Сите парадокси од Украина

Факт е дека рускиот народ има значаен придонес во победата над фашизмот и дека во голема мера го спаси светот од Хитлер. Но, исто така, факт е и дека во времето пред Хитлер да се одлучи да тргне на Москва, Сталин му бил „најбољи другар“. Да не забораваме дека пред да тргне на Москва планот за поделба на Полска во триесет и деветтата е заеднички, и сега пак да бидеме докрај коректни, советски (не само руски) и германски. Во пракса, од меѓународноправен аспект, тоа, драги мои, ви е „Пактот за ненапаѓање помеѓу себе“, кој го потпишале Молотов и Рибентроп

Додека ситуацијата во Украина добива локализирана интерпретација и поларизирање на масите по однос на тоа „за кого си“, и покрај тоа што Западен Балкан си е парадокс сам по себе, Украина продолжува да предизвикува со парадоксите, кои го најавуваат оформувањето на новата реалност. На Балканот речиси во секоја од земјите ситуацијата е слична на онаа кај нас. Дел од масите е за Русија и дел од масите е со водството, кое е против илегалната инвазија врз Украина. Во исто време постои ерозија на евроатлантската поддршка или расте евроскептицизмот. Каде е грешката? Дали во информациите за Украина или, пак, за информациите што се случува со политичките елити на Балканот и начинот на кој тие владеат, е прашање на кое Западот ќе треба, најверојатно, да напише поправна. Дополнително, ќе треба да размисли добро како без речиси да потрошат и рубља, се рушат напори вредни милиони долари и евра. Овие средства и вложен труд се потрошени добронамерно за демократизација и транзиција. Далеку од тоа дека нема прогрес и дека сите овие напори се залудни. Но малите „ситници“, како сѐ погласната „стабилитократија“ – која барем засега само се препознава без да се преземат сериозни чекори за да се сузбие или, пак, билатералните небулози прво на Грција, па сега на Бугарија и, секако, зошто да не потенцијално (иако е повеќе шоу) на Хрватска, се работи од кои може да се почне. Ако ништо друго, ваквиот став да се земе барем како претпоставка – хипотеза за проблемот што е реален, која, секако, може и да се побие – ако се побие. Но додека овие парадокси си тлеат и на кои се навикнавме, Украина, како што реков, си „гази“ со парадоксите. Сепак, во тој контекст прославата на Денот над победата на фашизмот распламти и една друга дилема. За две реалности за кои, најверојатно, постои илузија што е дел на политиката во историјата, а дел и на заборавените сојузништва што постоеле и што влијаеле на резултатите за победата што се слави. Прославата на овој ден исто така ги потврди и претходните претпоставки дека во Украина ќе се „нагледаме“ на парадокси, како во оперативна така и во геополитичка смисла. Тие парадокси се на сите страни кај нас во регионот (за кои нема да зборуваме оти тука се чини сѐ е повеќе од јасно), за Русија, за Украина и, секако, за Западот.

Ќе тргнеме по ред. За Русија овој ден требаше да биде голем ден. Според иницијалната реторика што срамежливо се изрелативизира откако Кремљ сфати дека нема да има брза победа, Денот на победата над фашизмот се прослави како што се прослави. За Путин ова требаше да биде Денот Д, на кој најверојатно ќе треба да почека, а по обидите за контраофанзива на украинските одбранбени сили на отпорот може и да не ги дочека. Руската „специјална воена операција“ требаше да биде круна на идејата за новата ревизија со која Русија сака да му пркоси на западниот либерален свет. Дали прерано се почна целата идеја или не, допрва ќе треба да видиме. Но она што е јасно е дека тоа во пракса не се случува. Русија, оперативно според западните критериуми, се мачи со Украина. Пиарот што се форсира од Москва во однос на Денот на победата го изедначи овој ден со она што за Русија е специјална операција. Од друга страна, сѐ погласни се аналитичари од Западот, кои на свој начин одговараат на руската глорификација на победата од Втората светска војна, артикулирајќи неколку поенти. Тука е следниот парадокс во целата оваа „каша попара“. Имено, додека Русија сака да го нагласи фактот дека таа е најзаслужна за победата над фашизмот, дел од западните експерти подвлекуваат една поинаква слика, која, да се разбереме, има сериозна логика. Имено, во тие аргументи се наведува дека прво, Црвената армија не била составена само од Руси, туку и од другите што беа дел од СССР. Меѓу нив имало и Украинци што се бореле против нацизмот. За да не останеме недоречени, факт е дека рускиот народ има значаен придонес во победата над фашизмот и дека во голема мера го спаси светот од Хитлер. Но, исто така, факт е и дека во времето пред Хитлер да се одлучи да тргне на Москва, Сталин му бил „најбољи другар“. Да не забораваме дека пред да тргне на Москва планот за поделба на Полска во триесет и деветтата е заеднички, и сега пак да бидеме докрај коректни советски – (не само руски) и германски. Во пракса од меѓународноправен аспект, тоа, драги мои, ви е „Пактот за ненапаѓање помеѓу себе“, кој го потпишале Молотов и Рибентроп. Со овој пакт, всушност, Полска е поделена на источен дел, кој требало да му припадне на СССР, и западен дел, кој ѝ припаднал на Германија.

