Време на миење раце и перење мозоци

Миењето раце не е само религиски ритуал туку и политичка дисциплина користена во големи количества и во обредите на македонската политика. „Не сум виновен јас, виновен е некој друг“ – речиси секогаш е изговор на некој што сторил нешто недозволено или казниво. Денес, овде кај нас, миењето раце е речиси нормална работа, од врвот до дното и обратно. Нема виновни за името, за скапотијата, за лажните дипломи, за корупцијата и криминалот на сите нивоа, за злоделата што не може да ги измијат ни океански води. Како вели народот за некого: „Него ниту Вардар не го пере, него ниту дождот не може да го измие“

Што може да помисли еден обичен објективен човек кога ќе ги собере на купче сите реакции околу пресудата на Апелацискиот суд на Република Северна Македонија со која се поништуваат првостепената пресуда и изречена висока казна за Сашо Мијалков, обвинет за прислушуваните разговори. А реагираа сите: од последниот граѓанин на некоја оризова нива до првиот што е на власт во државата. Ако некој неупатен се фаќаше за глава од неверување, како во Алиса во земјата на чудата се најдоа во чудо официјалните лица. Зоран Заев, главниот автор на трилерот со наслов „Таргет-тврдина“, неговите наследници, на чело со премиерот Ковачевски, разни министри на кои тоа не им е работа, до претседателот на државата се оградија, дури ја осудија таа судска претстава.
Види чудо: овие последните се зачудија за она што однапред го знаеја или би требало да го знаат. А биле дел од иницијаторите, инспираторите, организаторите и извршителите на пресудата на која ѝ дадоа театрално име – судска фарса. И без многу чекање, како под команда од еден оперативен центар, сите се потрудија да си ги измијат рацете, а на граѓаните да им ги исперат мозоците дека тие „ ни лук јале ни лук мирисале“. Сите изигруваат дипломци од наивна школа, убедени дека граѓаните на нивната економски сиромашна и морално урнисана држава ќе поверуваат и во најневеројатните лаги што ги смислуваат без многу да мислат.
Миењето раце не е само религиски ритуал туку и политичка дисциплина користена во големи количества и во обредите на македонската политика. „Не сум виновен јас, виновен е некој друг“ – речиси секогаш е изговор на некој што сторил нешто недозволено или казниво. Денес, овде кај нас, миењето раце е речиси нормална работа, од врвот до дното и обратно. Нема виновни за името, за скапотијата, за лажните дипломи, за корупцијата и криминалот на сите нивоа, за злоделата што не може да ги измијат ни океански води. Како вели народот за некого: „Него ниту Вардар не го пере, него ниту дождот не може да го измие“.
Уште од најстари времиња миењето раце било чин на обредно прочистување. Речиси во сите религии при разни обреди најпрво се мијат рацете, со што симболично се измива насобраната нечистотија, не само физичка, повеќе духовна. Во историјата на човештвото најпознатото миење раце е она што го направил римјанинот Пилат, прокураторот на Јудеја, при судењето на Исус Христос.

