Република Македонија vs. парадржавата на ДУИ

Ќе ја победи ли Републиката конечно парадржавата на ДУИ? Изминатава недела, македонската јавност повторно се соочи со најголемата аномалија на домашниот политички систем, која слободно можеме да ја наречеме „парадржавата на ДУИ“. Како и секое политичко чудовиште и парадржавата на ДУИ има повеќе татковци, започнувајќи од инерцијалниот момент на американските и на европските интервенции во балканските држави во изминативе триесетина години, преку федералистичкото толкување на Охридскиот рамковен договор, па завршувајќи до целосното рушење на СДСМ како политичка партија по 2006 година. Токму парадржавата на ДУИ е најголема опасност за иднината на демократијата во Македонија, смртна закана за Охридскиот рамковен договор (особено за неговиот дух) и највисока пречка за европската интеграција на земјата.
Изминатава седмица граѓаните ја следат драмата во македонската контрола на летањето, еден од најчувствителните државни системи. Веројатно одамна била прелеана чашата кога Синдикатот на контролорите на летање одлучи да го превитка табакот и да најави штрајк сè додека не се искорени партизацијата на оваа институција. Вчудовидената јавност прво се судри со кршење на уставно загарантираните права на работници и безумна злоупотреба на институциите. Претседателот на Синдикатот на контролорите на летањето, Александар Тасевски, бил приведен во полиција поради пријава од раководни лица од самата институција. Ваква груба злоупотреба требаше да заврши со итно разрешување од функциите на директорите во контролата на летање, како и на министрите на внатрешни работи и за транспорт и врски, но тоа беше само увертира. Веднаш потоа во контролата на летање, институцијата што се грижи за безбедноста и сигурноста на македонското небо, која бдее над животот на сите глобални номади што ја прелетуваат Македонија, влетале улични насилници, пуштени внатре од извесен Беким Незири, претседател на разгранокот на ДУИ во Чаир, кои започнале физички да напаѓаат и вербално да се пресметуваат со контролори на летање, насред работно време и додека трае нивниот надзор над небото. Тоа беше моментот кога парадржавата на ДУИ беше во својот зенит.
Претходно видовме огласи каде што се бараа гинеколози од албанска народност, а уште се свежи се сеќавањата на полицајката што самата себеси се тресна од возило на пајак–службата.
Во 2001 година, воениот конфликт во Македонија беше заклучен со Охридскиот рамковен договор. Етничката герила не успеа да се прошири во клучните центри каде што беше сконцентрирано албанското население во Македонија, но успеа да го преживее судирот со македонската војска и полиција (мултиетничка, граѓанска и државна, за разлика од етношовинистичката УЧК). Судирот заврши со Охридскиот рамковен договор, демобилизација на герилата и нејзина легализација, како политичка партија. На тој начин беше згрижен и дел од оригиналната УЧК што не доби удомување во Косово. За несреќа, беше поткопана демократската врвица на Македонија, особено во делот на меѓуетничкото македонско-албанско усогласување. Наместо демократскиот дијалог низ институциите, сега беше претставен факторот на поранешна герила, со потенцијал за дестабилизација на земјата, но и меѓународниот фактор како посредник. За САД и ЕУ стабилноста на Балканот беше критична точка, па затоа се инсистираше ДУИ задолжително да биде дел од власта поради опасноста од нивна повторна радикализација. Ова брутално беше осознаено во Македонија кога по изборите од 2006 година ДУИ привремено отиде во опозиција, но и покрај јасниот демократски мандат властите беа принудени да склопат некаков Мајски договор со ДУИ и да ги внесат во власта по 2008 година. Веројатно дел од протагонистите на тие настани се срамат да ги прераскажуваат вечерите (и пијанките) каде што се одигрувале цели драми на убедување и разубедување. Ќе остане да лебди во воздухот колку навистина ДУИ имаше потенцијал за дестабилизација во 2006 година, а колку странците дуваат во јогурт. Нејсе, „стабилократијата“ на Балканот, тој излитен и никогаш докрај необјаснет концепт, во Македонија се сведе на вечно учество на ДУИ во власта со меѓународен благослов, поточно со поддршка на американската и европската дипломатија.

