Ајде (при)фати падната земја

Драг читателе, можеби некогаш си ја читал онаа „невозможна“ песна на Џон Дан, поточно песната на невозможни заповеди – „Ајде фати паѓалка ѕвезда“. И ако не си, сеедно знаеш колку е невозможна задачата од насловот, а веројатно барем еднаш си видел „ѕвезда паѓалка“ на небото, особено во август, кога паѓаат метеорските дождови. Знаеш и дека „паѓалката“ е метеор, односно метеорит ако го преживее патот низ атмосферата и не изгори сосема.

Но бездруго си ја прочитал или чул онаа благородна мисла дека „ниеден човек не е остров, сам за себе, секој човек е дел од континентот, парче од копното…“ која исто така е запишана од раката на Џон Дан, а ќе послужи како инспирација и водилка за истоимениот роман на Хемингвеј „За кого бијат камбаните“.

Дури и ако си немал време да ја прочиташ или те обесхрабрила дебелината на напишаното како задолжителна лектира, секако си научил од лектирата на животот и особено од неговата истенченост, дека како луѓе сме неразделно поврзани меѓу себе (колку и да се чини понекогаш дека сме изолирани и бескрајно оддалечени еден од друг); како страници во книга, кои одвоени лесно се кинат, а некаде под површината (како и најоддалечените острови во морето) некаква земја, нешто цврсто сепак нè поврзува.

Нејсе, пред некој ден Македонија се сретна (сепак е некаква средба) со несудениот „датум“ (формално именуван како датум за преговори за членство) – датумот кога ЕУ помина покрај Тебе и повторно (како впрочем и досега), ЕУ е за(д) Тебе, односно Тебе е зад ЕУ.

Колку и последнава формулација да изгледа неправилно, правилата во животот (и таму каде што тој се оспорува, или особено таму) се такви – мораш да станеш Јас, пред со Тебе да преминат на Ти, или ако милуваш – на Вие. Затоа и датумот кога се чекаше да се добие датум за подготовки, милувам да го наречам датум на дигресија од поетичното во сферата на прозаичното. Поконкретно, станува збор за мала привидна дигресија.
Мала, зашто такви нешта (ни) се случуваат постојано, еднакво и во вселената и не се за изненадување – веројатно е да се разминеш со тело од наднационален карактер, а чие спојување било најавено. Некакви интересни сили управуваат со таквите тела, посилни од нашата гравитација за спарување.
Дигресија, зашто така се именува (меѓу другото) најголемата оддалеченост на планетите од Сонцето, во случајов – доживувањето на ЕУ како светлина што дава живот.

Најпосле привидна, зашто дигресијата (и разочарувањето) немаат врска со разминувањето со ЕУ, туку со разминатите можности најпосле да се придвижиме (крајно замислено) околу сопствената оска, зашто следува поголема вистинска дигресија: датумот „кога ЕУ помина покрај Тебе“ – помина, а Македонија е сè подалеку од светлината на животот.

И покрај копулативните очекувања на „верниците“ во датумот за „подготовки на венчавката“, до таков однос во потенција меѓу нашата земја и ЕУ не дојде, односно не падна одлука за денот кога ќе почнеме сериозно да разговараме за живот во заедница.
Прерано ги дадовме заветите, а уште преурането ги исполнивме, замаени од сирените на долго чеканата прва брачна ноќ. Предусловите за (самостоен) живот пред тој да стане споделен останаа под перница, а секој што си легнува навечер знае дека на неа гладен не се спие, ни сам, ни во друштво, уште помалку љубов се води. Но не доликува да го поганам словото на љубовта на креветот на сонуваната копулација со ЕУ, во чија предигра беше силувано достоинството на македонскиот народ.

Уште една мала лексичка дигресија: едно од толкувањата за копулација гласи вака: начин на облагородување преку спојување благородно стебло со диво, иако се чини невозможно да се утврди кое на што се калеми, имајќи го предвид неблагородното и диво педигре на некои од земјите од супранационалното стебло на ЕУ (од една страна) и неблагородното и диво постапување со наследството на сопственото општество и природа (од „наша“ страна). Се прашувам дали „трговците“ со неотуѓивото (како во општеството, така и во природата), воопшто присуствувале на часовите по Запознавање со природата и општеството. Ако пак биле, веројатно требало да повторуваат.

Сепак, во духот на Дановата песна, подобро ја разбирам ЕУ: невозможна е таа (видоизменета) задача – „оди (при)фати падната земја“. Уште и на колена. Иднината таквите ги заобиколува, а историјата ако веќе им прави некакво место, тоа е еден понижен престол. Во елитно друштво (и кога ги примаат), ги прифаќаат само како стол.
Што ѝ преостанува на ЕУ пред таква невозможна задача, а по изневерени усни завети (но со нашите писмено заверени завети), освен да продолжи да се труди да блеска на нашето небо, како Милоска Венера од мрамор. Очекувавме ли дека ќе си ги „пресече“ од жал белите раце (со кои ништо не потпишала), зашто како и на онаа скулптура во „Лувр“, некаде по патот ги изгубила, заедно со блескавите бои.

Сепак, верувам дека ќе блесне, како и сè што пропаѓа низ небото, пред да згасне. Не како тело, се разбира, а само како (лажен) блесок. Освен тоа, телата со таков размер и сила не согоруваат тукутака лесно, иако видно подгорени, макар и на ведрото македонско небо, а особено не во очите на своите верни следбеници и сè поизвесно – следните верници. Само „малку“ треснуваат „од земја“ и врз главите на своите заслепени следбеници.

Прогнозата каде и кога ќе тресне мете(у)оритот останува во бескрајното небо на шпекулативното, но историјата помни дека еднаш, сепак треснуваат, поради интересните сили што нив ги водат. Но скраја нека е од такви болиди (кога поголеми тела паѓаат) – околу нив сè е тогаш опожарено. Поверојатно е (не неизбежно и понадежно) да ја променат својата траекторија привлечени од (за нив или од нив) уште поинтересни сили. Така е во вселената, а се чини така е и сред хаосот на Земјата…
Зборовите „Ниеден човек не е Остров…“ одекнаа повторно кога Островот (Велика Британија) гласаше за напуштање на ЕУ, како камбана што одѕвонува за Европа, врз основа на оној стих од песната „…ако една Грутка ја голтне Морето, Европа е помала…“

Ударот на таа камбана сѐ уште се тетерави и одложува низ лавиринтите на институциите, но на неа ѕвонарот беше британскиот народ. Македонскиот народ „заѕвони“ на камбаната на тишината на минатогодишниот референдум за „членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“, но ЕУ се оглуши на неговата волја, како и оние што требаше дома да му слугуваат.

Во песната на Џон Дан, камбаната што означува нечија смрт огласува и сопствено смалување и умирање „оти јас сум во Човештвото“ – ќе рече поетот. Затоа порачува: „Никогаш не прашувај за кого бијат камбаните; тие бијат за тебе“, со тоа најавувајќи го и крајот на нашиот блесок во темницата. На таа камбана, драг читателе, никој од нас не удира, но уште верувам дека сме ѕвонари на камбаната на лажниот блесок. Треба „само“ да одговориме на прашањето што чека четиристотини години во песната на Џон Дан да биде одговорено: „Можат ли напред чесните мажи“?
Авторот е магистер по мир и развој и поет