Шарени револуции во црно-бел филм

Грузија врие, тепачки по улиците, тепачки и во парламентот – овој пат поводот е новиот закон за странски агенти, кој таканаречената џен зи (генерација зед) воопшто не го разбира, зашто таа е дел од глобалната мрежа – но калапот за еден таков закон е направен во времето на црно-белиот филм и, ни повеќе ни помалку, некаде во Америка

Во 2015 година, некаде во септември, со указ потпишан од тогашниот претседател на Украина Петро Порошенко бев ставен на украинска црна листа. Забрана за влез во таа земја од една година. Обележан новинар. Етикетиран. Без некое посебно образложение за таа драконска мерка, но е потенцирано дека заедно со другите на листата сум бил опасен за националните интереси на Украина. Сите се против црни листи, и Европа и Америка, но постојат. Цели системи и структури работат за да обележат некого, да го маркираат. Државите сакаат на тој начин да се заштитат, да го обезбедат својот систем. Но и да им се мешаат во кујните на другите држави, да ти го отворат капакот на тенџерето и да видат што вариш. Ако не им се допаѓа, ќе си стават свои мирудии и ќе ти ја расипат манџата. И тоа пак ќе ти го спакуваат како демократија.
Капакот на тенџерето сега е отворен во Грузија и таму се ставаат мирудии што власта воопшто не ги сака. Копјата се меѓу власта и опозицијата, повеќето невладини и граѓански организации се на нож поради новиот закон за странски агенти. Тепачки по улиците, насилно влегување во парламентот, неизвесност… Што ли уште ѝ треба на Грузија откако помина толку многу турбуленции? Веројатно шарена револуција?! Критичарите (една корисна воопштеност ако сакаш нешто да протнеш) тврдат дека законот е смислен по калап на Кремљ (директно оди на адресата на Путин), кој го користи во борба со опозицијата. Владата во Тбилиси објаснува дека во иднина невладините организации што се финансирани со 20 проценти или повеќе ќе се сметаат за странски агенти и на тој начин сака да обезбеди транспарентност во финансирањето. Дали можеле да најдат подобар модел на контрола на финансиите? Веројатно да, но тоа не е сега поентата.
Повеќе од очигледно е дека големите играчи создадоа погодна почва на ширење изми и пизми. И тоа е една од нивните главни алатки. Живееме во време кога на Запад, а со обиди и пошироко да се создаваат нови протоколи на мудрите од Сион, памфлет во кој за сите несреќи на планетата се виновни Евреите, но тоа се сега Русија и претседателот Владимир Путин.

Премиерот, пак, на Грузија, Биѕина Иванишвили, не мисли така и јавно кажа дека „светската партија на војната“ на Западот ја втурнала Грузија во конфликт со Русија во 2008 година и за пет дена била поразена. Поранешната грузиска дипломатка Натали Сабанаѕе, која сега работи за лондонски „Четам хаус“, на тие ставови коментираше: „Параноиден антизападнизам“, популизам и говор на омраза.
Од овие изјави јасно е дека целта е остварена, општеството е опасно наелектризирано и поларизирано.
Од Европската Унија, пак, на Грузија ѝ порачаа дека со таков закон нема шанса да станат членка во 2030 година. Заканите се слични како и кон Македонија – ако не го смените Уставот, нема членство. А, Македонија смени и Устав и знаме и име… а членството го нема на видикот. Но, иако Америка сака да го забрани Тикток, една генерација наречена џен зи (родени меѓу 1995 и 2010 година), како што објасни грузискиот претседател, токму тие сега се бунтува и не разбира ништо за законот. Ним им е неразбирлив. Тие научиле англиски јазик на Јутјуб, цврсто се поврзани и се една глобална генерација.
Е, таа глобална генерација многу лесно може да го пронајде калапот на ваквите закони, кои ги имаат многу земји, не само Грузија. Законот е од времето на црно-белиот филм, кога немаше платформи на кои младите ќе висат по цел ден и ќе сонуваат дека се глобално поврзани. Поврзани околу што и за што? И можат ли да видат дека и покрај молскавичната брзина на ширење сликички, па и информации, црно-белиот филм се одмотува. Околу нас, околу нив.
Законот за регистрација на странски агенти (ФАРА) е американски закон од 1938 година, дизајниран да го ограничи влијанието на странските влади и странската пропаганда во Америка. Законот налага од „агентите“ или оние што ги промовираат интересите на странска сила или „странскиот налогодавец“ да го обелоденат таквиот однос и какви било активности или финансирање поврзани со промовирање на споменатите интереси.

И не само што критичарите велат дека ФАРА е несоодветна за современиот свет туку широката дефиниција на ФАРА во моментов не вклучува само странски влади туку и странски поединци, фондации, непрофитни организации, компании или други субјекти.
Но, како што беше прикажано во антологиската сцена во филмот „Жандармот во Њујорк“, кога Луј де Фин ги учи колегите полицајци на основни англиски фрази. „Моите цвеќиња се убави“, вели едниот полицаец, а другиот чита: „Твоите цвеќиња не се убави“, и така ќе се испокараат. Еден од полицајците ќе се осмели да му каже на шефот Де Фин: „Вашиот пристап не е добар. Лоша одлука. Затоа што секој си го брани својот кредибилитет, својата личност, па ако сакате и своето его и својот пристап. Своите вредности“.
Да се потсетиме дека некогаш најубаво мирисаа цвеќињата на поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, предводникот на „револуцијата на розите“, која го урна претседателот Шеварнадзе. Саакашвили помина два мандата, имаше добри резултати, но поради скандали ги изгуби и грузиското и украинското државјанство. Моментално отслужува затворска казна.
Сето ова личи како на филм, но да се прашаме – кој ќе дели колачиња некаде во Тбилиси? Америка или Русија?

Христо Ивановски