Вториот столб на парадржавата на ДУИ беше федералистичкото толкување на Охридскиот рамковен договор. ДУИ не мисли дека Македонија е граѓанска држава туку дека е федерација на етникуми, па граѓанинот со државните институции комуницира преку посредник, олицетворен во политичка партија. Дното на ова изопачување на граѓанството во Македонија дојде преку противуставниот концепт на „балансерот“. Оваа алатка го загрозува самиот принцип на „правична и соодветна застапеност“. Целата идеја на овој концепт е да се овозможи рамно поле за игра, независно од етникумот, јазикот или вероисповедта, но и краен резултат. Така дојдовме до етничка дискриминација при вработувањата во државната администрација и чудовишните еднонационални вработувања на доктори, инженери, контролори на летање и така натаму. Уставниот суд, нормално, молчи иако се газат човековите права, се нарушува еднаквоста на граѓаните и се разоруваат институциите. Федералистичкото толкување на Охридскиот рамковен договор е и причина за постојано зголемување на меѓуетничките тензии. Покрај апартхејдот врз мнозинството, во Македонија се создаде ситуација каде што најдискриминиран слој на општеството се Албанците што не се членови на ДУИ. Фрустрациите од неможноста оваа многубројна група да има пристап кон институциите на државата, раѓаат етнонационалистички одговор. Без укинување на поттикнувачите на федералистичкото толкување на Охридскиот рамковен договор тешко ќе се зачува принципот на „правична и соодветна застапеност“ и ќе се произведуваат нови меѓуетнички тензии.
Последната состојка што ја градеше парадржавата на ДУИ е рушењето на СДСМ како политичка партија. По изборите од 2006 година, тие веќе немаа идеја каде да се позиционираат на политичка сцена (отворена е дискусијата дали во 2006 година започна програмското лутање на СДСМ или тоа има далеку поранешен датум). Тогашното ВМРО-ДПМНЕ го освои политичкиот центар и понуди платформа за сеопфатен развој на државата. СДСМ се обиде да се претстави како некаква европска и граѓанска алтернатива на ВМРО-ДПМНЕ, но граѓанството не го купуваше тоа. Очајот на постојаните порази ги доведе до Зоран Заев, човек без никакво политичко јадро и со политички менталитет на ситен трговец. Политичката беда на СДСМ ја породи последната инкарнација на ДУИ. Кафеанската анализа во Македонија вели дека длабокиот судир помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ја востоличи парадржавата на ДУИ, но реалноста е поинаква. Неможноста да понуди кохерентна политичка алтернатива на ВМРО-ДПМНЕ од СДСМ произведе скитник на политичката сцена, кој тажно заврши со авантурите на Преспанскиот договор, договорот Петков – Ковачевски и ги однесе во целосно заложништво од ДУИ.

По изборите ќе следува долг процес на враќање на Македонија на врвицата на демократијата од каде што земјата излезе во 2017 година. Повторната демократизација е невозможна без темелно демонтирање и разградување на парадржавата на ДУИ и укинување на сите елементи на федералистичкото толкување на Охридскиот рамковен договор. За такво нешто се доволни инструментите на правната држава во Македонија, елементарното пристојно вршење на власт и редовното вршење на државните функции. Во една европска и демократска држава нема место за насилство со политичко покровителство. ДУИ ќе се обиде повторно да игра на картата на сопствениот потенцијал за дестабилизација на земјата, но и на меѓународните посредници. Ќе биде смешно и одвратно кога ДУИ ќе списка дека се предмет на дискриминација или кога ќе се обидат повторно да ги извадат чизмите од таванот и крвавата кошула на УЧК. Сега е 2024 година, ДУИ е над 20 години во системот и го исцица до гангренозност, а и на Албанците од Македонија веќе им се здодевни старите и излитени фрази, пароли и песни од оваа партија. Парадржавата на ДУИ е товар за Албанците во Македонија. Таа е партиска творба за богатење на една тесна врхушка, еден грст поединци, за сметка на маката на сите граѓани во Македонија, независно од етникумот.
Одговорот на Република Македонија против парадржавата на ДУИ треба да биде европски, демократски, граѓански, правен и институционален. Време е личностите и концептите што нè уназадуваат да бидат повторно испратени на буништето на историјата.

Ивица Боцевски