Што научивме од сослушувањето на технолошките гиганти за социјални медиуми

Обвинувањето против извршниот директор на „Тикток“ за комунистички симпатии го отвори прашањето колку кренатата прашина околу загриженоста за безбедноста на децата на платформите на социјални медиуми може да служи и како политичка алатка и злоупотреба од државите или властите

На 31 јануари 2024 година, Сенатот на САД одржа сослушување на темата „Онлајн заштита на децата: испитување на улогата на компаниите за социјални медиуми“. Сослушувањето беше свикано за да одговори на загриженоста за безбедноста на децата на платформите на социјалните медиуми. Беа поканети извршните директори на големите технолошки компании, вклучувајќи ги „Мета“ (поранешен „Фејсбук“), „Тикток“, „Икс“ (поранешен „Твитер“), „Снеп“ (матична компанија на Снепчет) и „Дискорд“. Централна тема на сослушувањето беше сексуалната експлоатација на деца (СЕД/CSE), сериозно прашање за онлајн платформите. Сенаторите изразија длабока загриженост за распространетоста на таквите содржини, истакнувајќи ја леснотијата со која предаторите можат да ги експлоатираат децата на интернет.
Она што беше нагласено во повеќе наврати е потребата технолошките гиганти да преземат посилни мерки за заштита на децата. Извршните директори на секоја компанија беа опширно испрашувани за тоа какви напори вложуваат за да се борат против СЕД на нивните платформи. Тие наведоа различни мерки што веќе ги имаат спроведено:
– Модерирање на содржините со користење автоматизирани алатки и човечки модератори за идентификување и отстранување на содржините.
– Механизми за известување и отстранување со алатки за пријавување сомнителна содржина.
– Соработка со органите за спроведување на законот
– Проверка на возраста, пред сѐ, построги мерки за да се спречат малолетниците да пристапат до несоодветни содржини.
– Едукација на корисниците, особено децата и родителите, за безбедноста на интернет и како да се заштитат од онлајн предаторите.
– Загриженост за ефективноста на мерките
Сето ова се чини премногу генерички. Овие мерки веќе се применуваат и не даваат резултати во зголемувањето на безбедноста. Исто така се поставува и прашањето колку се применува вештачката интелигенција на ова поле. Таа секако може да направи повеќе, со оглед на нејзината способност за препознавање матрици во човечкото однесување, а со тоа и брзина на детекција, означување, отстранување и пријавување на потенцијалните престапници. Но тоа веќе почнува да личи на научнофантастичен филм во кој потенцијалните престапници се фаќаат пред да направат престап, како во филмот/книгата „Малцински извештај“.

Во однос на постојните мерки, и самите сенатори на САД беа скептични во врска со нивната ефективност. Тие укажаа на континуираното присуство на СЕД-содржини на платформите и се сомневаа во адекватноста на напорите на компаниите да го решат проблемот. Конкретните прашања што предизвикуваат загриженост, а кои ги поставија сенаторите, ја вклучуваат ефективноста на алгоритмите за модерирање на содржината, особено нивната точност и ефикасност во откривањето и отстранувањето на сомнителните содржини; улогата на шифрирањето што ја штити приватноста на комуникациите на корисниците и влијанието врз менталното здравје на децата.
Сенаторите на САД ја признаа сложеноста на проблемот и ја препознаа потребата за соработка помеѓу технолошките компании, креаторите на политики, агенциите за спроведување на законот и други. Тие ја истакнаа и важноста на транспарентноста од технолошките компании, повикувајќи ги да дадат подетални податоци за распространетоста на СЕД-содржините на нивните платформи.
Никој не го оспорува тоа дека треба да има поголема контрола на негативните аспекти на социјалните медиуми, но се поставува едно битно прашање – дали таа контрола води кон злоупотреба и собирање приватни податоци и во случаи кога тоа не е потребно. Токму тоа се случи кога Едвард Сноуден во 2013 година ѝ ги обелодени на јавноста глобалните активности за надзор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ/NSA) во соработка со меѓународните партнери. Тогаш се дозна дека АНБ во соработка со меѓународни организации собира податоци директно од серверите на големите американски технолошки компании. Тие податоци вклучуваат е-пошта, документи, онлајн разговори, историја на прелистување и други видови онлајн комуникации на обични граѓани, политичари, влади и практично (ако сакаат и на) секој човек на планетата. Тогаш националната безбедност, контратероризмот и разузнавањето беа наведени како причина, но кој вели дека и безбедноста на децата нема да биде искористена за истото тоа?
Уште еден негативен момент од сведочењето, во инаку позитивната и добра намера на Сенатот на САД, е испрашувањето на извршниот директор на „Тикток“ во врска со неговото државјанство и врските со Кина. Начинот на кој беше испрашуван дали е член на кинеската комунистичка парија потсетуваше на „лов на вештерки“ и практиките на мекартизмот од 1950-тите години, за време на Студената војна.