Сакајќи да остане колку-толку неутрален, поточно да избегне сам да ја донесе пресудата, зашто не бил уверен во вината, го изложил Исуса пред насобраниот народ заедно со познат разбојник и барал народот да одлучи кого да помилува, кого да го пушти од затвор, Исус или бандитот. Народот, подбуцнат од свештеничките поглавари и народните старешини, со викање надгласал да се ослободи разбојникот, а Исус да биде распнат на крст. Кога Пилат го прифатил барањето, зел вода од амфората, си ги измил рацете и рекол: „Јас сум невин за смртта на овој човек! Ова е ваше дело!“ Тој сметал дека сторил сѐ што можел за да избегне невина крв на своите раце и дека други се виновни за тоа што станало како што станало. Накратко – со миењето на рацете се обидел да ја симне одговорноста од себе за изречената сомнителна пресуда.
Освен миењето раце, уште покарактеристично, во симболична смисла, е перењето мозоци. Иако не е дел од учебниците по медицина, ниту е медицинска операција, перењето на мозоците во разни форми постои откако постојат човекот и неговата заедница. Сепак, терминот „перење на мозокот“ го сковал, употребил и афирмирал некој новинар во текст во весник од 1951 година. Како основа му послужила слична кинеска фраза што ги опишувала методите на мачење што ги трпеле заробените американски војници во Корејската војна. Бил фасциниран што по примената на тие методи војниците драстично го менувале првобитното мислење за војната. По краткиот третман, ја прифаќале и поддржувале идеолошката матрица на оној што ги заробил и измачувал..
Во старите времиња се мислело дека за перење мозок е неопходна сурова присила или строга обука, но со текот на времето се увидело дека тие методи не се секогаш нужни, дека постојат и многу поинакви, посуптилни методи. Ако порано главни средства биле ќотекот, затворот, силувањето, измачувањето, денес тие средства имаат достојна замена во медиумите – телевизијата, радиото, филмовите, весниците, списанијата, квазиисториските книги.
Сепак на врвот на ранг-листата по умешноста во перењето мозоци го држат политичарите, особено во предизборни и изборни циклуси. И кога се во голем зорт, кога ништо не им е свето, освен спасот на сопствената кожа. Не мора да се спаси образот, најважно е да се зачува кожата. Не треба да се докажува дека во најново време интернетот и социјалните мрежи ја играат главната улога во битката за освојување на човековата свест до несвест. Низ нив се бара клучот за успехот на контролата на умот.
Перењето мозок се врши врз поединци, институции, групи, народи, а на такви процеси не останале имуни и цели држави. За остварување на таа цел се употребуваат перфидни техники на манипулации, вршење физички, социјален, психолошки, финансиски или некој друг вид притисок. Една од техниките е „продажбата на паника“, она што овие денови се случува со лажните (барем засега) дојави за подметнати бомби во училишта и институции.

Друга линија на тој фронт е исцртана со застрашување на народот дека опстанокот на државата или нацијата е во опасност од предавници, терористи, комунисти, партизани, платеници, хомосексуалци, емигранти и разни други анти. На втората се надоврзува третата линија поврзана со барањата за „историскиот ревизионизам“, преку што се извртуваат утврдени историски факти и се приспособуваат на светогледот на актуелната власт, со што се проектира нова, научно климава историја. Кај нас таков е случајот со бугарските барања за промена на целокупната македонска историја и нашата понизна склоност тие да бидат прифатени во поголем дел.
Речиси по правило се врши спојување на моќта со насилство, процес што веќе дваесет години е изразит и видлив низ цела Македонија. Откако се виде дека политичкото насилство станува дозволиво и корисно, на тој начин се менуваат закони, устави, се менуваат образовниот систем и содржините на учебниците. Политичкото силување често станува синоним за доброто на народот, кога народот лицемерно се востоличува на прво место, а во реалноста е на раб на загуба на нерви и здравје, изложен на закани од сиромаштијата, малите плати и пензии и други социјални права. Сето тоа е дел од македонскиот политички рокенрол, хитови од халуцинантната технозабава.
Еден од познатите трикови што на играта ѝ даваат дополнителна живост е што лагите се повторуваат по стопати сѐ додека не се поверува дека тоа се вистини, кога зборовите се разликуваат од реалноста, кога народот се убедува дека црното е бело и дека чавката не е чавка туку бел гулаб. Низ вакви споредби сега може да се гледа наводната драма околу судскиот процес во кој Сашо Мијалков беше актерот, а Зоран Заев авторот. Драма во која има сцени со миење раце и перење мозок. Го нема само делот, чинот во кој не се споменува перењето пари.

П.С. Ете, напишав што напишав, одам сега да си ги измијам рацете од стравот да не сум испрал нечиј мозок.

[email protected]