Не очекував дека зборовите на мојата симпатија Каја Калас, чија строга убавина секогаш ја доживувам како утринска насмевка на пролетта среде која се мешаат мирисот на кафе што ѝ го подготвувам и гласот на Марија Калас… што сакав да кажам? А да, не очекував нејзините зборови така силно да ме вознемират, затоа што…
Русјаков, престани да флертуваш низ колумните, им трошиш време на читателите, колку и да се расфрлаш со поетична патетика, залудно…
Што залудно? А љубов е љубов? А платонска љубов?
Платон е досаден, патем, никогаш не споменал такво нешто, сосема е погрешно интерпретиран. И да, мажена е.
И ти си во право. Океј, силно се вознемирив, откако мадам Каја Калас им порача на членките на Европската Унија, но пред сè на државите со кандидатски статус, да не го лаже некој умот да се истопори на 9 мај среде Москва, на парадата по повод 80 години од победата над фашизмот. Е па, проблем! Токму тоа планирав да го направам. Да одлетам за Москва на 9 мај. Добро сега, не буквално. Немам пари за такво нешто, ниту веројатно некогаш ќе имам. Планирав да одлетам со мисливе токму накај Москва и… не на парадата. И не баш во Москва. Ама близу Москва. Во Рјазанска губернија. Село Константиново. Е, мадам Калас, колку би било убаво заедно да испиеме шише вино во дворот на куќата на големиот Сергеј Есенин и додека заоѓа сонцето…
Русјаков!!!
Се извинувам, се извинувам! Ми вознемири мадам Калас. Им се закани на лидерите на ЕУ, но и на оние држави со кандидатски статус… А зошто ме вознемирија нејзините зборови? Па, јас не сум членка на ЕУ. Ниту планирам да се зачленам. Нема шанси, последен пат се имам зачленето во библиотека пред речиси четириесет години, ама таму ништо не ми забрануваа, напротив, ми даваа книги и ми ја хранеа фантазијата, а ваму, во ЕУ, сенешто забрануваат.
Можеш да одиш таму, не можеш да одиш ваму. Ова може, она не може. Добро, смеам барем да се чувствувам како жена? Океј, тоа може, смеам да се чувствувам како жена и да тврдам дека сум жена, сеедно што оној забеган Врховен суд на Велика Британија донесе одлука дека само личност родена како жена може да биде жена, ама Британците, фала му на бога, не се веќе во ЕУ. Патем, ова кај нив не е злонамерно, само превенираат да не случајно многу мажи се изјаснат како жени и така да ескивираат одење во војна против лошите Руси.
Што ми беше муабетот? А може ако се чувствувам како жена да им кажам на Орбан и Фицо… Не може! Не може да се дружиш со Орбан и Фицо, тие двајца се неранимајковци што ќе ти влијаат негативно на твоите идни… Добро, добро! А може, ако веќе се чувствувам како жена, да се чувствувам како лезбејка и да се викам Марин Ле Пен, сеедно што некоја друга Марин Ле Пен може не е лезбејка, па да се кандидирам за претседателка на Франција и кога ќе победам, да ја запросам Урсула и штом таа рече „Да, да!!!“, да ја однесам на свадбено патување со трансибирска железница, во купето на соништата каде…
Престани! Не може! Мислам, може… Да, може. Односно, нешто може, а друго не може. Може да се чувствуваш како жена, како лезбејка, ама ако се почувствуваш како Марин Ле Пен, не може да бидеш претседателка на Франција, а да не зборуваме колку многу не може да патуваш со таа озлогласена трансибирска железница, барем да беше трансродова железница, ама… И престани бре со тие флертови. И Урсула е мажена. Има седум деца.
Ти да не мислиш на Урсула Игуаран? Не се сеќавам дека имаше седум деца, ама Урсула Кордеро нема деца, но има партнер и, да, не е убаво да се флертува со мажени жени или жени во врска, само што тоа е тоа, кога наместо во ЕУ, се зачленуваш во библиотека, фаќаш погрешен пат и не растеш со Алински, Бжежински и Фукујама, туку со Есенин, Керуак и Лорка, па логично е потоа да станеш кучкин син, постојано на пат, во љубов со неверни жени, туку Урсула…
Ако ме вознемирија зборовите на мадам Каја Калас, тогаш изјавата на мадам Урсула фон дер Лајен ме фрли во тешка филозофска депресија. Таа рече дека Западот каков што го знаеме веќе не постои. И сега што да правам јас? Каја Калас не ми дозволува да одам на Исток, а ваму, како да останам тука на Запад кога она што го знаев веќе не постои? Како се останува во нешто што не постои? И ако тоа што го знам веќе не постои, дали тогаш постојам и јас? Како може тоа што беше досега, веќе да не е и ако стварно не е, дали јас сум уште тука или ме снема со тоа што веќе го нема? Морници ми лазат по телото. Стравот ми се шири како рецесија. Умот ѝ воведе страшни царини на логиката и сега…
Аман бе, Русјаков, па тоа сакаше да го каже и Урсула. Дека Запад каков што го знаеме веќе не постои, откако Доналд Трамп победи.
Па реков, Камала требаше да победи. Сум читал, само убавината ќе го спаси светот, а мадам Харис во гените има диверзити, во очите носи…
Пак флертуваш? Како да ти се објасни дека твојата поетска патетичност може да ја фрлиш во депонија. Не поминуваат такви будалаштини кај овие прекрасни либерални жени што го менуваат светот. Мора многу нешта да промениш кај себе, да преминеш преку пречки за да се прошириш, телесно и интелектуално во нивните светогледи.
Така рече и мадам Марта Кос. И да ги земеме Бугарите во уста, и да ги ставиме во Устав, не значи дека нема да има пречки во проширувањето на ЕУ со нас.
Оти ЕУ сака диверзити, може бел маж да се чувствува како црна жена, лезбејка, ама и пеперутка, која тука ќе замавта со крилата, а веќе таму, на другиот крај од светот ќе заплива со перките, ама не може некој туку така да мисли дека е Македонец или Македонка. Не може до толку диверзити, мора да има и некои пречки. И не е доволно да им ги препишеме на Бугарите нашите корени, думи и битисување, треба да има и други пречки за наше интегрирање. Не може да узурпираме нешто што не е наше. Ете, Франција сигурно ќе побара од нас да се откажеме од помфрит и од бакнување. Па, нели тие ги измислија? Германија да ни акне вето, нема интегрирање додека мажите и жените тука не престанат да се однесуваат како фраери и фрајли кои потоа стануваат гастарбајтери, па брзо-брзо се трансформираат во гилиптери и потоа бива курцшлус во гените на Ариевците. Италијанците нормално ќе ни забранат паста, оти ние погрешно ја нарекуваме каладонт, а Шпанците секако можат да ни ја забранат шпанската инквизиција.
Русјаков, стварно не ја очекував шпанската инквизиција.
Никој не ја очекува шпанската инквизиција.