Најважната споредна работа во Македонија

Ако некој помисли дека ќе пишувам за фудбалот – греши. Впрочем, во Македонија тој одамна по ништо не е „нај“. Тоне во некое сивило (секоја чест на поединци што блескаат на меѓународна сцена). Пишувам во миг на очаен недостиг од инспирација. Можеби е посоодветно да кажам дека ме завладеале тотална депресија и чувство на немоќ пред сето лудило што ни се продава за нормалност…, а пишувањето колумни е најбесмислената работа во такво време, што само го продлабочува јазот. Како да водиш разумна дебата, дијалог или да редиш аргументи кога спроти себе имаш соговорници како онаа на која „Егејците“ ѝ се исто што и Египќаните или Евреите, или со поранешната судијка од Стразбур, која се прави „на Тошо“ и води неуставна комисија за промена на Уставот, па уште за деловници се фатила? Како? За Најчевска имам свое мислење (и лични искуства), но она нејзино „пукање“ среде дебатна емисија со еден (божем) новинар аналитичар, кој од црното прави бело и од американско знаменце – европско, сосема го разбрав. И сочувствував. „Капак“ беше интервјуто со оној што ќе бил премиер 11 години: ти му велиш „платите си ги качивте до небо“, тој ти зборува за зголемен минималец и за евроинтеграции! И да, тоа било владеење на правото, кога Уставен суд ќе ги направи богаташи прекуноќ.
Во мојот доброволно избран егзил од јавниот простор ќе се појави едвај некој да ме покани на разговор, но одбивам – затоа што не ја гледам смислата! Дури и пишувањето колумни веќе не е толку лековита работа за менталното здравје и хигиена, бидејќи секоја седмица станува бреме и потсетување за тоа каде и како живееме. Како што вели мој колега и пријател, извонреден колумнист: нашата читачка публика сака „гладијатори“, некој што ќе се бори и вика за нив, за таа да може да си дреме пред социјалните мрежи. Кога ќе се испукаме, добиваме лајкови; кога се обидуваме да промислиме подлабоко или едуцираме, одговорот е штама. Зарем осамен глас во пустина ќе промени нешто? Па, ние веќе живееме во паралелни светови, кои немаат никаква допирна точка еден со друг! И во политичка, социјална, културна, медиумска смисла… Би, додала, и во академска.

И токму тоа е темата на оваа колумна: изборите за нов ректор на УКИМ како најважната споредна работа во овој калабалак. Ние на универзитетот си знаеме дека некои луѓе кампањата ја водат веќе подолго време, византиските игри и тајфи се одамна формирани. Но од денес почнува еднонеделното претставување на шестемина колеги. Јас проследив едно ТВ-соочување – и доволно ми беше. Кандидатите веќе ги имав „прочешлано“: го проверив нивниот академски статус, особено на меѓународен план и цитираноста (за волја на вистината Груевски беше многу во право за оној пусти „импакт-фактор“). Има таму за секого по нешто: од луѓе што студирале 10 години и имаат биографија од едвај две странички, до сосема солидни академски профили. Јас си ги проверувам на Скопус: стави го името и кога нема ни да ти даде резултат, не го ни препознава професорот, пиши пропало. Нејсе! Не верувам дека тоа ќе превагне на „изборите“. Навидум демократски, со непосреден избор, ама некои други резони доминираат во заднина (од политички и бизнис-кулоари, до кафеани и јавни промоции). По 40 години работен стаж на УКИМ, плус 3,5 години студии на Правниот факултет, имам доволно добри причини да бидам цинична. Јас едвај и да се сеќавам на избор на ректор што не бил под сенка на сомнежи за многу сериозни девијации, па дури и употреба на нечесни средства или менување правила за избор среде процес за да помине однапред избраниот. Се чини, најдобрите ректори со кои сме можеле како универзитетски кадар и како граѓани да се гордееме биле оние што го воделе УКИМ пред да се родам. На пример, Блаже Конески бил ректор кога сум се родила; пред него бил друг великан како Петрушевски. Тие подоцнежните не ги ни паметам (освен по некој скандал), ниту ме интересирале ниту влијаеле на универзитетските работи. Биле, како што ги опишува мојата драга пријателка и колешка, професорката Гордана Богоева-Гацева, како ликот на Меша Селимовиќ („Тврдина“): заѕидан во себе; како могила. Отцепен од стварноста, оддалечен од колегите. За волја на вистината, морам да признаам дека еден ректор реагираше на мојата колумна објавена на овие страници под наслов „Ректор не е за**анција“ (кога купуваа нов „мерцедес“): љубезно ми се јави, ме покани на кафе, ми елаборираше што и како, имаше потреба да објасни. Тоа го почитував, иако „мерцедесот“ се набави.

