- Градежни мафии може да градат цел град во Гостивар, а не можат водовод. Кој го држи Вруток? – Испитајте! Дали се мотаат некои вооружени формации во Рашче? – Испитајте – па потоа затворајте. Белки ќе затворите и некоја ајкула или мафијаш, а сега не смее никој ни да им писне, ни да им врисне, ни да им стисне, ни да им мрцне, ни да им црцне, ни да им прцне…. – а не некои баби или сурогати што не знаат ни каде се наоѓаат…. добро де добро, можеби се регрутирани или злоупотребени од опозицијата!
Повторно алудирам на прочуеното отворено писмо на Емил Зола под наслов „Обвинувам“ (J’accuse) од 13 јануари 1898 година на втората страна на весникот „Л’орор“ во врска со обвинувањето и затворањето на Алфред Драјфус, француски артилериски офицер во врска со наводно оддавање тајни на германската армија. По ова писмо се поведе повторна постапка и произлезе дека Драјфус не бил виновен, а кривицата му е нафрлена поради тоа што бил Евреин, а во Франција антисемитизмот бил омилена тема, како впрочем и сега. А и затворањето беше омилена тема. А и гилотината беше омилена тема во Франција, сѐ до 1981 кога е укината, благодарение на Роберт Бадентер. На некои богами им се плаче што не можат и сега да ја применат. Нацистите масовно ја употребуваа за секој збор против системот.
Зборот и смртта се брат и сестра. Еден мој пријател полицаец и разузнавач деновиве (денес е 14 август) ми се јави велејќи: „Самуеле, па и тебе ќе те апсат оти пишуваш за загадување на водата!“ Прво се стресов, па му реков „стар сум, па ако ме апсат ќе ме спасат од животот, оти тоа нема да го преживеам, па ќе се спасам од мизеријата што доаѓа!“ „Добро де – а што е работата?“ – прашав. Па ете некои абдали на Фејсбук тврделе дека водата за пиење во Скопје, односно Рашче, била веќе загадена со ешерихија коли и некој лежел на Инфективна клиника поради инфекција. Неколку биле приведени поради „ширење лажни вести и паника“, што значи СДСМ и опозицијата индуцираат паника преку лажни вести за да создадат хаос. Точно е дека такви дезинформатски методи се користат од моќните разузнавачки служби со одредена цел. И му реков на пријателот – прво јас не сум од СДСМ и опозицијата, но тоа не е важно, бидејќи и тие имаат право да искажуваат свое мислење и критики. Точно е дека колегата и претседател Филипче знае „да истресе зелени“, но брате мили, тоа е демократија! Нели ја сакавме демократијата? Со право. Во комунистичкиот систем за слободни кажувања се одеше во затвор. Се сеќавам на случај кога една наша пријателка отиде на Голи Оток на 2,5 години, бидејќи кажала виц за „белата лала што тежела 100 кила“ (а белата лала алегорично беше другарот Тито). Вицот му го кажала на својот дечко, кој „совесно“ ја исцинкарил во УДБА. Такви сме ти ние, „народ совесен“. Инаку, жената беше херој на Првата пролетерска бригада, но си одлежа на Голи Оток за виц. Таквата ситуација се викаше „вербален деликт“ (демек ти си непријател против комунистичката партија) и се одеше на Голи Оток или затвор. Многу умреа таму, од познати причини. Инаку, градоначалникот на Скопје спектакуларно испи чаша вода за да покаже дека не е заразена. Одлично! Потсеќа на славниот д-р Роберт Кох, кој пиел вода во Лондон за да види дали има колера. Ајде сега нека пие вода од Бунарџик – и тоа е Скопје, а селаните велат дека водата не е за пиење. Срам да им е. Ќе ги апсиме ли селаните? Наместо ајкули, апсат абдали. Социјални мрежи (како Фејсбук или Тикток) не читам, бидејќи тоа е „берза“ на секакви лаги и порнопедофилни шљакотини, а политичарите (сегде не само кај нас) ги милуваат. Податоци како и вие добивам од државни весници и ТВ.
Е па, таму кажаа дека „има опасност“, а не актуелност, од загадување на Рашче поради некоја голема депонија во близината (јас не ја видов, но тие ја покажаа), потоа пред две-три години покажаа некоја „црна вода“ во опасна близина, а неодамна и дека постои опасност од загадување со шествалентен хром, кој е доста токсичен. Мојот коментар е да се обрати сериозно внимание од овие опасности. Сериозно да се проверат (и редовно проверуваат) сите води во Македонија – особено тие за пиење, потоа мочуришта, но и сите други. Денес во медиумите пак покажаа отпадни води наоколу. Ќе чистите или ќе апсите? Вардар, поради канализациите, знаете дека е хемиски и микробиолошки загаден. Им се чудам на оние деца што се фрлаат во Вардар за да го фатат крстот – и веројатно само Господ ги штити од инфекции и труења. Во Велес, Вардар смрди-корне и не може да се поминува во близина. Во Охридско Езеро (нашиот бисер) се пушта канализација. Пред петнаесетина години „експерти“ од контролната станица ми велеа дека по 30 метри во длабочина, нема опасност од бактериите. Значи бактериите „научиле“ што е тоа 30 метри, па не одат понатаму. Мајката! Како ни го бушат мозокот! А за вируси ништо не чув за Гостивар. Има некои триесетина вируси што може да ја загадат водата – норовируси, ротавируси, хепатитис А и Е, ентеровируси (на пример полио, коксаки, еховирус), аденовируси, астровируси, пикорна, калицивируси, реовируси, флавивируси итн. А каде се паразитите, протозоите, па и прионите (во седиментот). Мислена именка за нас. Секако – нема пари! – А каде се парите? Градежни мафии може да градат цел град во Гостивар, а не можат водовод. Кој го држи Вруток? – Испитајте! Дали се мотаат некои вооружени формации во Рашче? – Испитајте – па потоа затворајте. Белки ќе затворите и некоја ајкула или мафијаш, а сега не смее никој ни да им писне, ни да им врисне, ни да им стисне, ни да им мрцне, ни да им црцне, ни да им прцне…. – а не некои баби или сурогати што не знаат ни каде се наоѓаат… добро де добро, можеби се регрутирани или злоупотребени од опозицијата! За интрахоспиталните инфекции (смртоносни) и понатаму сме први во Европа! Министрите и службите немаат време за тоа. За хепатитис Б сѐ уште сме меѓу првите во Европа! Ѓубрето во Клиничкиот центар е намалено – но сепак постојат депонии (мали, маленки). Фекалиите од Тасино Чешмиче си дифундираат накај Детската клиника и Клиниката за хематологија (страшно опасно за оние со леукемии и малигноми). Прикаската за кадрите во медицината е „весела долина“. И ова ли е вербален деликт? И за ова ли ќе апсите? Борба со комарците – велите да биде индивидуално – мајката!
