Техничките прегледи на возилата – чинители за безбеден сообраќај

Патниот сообраќај е најмасовниот вид на транспорт за превоз на патници и товар на кратки и долги растојанија. За безбедно и ефективно извршување на транспортните задачи треба да бидат исполнети барања поврзани со техничката состојба на возилата, обученоста на возачите и прописите што се однесуваат на патиштата. Секој од нас е потенцијална жртва од непочитувањето на овие барања. Современите автомобили се опремени со мотори и системи во кои класичните механички системи се заменети со т.н. мехатронски системи – синергија на механиката, електриката, електрониката и компјутерската техника. За стручните лица задолжени за одржување и контрoла на возилата се потребни дополнителни обуки за стекнување нови знаења. Техничката контрола на исправноста на возилата е основна алатка за процена на нивната техничка состојба – на ризиците за нивното безбедно движење и на состојбата прифатлива за човековата околина. Возилата со техничка неисправност на системите влијаат на безбедноста на патиштата и може да бидат предизвикувачи на сообраќајни несреќи со смртни случаи и тешки телесни повреди. Возилата со неисправни системи за прочистување на издувните гасови влијаат врз загадувањето на човековата околина. Во контекст на ова, Европскиот парламент и Советот на Европa, на 3 април 2014 год., ја донесоа Директивата 2014/45/ЕУ, која се однесува на техничките прегледи на моторните возила и нивните приклучни возила. Државите-членки до 2017 год. ги донесуваа и објавуваа законите и преостанатите прописи во согласност со Директивата, а тие се применуваат од 20 мај 2018 год. Во неа се содржани петте поглавја: 1. Минимални барања во поглед на содржината и препорачаните методи на контрола; 2. Минимална содржина на записникот за техничкиот преглед на возилата; 3. Минимални барања во поглед на објектите и опремата за технички преглед на возилата; 4. Минимални барања во поглед на стручноста, оспособувањето и издавањето потврди за стручнатa подготвеност на контролорите; 5. Надзорни тела.
Првото моторно возило BENZ е патентирано во 1886 год. Со брзиот развој на автомобилската индустрија се појавија возила со големи перформанси (брзини и носивост), а со тоа настана проблемот во врска со нивното безбедно движење во околината. Од тие причини, кон средината на 20 век се создаде потреба за школување сообраќајни инженери. Стручните лица од сообраќајната струка, во согласност со нивната компетентност, треба да создадат услови за безбедно и ефективно одвивање на транспортот со возилата: учество во планирањето на мрежата на улици на патиштата во градските и надвор од урбаните средини, поставување вертикална и хоризонтална патна сигнализација, автостаници, паркиралишта, бензински станици, попатни одморалишта и др. Во доменот на нивните знаења е и изборот на соодветни возила за транспорт на одреден товар/патници на дефинирана дестинација. Возачите на возилата се една важна алка во системот за одвивање безбеден и ефективен сообраќај. Нивната обука е под закрила на сообраќајната струка. Сообраќајната полиција врши превентивни контроли на валидноста на документите на возилата и на возачите и други активности во соглaсност со овластувањата. Таа асистира при создавањето услови за непречено безбедно одвивање на соoбраќајот.

Како редовен професор на Институтот за моторни возила при Машинскиот факултет во Скопје, со долгогодишно работно и наставничко искуство во областа на моторните возила, се сметам стручен и компетентен за да можам да го изнесам моето видување за состојбата на горенаведените чинители кај нас во споредба со барањата на Директивата на 2014/45/ЕУ. Познавајќи ја состојбата со техничките прегледи со години, и покрај моите неуспешни обиди во минатото, овој пат се одлучив да се обидам да ја искористам климата во општеството создадена со автобуската несреќа кај Ласкарци (17 мртви и 18 тешко повредени) и актуелната кандидатура на нашата земја за членство во ЕУ. Ветер во грб во прилог на мојата одлука е Извештајот (оценка) од европската комисија (ЕК) во Скопје, проект финансиски поддржан од ЕУ – завршен е на 30 октомври 2022 година. Целта на проектот е зајакнувањето на капацитетите на нашите јавни институции за имплементација на законодавството на ЕУ во областа на моторните возила.
Девалвацијата на службата за технички прегледи (ТП) кај нас започна со популистичката одлука на Владата за увоз на половни возила од западните земји и либерализацијата за приватизацијата на станиците за технички прегледи. Возилата што не ги исполнуваа одредените стандарди сe продаваaт надвор од Унијата, а Македонија стана голем увозник на половни возила од Западот. Големиот прилив на половните возила беше следен со пораст на бројот новоотворени станици за технички преглед. Во Правилникот за технички преглед на возилата, подготвен од Министерството за внатрешни работи (МВР) – објавен во „Службен весник“ на 16.6.2010 год., се дадени критериумите за просторните услови и критериумите за уредите и опремата во станиците. Просторните услови ги задоволуваат барањата. Во однос на опременоста на станиците за технички преглед (СТП) состојбата е следна: во Прилогот 3 на Директивата е предвидена опрема од 15 уреди/опрема; според нашиот правилник, тој број изнесува 30 – значително поголем од оној во Унијата. Денес во земјава има над 150 станици за технички преглед на возилата. Големиот број на станици создаде нелојална конкуренција помеѓу нив. Новите газди, генерално, поради брзиот поврат на вложениот капитал, ги намалија критериумите на квалитетот на техничкиот преглед, со што ги привлекуваат несовесните и неодговорни сопственици на возила. Профитираат оние станици што не вршат целосна контролата на издувните гасови и на системите на возилата што директно влијаат на нивното безбедно движење. Според Прилогот 4 на Директивата на 2014/45/ЕУ, пред да бидат овластени за технички преглед на возилата кандидатите за контролори треба да поднесат потврда за општите технички знаења во врска со моторните возила (наведени се девет области) и документирана потврда за најмалку три години работно искуство или завршена обука за таквите знаења.

