Помрачување на „нормалното“

Како си?
Како сум?
Како успеавме да го создадеме овој хаос?
Како да излеземе од овој хаос?
Ако сте и вие емпатичен тип што се грижи троа фазла – често си ја тормозите главата со разни прашања. Пролет е, има зумбули и лалиња, сонцето грее… би требало да пишувам за дејтови во парк, пикник на ќебе, кафе во омилениот локал… а јас сум заглавена на прашањето што веројатно во сите овие пригоди би си го поставиле еден на друг. „Како си?“
Кој одговара искрено на ова? И ако е тоа случајот – има ли до себе уши што ќе го ислушаат? Има ли другата страна време, трпение и мудрост во себе за да му помогне на другиот? Да знаете колку често посакувам да „одзнаам“ некои работи. Па, да седнам и јас во најблискиот парк, да одговорам со „добро бе, сѐ по старо“ на прашањето „како си“. Да отидам на шопинг зашто работам вредно и заработувам доволно за да се дотерам – наместо да чувствувам аверзија кон истото тоа и да добивам напади на анксиозност во трговскиот центар од што сум свесна за патолошкиот консумеризам што владее како пандемија во светот. Без да помислам од каде доаѓа памукот, колку умови се испрани со медиумите дека облеката ќе ги направи посреќни и повеќе ценети, поубави и повредни…
Ќе останам сама, си велам. Која будала сака да ми ги слушне овие мисли?! Кој неарен сака на убав сончев ден, седнат на кафе, да слуша за тоа колку ме боли што дозволивме во 21 век да се случи војна, што за кафето што го пиеме – осумгодишни деца во Гватемала работеле 12 часа за да можат да вечераат, што татковината ми доживува (уште еден) разгром, што и во 2023 година жени умираат во обид да абортираат, бидејќи некој таму рекол дека тоа е погрешно и противзаконски?!
Како да се грижам помалку? Како се станува игнорантен, кога еднаш си станал с(о)весен?! Се грижи ли и тој што му е важно какво знакче имам лево на маицата? (Никакво, генерално, ама ме разбирате.)

Кој е загрижен за уништувањето на природниот свет, нееднаквоста, корпоративниот зулум врз природата, нашите опсесии со раст (growth, growth, growth!!!) и падот на политичката дебата за тоа што да се прави?
Кој оди низ животот со помислата дека сите сме исти – животни што еволуирале? Од каде ни е правото да се делиме на црни, бели, богати, сиромашни, важни, неважни?! Колкава е нашата моќ? Дали сме поголеми и поважни од едно зрно песок во пустината?!
Политичарите, економистите и другите обликувачи на јавното мнение нè поттикнаа да прифатиме „модерна“ идеологија на екстремна конкуренција и индивидуализам што нè спротивставува, нè прави анксиозни и прави да не веруваме едни на други. Ги ослабува социјалните врски што ги прават нашите животи вредни за живеење. Приказната за нашата натпреварувачка, самомаксимизирачка природа (Биди својата најдобра верзија! Биди повеќе! Направи повеќе!) е раскажувана толку често и со таква убедлива моќ, што ја прифативме како единствена вистина за тоа кои сме ние всушност. Тоа ја промени нашата перцепција за себе. Нашите перцепции, пак, го менуваат начинот на кој се однесуваме. Така, дозволивме основните човечки квалитети да добијат номинална вредност наспроти квантитативните вредности: пари, дипломи, станови, скапи предмети итн.
Почна да ми тежи багажот. Колку би било лесно кога би можела да се одедуцирам за некои појави и неправди што се случуваат во светот. Да се вратам на почетокот. Да се родам пак и да битисувам како табула раза. Тогаш не би ми причинувало проблем што направил и кажал некој плиток човек. Би била имуна на простотилак и неправди.
Туку, да се свртиме кон посветлата страна. Преку здружување за да го оживееме животот во заедницата, ние – хероите на оваа приказна – можеме да го прекинеме магичниот круг. Преку повикување на нашиот капацитет за заедништво и припадност, можеме повторно да ги откриеме централните аспекти на нашата хуманост: нашиот алтруизам и желност кон помагање еден на друг. Со оживување на заедницата, со верба и борба за помрачување на „нормалното“, можеме да ги вратиме најдобрите аспекти на нашата човечка (животинска) природа.

Сакам своја градина. Сакам да зборувам за универзумот, алармантната потреба да се засадат повеќе дрва… Сакам да зборувам со некој што е луд по нешто што не чини цело богатство. Друштвена игра. Одгледување зеленчук и овошје. Кучиња (ако сакаш да слушам, зборувај ми за кучиња). Танцување. Патување. Книги (не можам да доловам колку силно посакувам луѓето повеќе да читаат). Пливање. Пишување…
Модерната колективна целина е направена да им одговара на сите, затоа никому не му одговара. Мразам „Така треба“ и „Така е редот“ идеологија. Слепото следење на „нормалното“ и општоприфатеното ги уништува слободата, индивидуализмот и можностите.
Големината на човекот се состои во тоа да се ослободи од стегите на колективноста. Одбивам да одговорам „Супер, еве, сѐ по старо“ на „Како си?“. Посакувам секој да [почне да] се бори да се извлече од јатото што не знае каде тера.
И за крај (односно почеток) – кој е со мене?

Билјана Арсовска