Можеби оние од нас што „заскитале“ случајно во таа елита, а кои не биле „деца од фамилии“, имаат проблем „сами са собом“ што никако не успеваат да се вклопат во таа елита и нејзината изврзаност. Зградата на Ректоратот секогаш била нешто отуѓено, некако вештачки припоено на она што инаку бил мој дом. Таму никогаш не сум се чувствувала дома. Нивните преокупации со висока политика, тоги и „мерцедеси“, редот во кој се наоѓале при државните протоколи, поклонувањето пред премиери и министри, заемно доделување награди и признанија – сето тоа нема никаква врска со она што јас сум го работела и (ќе го) работам. Моите „ректори“, поточно вистински ментори и гуруа, биле неколку големи луѓе што сум ги сретнала во светот, а кои ми помогнале да си го најдам местото под академското сонце. Затоа, изборот на ректор, како и на сенатори (колку важно звучи!), е нешто што го следам од страна: ниту кога сум била млада, ниту сега пред пензија, мојата основна мисија ќе зависи од тоа за кого ќе гласам. Всушност, уште не сум одлучила дали воопшто ќе излезам на гласање, знаејќи дека улогите се веќе поделени, гласачките тела подготвени. Имам доволно бела коса за да им оставам на младите да си изберат свој фаворит – јас веќе гледам како да си ја заокружам кариерата и да се посветам на градината и пишувањето.
Чувме горе-долу слични описи на тажната состојба на УКИМ и ветувања дека нашите колеги имаат џокер в рака со кој ќе го поправат тоа. Еве, чувме и за „интернационализација на УКИМ“, иако поим немам што тоа значи. Тој што го заговара тоа го нема на Скопус. Никој го нема цитирано во меѓународните кругови. Нејсе! Некој треба да биде на тоа место, исто како што и на чело на факултетите има декани (и таа битка е еднакво беспоштедна како и оваа, ректорската). Од досега видената ТВ-дебата можевме да заклучиме дека и новинарското гледање на универзитетот и тоа на кандидатите личи на отстојана вода. Главниот акцент беше на две нешта: соработка со капиталот и европска агенда! Ништо ново од она што досега се вергла, додека се вработуваат тешки медиокритети и партиски кадровици, кои божем ќе го подигнат статусот на УКИМ. Она што не го слушнав, а што во вакво време-невреме ќе ми/ни значеше многу беше – безобразно високиот ректорски додаток! Да објаснам: УКИМ е универзитет на кој професорите се со најниски плати, а ректорот има највисок додаток. Оттука легитимно е да се праша: која е вистинската мотивација на кандидатите, дали некој од нив би се пријавил ако го нема тој лавовски плен, или дали некој ќе се заложи за негово симнување барем на ниво со кое ќе се приближи до најдобрите професори што го чинат универзитетот – универзитет? Молкот по ова прашање ме потсетува на „логиката“ на премиерот, кој вели: мораме да ги почитуваме законот и Уставниот суд, односно да ги земаме безобразно високите плати.
За крај, како што е ред: секој од кандидатите зборуваше со пиетет за тоа дека УКИМ е најстариот и најдобар, а дека тој/таа ќе го направи уште постар и подобар.

Признавам, имам проблем со тоа, особено кога ќе се сетам колкумина министри изнедрил тој УКИМ од редот на своите професори (еве, да ги броиме само оние за образование, правда и економија) и да видиме до кое дереџе сме како општество. Точно е дека денес државата го запостави тоа свое чедо и фаворизира само негови поединци, ама молкот е громогласен. Ние досега не сме се ни погледнале во огледало да се прашаме: што оставивме како влог во научна смисла (нè препознаваат ли подалеку од Табановце) и колку ѝ помогнавме на државата да биде пристојно место за живеење. Еве, со ова реторичко прашање ќе завршам, и со убава мисла за мојот сакан професор Ѓорѓи Марјановиќ, кој никогаш не беше ни ректор ни академик, а кој направи повеќе од сите собрани на тие листи.
Можеби е сепак подобро да гледаме фудбал. Таму најквалитетните ќе ја добијат Лигата на шампионите.