За да добијат овластување за вршење технички преглед на возилата, контролорите добиваат соодветно образование и стручно усовршување или се врши соодветно стручно тестирање во државните институции . Во рамките на оваа активност мора да бидат опфатени содржините наведени во Прилогот 1 на Директивата 2014. Повремено овластени центри вршат стручно усовршување на контролорите во врска со темите опфатени во наведениот Прилог 1 и тестирање на нивните знаења. Во согласност со Правилникот на МВР од 2020 г., во Барањето за добивање овластување за вршење ТП во делот што се однесува на кадрите за ТП се бара: 1. Доказ за соодветна стручна подготвеност на стручниот кадар и 2. Доказ за соодветно стручно оспособување на стручниот кадар. Содржините на доказите не се дефинирани – оставени се на субјективна процена на лицата на МВР. Кандидатите што вршат ТП треба да полагаат испит за стручно оспособување организиран од МВР. Според Извештајот на ЕК, МВР е надлежна за развивање програми за професионална (специјалистичка) обука на контролорите, но програми нема – обуки не се вршат. Либерализацијата на отворањето на СТП доведе до вработување недоволно обучени контролори. Инженерите што дипломирале на насоката моторни возила на Машинскиот факултет во Скопје имаат општи технички и знаења за стручно усовршување во врска со ТП на моторните возила. За другите контролори/кандидати за контролори, со оглед на нивното стекнато формално/неформално образование, би требало да има селективна програма за стекнување на општите технички знаења и целосна програма за стручно усовршување и тестирање на нивните знаења. За добивање квалитетен стручен кадар се потребни: современи учебници, компетентни наставници и практична настава. Сакајќи да придонесам кон подобрување на знаењата на контролорите во СТП и на лицата ангажирани во одржувањето на моторните возила, во 2020 год. го напишав прирачникот „Моторни возила – техничка контрола на исправноста“. Содржината на прирачникот се темели врз прилозите 1 и 4 на Директивата 2014/45/ЕУ на Европскиот парламент и Советот на Европa (види погоре т. 1). Со ракописот на книгата се обратив до Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), со предлог тој да биде издавач на прирачникот. Од цената за техничкиот преглед во СТП, сопствениците на возилата плаќаат 2,5 отсто сума што оди на контото на РС.

Оттука, средства за издавање прирачник за едукација (со тираж барем еден примерок за секоја СТП) Советот има, но од претседателката на РСБСП интерес за издавање нема. Меѓутоа, фелата на моторните возила ја препозна потребата од една таква стручна литература – книгата е отпечатена во 2021 год., во издание на „Автомакедонија АД-Скопје“. Членовите на РСБСП ги именува Собранието на РСМ. Претседател на Советот е м-р Гордана Кожуваровска, сообр. инж. наставник по сообраќајните струки, насока за транспорт и шпедиција, во средното училиште „Таки Даскало“ во Битола. Коавтор е на прирачник наменет за автошколите и испитните центри. Негов издавач е РСБСП – книга со 320 стр. во боја; за негово издавање и печатење РС има пари, а за прирачникот со 220 стр. наменет за едукација на вработените во СТП пари нема! Неодамна РСБСП донираше 7,3 милиони денари за 12 мотоцикли за потребите на МВР. Мој заклучок е: пари има, но не за секого. РСБСП го сочинуваат 20 члена со разни квалификации и занимања, но во него нема ниту еден машински или електроинженер. Не е тешко да се заклучи кои биле критериумите за членство во Советот. Во образовните институции и во реалниот сектор во земјава има доктори, магистри и искусни инженери од областа на моторните возила. Во Советот има 20 места, но не за секого. Прилогот 5 на Директивата 2014/45/ЕУ се однесува на надзорните тела. Дадени се задачите и активностите; барањата што треба да се исполнуваат и содржината на правилата и постапките на телата. Во Извештајот, Европската комисија меѓу другото наведува, цитирам: „Вработените во полицијата ги немаат потребното знаење и искуство за квалитетен надзор на техничките прегледи на возилата – надзорот се врши површно и формално. Во МВР нема систем за нивно стручно оспособување и континуирано усовршување“. Заклучок: Од горенаведеното може да се заклучи дека образованието на контролорите во СТП и инспекторите во МВР не ги исполнува барањата на Директивата 2014/45/ЕУ. За да се надмине оваа состојба е потребна синергија помеѓу МВР (ги има ингеренциите), Министерството за образование (факултетите и стручните училишта) и приватниот сектор (овластените сервиси и увозниците на возила и на опрема за ТП). Нема координирана соработка помеѓу нив. Не се користат постојната стручна литература и знаењата на Институтот за возила. Одговорните во државните институции ги игнорираат понудите за соработка. Во контекст на ова е и приказната за камиларот: Тој пред умирање им се обраќа на камилите со молба да му ги простат гревовите. Тие му одговараат: „Сѐ ти простуваме, само не ти простуваме што магарето го стави на чело да го води карванот“.

Тодор Давчев

Авторот е редовен професор на Институтот за моторни возила при Машинскиот факултет во Скопје