Мекартизмот (според американскиот сенатор Џозеф Мекарти) се однесува на периодот на интензивна антикомунистичка хистерија и политичка репресија во САД во текот на 1950-тите, карактеризиран со неосновани обвинувања, ставање на црни листи и прогон на поединци осомничени за комунистички симпатии, често базирани на малку или никакви докази. (Овој период е популаризиран во филмовите како „Фронтот“ (1976) со Вуди Ален, „Виновен според сомнение“ (1991) со Роберт де Ниро, „Крусибл“ (1996) базиран на драма на Артур Милер, „ЏФК“ (1991) на режисерот Оливер Стоун, „Трамбо“ (2015) за животот на сценаристот Далтон Трамбо. Тие зборуваат за опасностите од масовната хистерија и лажните обвинувања, прикажуваат една општа атмосфера на сомнеж, теории на заговор, страв од комунистичка инфилтрација и нејзиното влијание врз американското општество).
Се разбира, мекартизмот подразбирал и политички прогони, уништувања на кариери и затворски казни, што тука не е случај, но неколку тактики се исклучително слични во делот со сослушувањето на директорот на „Тикток“: тактиката на наметнување вина по пат на асоцијација (без конкретни докази), ширењето страв и параноја и притисокот за признавање со упорно поставување на едно исто прашање додека не се добие посакуваниот одговор. Сето ова е со цел да се предизвика сомневање за лојалноста поради националноста и наводните врски со Кина.
Фокусот на сослушувањето можеби би требало да се прошири, не само на темата што беше доминантна туку општо за безбедноста на децата на интернет, како што се сајбер-малтретирањето, онлајн вознемирувањето и зависноста што ја предизвикуваат социјалните медиуми. Темата на менталното здравје беше опфатена на претходното сослушување.
Извинувањето на Закерберг на родителите чии деца биле жртви не беше перципирано како искрено. Тој спомна дека „Мета“ има над 30 алатки за подобра безбедност за децата на интернет со функции за родителите како временски ограничувања и онлајн следење на интеракциите и комуникациите на нивните деца. „Мета“ има инвестирано 20 милијарди долари во безбедносни мерки, со работна сила од околу 40.000 луѓе за да се справи со овие прашања. Меѓутоа, скорашните извештаи укажуваат дека ваквите мерки не се ефикасни. „Злосторствата поврзани со слики од злоупотреба на деца (CAI) се зголемија за една четвртина во изминатата година“, според извештајот на „Гардијан“. „Речиси половина од инцидентите се случуваат на Снепчет, со 26 отсто на Фејсбук, Инстаграм и Ватсап“. Се поставува прашањето – ако мерките не се ефикасни, зошто воопшто се применуваат. Тоа останува мистерија.

Расправата во Сенатот на САД за безбедноста на децата на интернет послужи како клучна платформа да се нагласи сериозноста на проблемот и да се повикаат технолошките компании одговорни за нивната улога во заштитата на децата. Додека извршните директори наведоа различни иницијативи преземени од нивните компании, сенаторите останаа неубедени во нивната ефикасност, барајќи посилни мерки и пристап со соработка за справување со тековниот предизвик. Она што треба да се направи, според нив, е континуирана контрола од законодавците, измена на законите и напори од технолошките компании за подобрување на своите безбедносни мерки.
Сомнителниот момент со обвинувањето на извршниот директор на „Тикток“ за комунистички симпатии отвора и едно друго прашање. Колку кренатата прашина може да служи и како политичка алатка? Особено со изборите во САД на повидок. Колку таа контрола, причинета од добра намера (заштита на децата) и намалување злоупотреба (од престапници), може да предизвика негативни последици (намалување на приватноста, следење и собирање податоци од невини…) и злоупотреба од страна на државите или властите.

(Республика.еду.мк)