Родова еднаквост од Адам и Ева

Темата за односот маж – жена е во фокусот од постанокот на човекот. Кога станува збор за библиското гледиште за жените, мислењата се поделени. Од една страна е мислењето дека Светото писмо ги омаловажува жените, дека е строго према нив, од друга дека токму жените го вртеле светот уште од неговиот настанок

За да стане модерна држава, меѓу другите обврски што ги презела Република Македонија (сега Северна) пред западните господари е задачата да обезбеди родова еднаквост. Иако родовата еднаквост е еднаквост меѓу мажот и жената, кај нас главната цел е да зајакне жената наспроти мажот. Излегува дека Македонија, по својата природа, била машка држава и треба полека-полека да станува и женска. Особено преку жените во политиката.
Темата за односот маж – жена е во фокусот од постанокот на човекот. Кога станува збор за библиското гледиште за жените мислењата се поделени. Од една страна е мислењето дека Светото писмо ги омаловажува жените, дека е строго према нив, од друга дека токму жените го вртеле светот уште од неговиот настанок.
Религиите не биле милосрдни кон жената. Повеќето религии ја презирале или сѐ уште целосно ја презираат. Така е во будизмот, во христијанството, во муслиманството, како и во други религии нам помалку познати. Таму преовладува мислењето дека жената по природа е зло суштество, суетно и болно. Мажот и жената не се истоветни по природа ниту пак еднакви во правата над природата. Затоа од жената се бара понизност, послушност и скромност.
Според Стариот завет, на почетокот бог го создал светот за шест дена, а на седмиот ден (сабота) се одморил. На седмиот ден во седмиот час тој ги создал Адам и Ева. Прво го создал Адам, а потоа Ева. Додека Адам спиел, Ева била создадена од неговото ребро. Таа била создадена „од мажот“, „за мажот“ и очигледно со послаба телесна сила од човекот. Таа е додадена како дополнение на мажот да му биде од телесна помош и со него да направат поколенија што ќе го формираат човечкиот род. Оттука верувањето дека жената му е потчинета на мажот. Тоа е библиски факт, кој многу феминистки, а и некои други жени тешко го прифаќаат.

Според средновековните теолози, секој човек поседува дух и душа. Духот е машки, душата е женска. Во првобитниот грев почетна улога имала душата, односно Ева, која по наговор на змијата каснала од забранетото јаболко, а Адам го потврдил гревот. Кога Господ ги изгонил од рајот затоа што не го послушале, преку Ева ја казнил жената еднаш месечно да има работа со крв.
Ева ја означува чувствителноста на човековото суштество, означува жена, тело, сладост, расност. Не треба да се заборави дека името на овој женски архетип е реверзибилно. ЕВА, како и АНА, може да се чита одлево надесно и оддесно налево, и тоа воопшто не е случајно. Овој збор го симболизира фактот дека жената како и ангелите има, за разлика од мажот, двојна природа.
Адам како маж е прв во поредокот на природата, врв на земната творба, врховно човечко суштество. Тој е прв во смисла дека е одговорен за едно цело поколение што потекнува од него. Го симболизира и првиот грев, искажан преку изопаченоста на духот, бесмисленото користење на слободата, одбивањето на секаква зависност и невнимателното доближување до бог. Адам е создаден според божја лика, но во сите преданија човекот што се стреми да се изедначи со бога е казнет со страшна казна.
Според друго верување, жената што е создадена заедно со Адам е Лилит. Но Адам и Лилит не се согласувале, се карале, кој е поважен и посилен, кој треба да го има последниот збор. Кога видел Господ што се случува, ги претворил во прав, а потоа одново го создал човечкиот род преку Адам и Ева, поделувајќи ги на маж и жена, кои се разликуваат меѓу себе.

Третманот на жената во историјата, филозофијата, уметноста секогаш бил различен. Платон кажал дека жените имаат исти способности како и мажите, само што таквите се во помал број. Античкиот филозоф не ги сакал жените. Во едно од своите дела се колебал дали жената да ја стави меѓу луѓето или меѓу животните поради нејзината претерана раздразливост и избувливост. Нема речиси ниту еден славен уметник за кого жената не била тема – како љубовница, сопруга, мајка или како недостижен животен идеал.
Жената отсекогаш неспорно била еден од најголемите поттикнувачи на човековиот ум и неговата енергија. Инспираторка, мотиваторка. Но и тука има реска поделба – жените се инспираторки, но мажите се вистински и големи творци. Има жени што свират одлично, но не ни дале славен композитор. Има жени познати музи, но не стигнале до врвот на литературата. Има жени што постојно зборуваат, но не ни дале некоја славна ораторка. Градација имало и кај хероите и хероините, вторите секогаш биле на пониско место.
Значи, ако е точно дека жената не создала големи дела, уште поточно би било дека ништо големо не е создадено без жената.

[email protected]