Откако на први септември Германија ја окупира Полска, Сталин на 17 септември го прави истото тоа. Внимавајте, парадоксот од тогаш, мошне слично како и сега, е грижата за етничките Украинци и Белоруси, и нивна заштита од полска доминација. На пример, териториите што СССР во тоа време ги присвоил од Полска источно од линијата на Курзон по Втората светска војна остануваат во Украина и во Белорусија. Во март 1940 година постои уште еден договор – протокол познат како „Советско-Германски протокол“, со кој се гарантира новата граница меѓу СССР и Германија. За да не се удавиме во историја, епилогот по „Барбароса“ на сите им е познат. Рибентроп е осуден по војната за прекинување на договорот и една од правните основи поради која е осуден е за илегална војна. Она што во обидот Русија да го земе целиот крем на советскиот придонес во Втората светска војна дополнително никаде речиси и да не се споменува е материјалната помош што СССР ја добил од САД. Тоа може да се провери, го признава и Сталин. Само како за илустрација, од САД како придонес се дадени 14.000 авиони, Повеќе од 7.000 танкери над 37.000 камиони, и околу 350 милијарди долари помош (во тоа време) од кои 32 отсто ги зема СССР. Само како за потсетување, како и тогаш и денес во САД постои сериозна опозиција на помошта што САД ја давале на Европа и СССР.
Следен парадокс што Украина го генерира е фактот што произлезе од изјавата на претседателот на Украина, Зеленски. Тој со право подвлече дека милиони Украинци се бореле против фашизмот и дека го дале животот за тоа. Но факт е дека баталјонот од околу 900 ултрадесничари, кои се агресивни и со поведение спротивно на сите политики на либералната демократија, е дел од официјалните сили на Украина подолг период (од 2014 наваму). Дека тоа е доволно да се оправда каква било руска инвазија на земјата е повеќе од небулозно. Но дека е парадокс е повеќе од јасно, без оглед на сите пролиберални напори да се оправда присуството на овие дечки во официјалните редови на украинските вооружени сили. Процентот е мал. Тоа е факт. Дека тие не успеаја да се „факторизираат“ и да се легитимизираат е исто така факт во Украина. Но само како за илустрација како контратеза за сите што ќе се обидат да ги релативизираат е следното прашање, замислете, еве, во рамките на идните европски сили од буџетот на Унијата да се спонзорира една чета на Брејвик. Да, на Андрес Брејвик, кој имаше своја морална приказна (од негова перспектива) за она што го сторил. Без да заземаме натаму став ќе констатираме дека ова е парадокс сам по себе.
И конечно за крај, додека многу хуманитарни организации ја актуализираат идејата за гонење на руските челници пред меѓународните тела или судење за злосторства против човештвото и меѓународното право, во пракса сите напори, барем засега се за пораз на „Руската специјална операција“ во Украина. Со тоа, да се разбереме, идеите дека во реалноста ќе се примени сценарио како во Југославија, Руанда или Африка, тешко ќе се остварат.

Методи Хаџи-Јанев

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД.)