За малку ќе заборавев. Во меѓувреме уште едно дипломатско понижување при посетата на претседателот Пендаровски на Рим. Можеби за многумина безначајно, но важна за достоинството на државата е сликата од пречекот на претседателот во Рим, каде што понизно си чека во ред зад бугарскиот. За муфте пат толку. Битно нема да има повеќе еднонационална дипломатија. Сериозно?