Фото: Архива

Во организација на здружението „Антика“ и Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје, на 6 мај 2023 година во просториите на Философскиот факултет во Скопје со почеток во 10.30 часот, ќе се одржи јубилејниот 50 Државен натпревар по класични јазици за учениците од гимназиите и средните училишта од Македонија.
На натпреварот учествуваат ученици од средните училишта од цела Македонија. Учениците се натпреваруваат во три категории според степенот на изучување на јазикот и според струката: почетно ниво за гимназија латински и старогрчки јазик и почетно ниво здравствена струка латински јазик.

-Државниот натпревар по класични јазици финансиски и организациски го поддржува Филозофскиот факултет. Во организацијата активно учество земаат и студентите од Институтот за класични студии. За време на натпреварите натпреварувачите ќе можат да се запознаат со студиската програма и со активностите на Институтот за класични студии и на Философскиот факултет, и да го посетат Археолошкиот музеј при Философскиот факултет – вели претседателот на „Антика“ д-р Марија Чичева Алексиќ.

За време на натпреварите здружението вообичаено го одржува своето Годишно собрание. Здружението постои од мај 2001 година. Тоа е здружение на професионалци и студенти кои се занимаваат со истражување, унапредување на образованието и наставата по класичните јазици и литература, преведување на дела од класичните автори, негување на античкото наследство во Македонија и популаризација на класичната филологија.