Така им велат на оние од Африка – индивидуално да се чуваат од комарци и маларија, денга, зика, жолта треска, чикунгуа, нилска треска и други тропски болести. Зошто? – Затоа што јавното здравство кај нас е никакво – тапа – нула! Санитарните инспекции немаат авторитет (во т.н. социјализам или комунизам тие беа закон и страв и трепет до ужас). А прскањето против комарци не било ефикасно – мајката! Зошто? Пари-пари-пари…. „нема пари“… а каде се парите што порано ги имаше за прскање? Ааааа – треба сами да се погрижите (да ги бркате комарците по џбунови)… мајката! Е па, ќе има западнонилска треска. Што се секирате – умираат главно старци! Па што ќе ви ги старците – ликвидирајте ги, па ќе станеме „млада нација“ како Индија. Се согласувам дека политички фактори ја користат можноста, па преку здравјето и медицината си прават пропаганди и предизборни маркетинзи. А без Грција не можеме! Ние нив милијарди, а тие на треска. Ај, колку сме умни! Но главниот фактор за нашата семедицинска трагедија е примитивизмот. Примитивизам, драги читатели – и кај политичарите, функционерите, наставниците и кај широките народни маси! Како ќе го решиме примитивизмот? – Со затвори и Голи Отоци? Со препукување меѓу партиите (наш најомилен специјалитет)? Со заминување во странство? Не, не, драги читатели, – прво со закони, а многу-многу поважно, образование и култура. Се сеќавам на моето прво одделение – учителката секое утро ни ги прегледуваше рацете и ноктите и ако не беа во ред – нѐ праќаше да ги средиме. Од прво одделение учевме за бактерии, вируси, паразити и амеби. Јас, за жал, бев „најдобар“, бидејќи ги имав поминато сите инфективни болести („докторско дете“). Водата и тогаш се хиперхлорираше, но болестите ги фаќав во провинција каде што често одевме. Од прво одделение се прави човек. Од прво одделение се станува граѓанин. Во прво одделение се создава ум, а после умот е „прошетка“. Прашувајте стари доктори (ако ги најдете), а особено – санитарни инспектори. Изворите беа строго чувани од армијата (како и сега во развиените и нормални земји). Кој ги чува сега изворите – приватници? Учкисти? Или никој. Чии се изворите и водата? Приватни? – Ај бе, не мрчи Самуеле, си имаме Охридски рамковен договор, па рамковен ум, „хомо рамковикус“… Рамче бе… пиј вода, диши воздух и не мрчи! А Љубченце го прашал Џафери (интервју на ТВ 24) дали сака да ја делат Македонија? Џафери вели – не! Па сигурно, зошто да им ја даде на Косово и Албанија, наместо тој да џапне! Рамковната е братска делба – твоето е мое, а моето е мое… капиши? Љубченце вели тој ја создал Македонија.
А без него и Албанците ќе сме биле српски свет. Вистина ли е? Медиумите го обожаваат Љубченце? – Плаќаат ли Бугарите? Еден глуп граѓанин вреска „еееееј – гонете ги криминалците, криминалците, бре, наркодилери, мафиози, битангите и ајкулите, а не Драјфуси и шушумиги“! Шушле. Дали една ајкула, барем само една сте уапсиле? Бог да чува – страв ви е и да ги погледнете, а камоли да ги пипнете! Бацујте им ги рацете, нозете и сешто на џихадистите бацујте… тие ве пумпаат со пари за да правите глупости како во Гостивар и да мастурдрдорите… чекај, чекај – а Десеттиот коридор, од каде вода? Добро де, добро – доаѓаат избори! Парички требаат! Пари, бе! Ајкулите се гладни. Гладни се бре! Уште на телевизија ги испрчувате ајкулите како да се холивудски ѕвезди! Пак и пак! Нѐ прават идиоти со нивното лажење, крадење, џихадисување, бализам, баци-бугаризам… А можеби и сме идиоти! Учевме дека и во мирот е војна и непријателот секогаш е најблизу, тука, врз вас, демне постојано, знае за вас повеќе од вас! Државата да се чува како „зеница во окото“… Ах бе, Самуеле, пак си кај тој глуп социјализам!


































